29.6.14

Сите затвори во пламен: солидарност со затворените другари и другарки

(Грција) Масовен затворенички штрајк со глад против новиот терор над затворениците


Aко сите се сложуваме дека нема ништо попрекрасно од затвор во пламен, тогаш ајде да ги вооружиме нашите мечти и да се фатиме за работа.


Во текот на наредната недела грчката влада ќе гласа по новиот предлог закон поврзан со создавање на нови и побрутални услови во концентрационите кампови, преку отворање на таканаречени затвори од Тип Ц. Новиот закон посебно се фокусира на затворениците осудени за тероризам и слични дела против државата и во него се предвидуваат нови услови кои имаат за цел комплетно да ги изолираат таквите затвореници, да ги лишат од сите „привилегии“ кои ги „уживаат“ останатите затвореници, како и максимално да ги продолжат нивните казни, така што оние другари што се означени како „опасни“ практично се под закана никогаш да не излезат од кафезот на теророт.

Предлог законот, меѓу другото, предвидува изградба на изолирани специјални оддели од тип Ц во затворите ширум Грција, минимум 10 години казна за осудениците за тероризам (со можност за континуирано продолжување на казната), одземање на правата за барање отпуст, условна казна и други погодности, како и рестрикција на комуникацијата со луѓе од другата страна на ѕидот. Со други зборови, целта на новиот закон е да изгради „затвор во затвор“ за да се зајакне репресијата и контролата врз „опасните“ затвореници, како и комплетно да се изолираат и скршат, и физички и ментално, внатрешните непријатели на Државата.

Борбата против воведувањето на овие затворски реформи веќе започна од двете страни на затворските ѕидини. Вчера се одржаа протестни маршеви и демонстрации во Волос, Серес, Ираклио (Крит), Лариса, Атина. Ноќта на 24 јуни, премиерот на Грција Антонис Самарас мораше да се соочи со присуството на гневни другари собрани пред неговиот дом во Атина во протест против донесувањето на новиот фашистички закон. 57 другари беа приведени таа ноќ, а потоа ослободени без обвинение. На 25 јуни, група анархисти од Солун кренаа огнени барикади од запалени гуми и го блокираа сообраќајот во градот, како чин на отпор против законот и солидарност со затворените другари. Анархисти од цела Грција се мобилизираат да им пружат поддршка и солидарност на затворениците по грчките зандани.

Од внатрешната страна на ѕидот, затворениците се организираат во најмасовниот штрајк со глад на затвореници досега, кој трае веќе осми ден по ред. Почнувајќи од 23 јуни, затвореници од 16 затвори низ цела Грција започнаа штрајк со глад. Бројката на затвореници што штрајкуваат се искачи речиси до 5.000 учесници во штрајкот: Коридалос (Атина) – 1480 затвореници; Патра – 550 затвореници; Гревена – 400 затвореници; Лариса – 330 затвореници; Домокос – 300 затвореници; Канија (Крит) – 280 затвореници; Нигрита (Серес) – 200 затвореници; Амфиса – 200 затвореници; Крф – 120 затвореници; Трикала – 120 затвореници; Маландрино – 120 затвореници; Авлонас – 100 малолетни затвореници; Кос – 60 затвореници; Коринт – 50 затвореници; Нафплион – 50 затвореници (заклучно до 26 јуни). Во затворот Аликарнасос на Крит, сите затвореници апстинираат од затворска храна.

Сите анархистички затвореници, вклучувајќи ги и членовите на затворската ќелија на Заговор на Огнените ќелии, се приклучија на штрајкот. Сите рочишта во судот на Теророт во случајот против членовите на ЗОЌ се прекинати додека трае штрајкот.

Вчера наутро другарите Михалис Николопулос и Панајотис Аргиру, членови на ЗОЌ, беа префрлени во затворската болница поради здравствени проблеми предизвикани од одбивањето на храна. Анархистичките затвореници Јанис Михаилидис, Аргирис Далиос и Никос Романос исто така беа испратени на медицинска нега во болницата во затворот Коридалос. Сила за другарите.

Штрајкот со глад ќе трае неодредено. Во соопштението на Комитетот за затворска борба, во кое се најавува масовниот штрајк со глад и барањата на штрајкувачите, се вели: Ќе се бориме да останеме луѓе, наместо човечки сенки затворени и препуштени на очајот.

Ова не е борба за „похумани услови“ во тврдините на теророт. Не може да има ништо човечко во концептот за репресивен режим кој со лишување од слобода ги казнува своите непослушници. Ова е една етапа во борбата против сите затвори и против општеството кое има потреба да ги создава. Ова е дел од борбата против секаква принуда и секаква власт.

Стоиме рамо до рамо во таа борба против Постоечкото, како што стоиме и рамо до рамо со затворените борци.

Солидарност со учесниците во штрајкот со глад.

Пламен за секој што држи власт и располага со „легитимно“ право на принуда над други.

Страста за слобода е поголема од сите затвори.

До рушење на сите затвори!

Црн Блок
29.06.2014, Скопје

повеќе инфо:

No comments:

Post a Comment