15.12.13

Контра-вести: Европа гори!

Ова се кризни времиња за владетелите, кои последниве години, од економската криза па наваму, треперат пред масите по улиците ширум целата планета. Изминатава недела беше особено бурна во многу градови низ Европа, и должни сме да го рашириме гласот за револтот против авторитетите, кој масовните медиуми - тие подмолни слуги на државата и капиталот - нема да го пренесат.

Вчера (14 декември) улиците на Мадрид, Шпанија се тресеа од масовните нереди меѓу полицијата и демонстранти кои се побунија против новиот закон што го изгласа репресивната шпанска власт, а кој ги криминализира не само уличните протести, туку и секаква „навреда“ против власта и полицијата. Според мејнстрим извори што треба да се прифатат со резерва, најмалку 23 се повредени, од кои 14 џандари. 
        
         
 Мадрид, Шпанија, 14.12.2013

Спорниот „Закон за сигурност на граѓаните“ предвидува казни и до банални 600.000 евра за учесници во „недозволени“ улични протести, и 30.000 евра за „недолични навреди“ против власта и државата. Тоа значи дека оваа држава, која поради запаѓањето во длабока економска криза постојано се наоѓа на раб на граѓанска војна, планира да ги полни до последно место затворите со секој од илјадниците што секојдневно во некоја точка од земјата организирано се бунтуваат против мизеријата која им ја донесоа штедните мерки на ЕУ. Шпанската власт го отпочна бранот на неофеудална репресија, која може да ја очекуваме и во другите земји на ЕУ, а најава за сличен репресивен закон имаше и кај нас пред некое време, за што веќе пишувавме

Изминатава недела беше најбурна во Италија, каде спонтано настануваа нереди во бројни градови низ земјата, а во нив учествуваа бројни и меѓусебно различни групи: од шофери, земјоделци, студенти, невработени, па се до десничарски фудбалски навивачи и ситни трговци. 

Торино, Италија, 14.12.2013

Во петокот, студенти се судрија со полицијата во Торино, што резултираше со четворица уапсени студенти. Претходниот ден, на 12 декември, студентите во Рим исто така жестоко се судрија со наоружани кордони, во гнев што изби поради присуството на италијанскиот премиер и други политичари на универзитетскиот кампус. Истиот ден во Милано се одржа антифашистички марш, а во Торино 8 студенти беа уапсени поради блокада на патишта. На 14 декември, во Венеција се одржаа анти-наци демонстрации, под логото No Nazi in my Town, при што џандарите во одбрана на нацистите, тепаа и апсеа демонстранти. 
Протестите во Италија се во голем дел последица на анти-ЕУ расположението кај италијанскиот народ.

Во Турција, двајца курдиски работници, Решит Ишбилир (35) и Вејсел Ишбилир (34), беа убиени пред 10тина дена од страна на турската полиција во текот на демонстрации против постојаните напади на гробовите на осуммина припадници на герилската HPG (Народни сили за одбрана). Курдите во Турција се постојано мета на фашистичките турски власти, но и се доста добро организирани во отпорот против таквите напади. Масовни демонстрации избија во Гевер, откако илјадници луѓе се собраа пред болницата во која беа однесени телата на убиените Курди, за да им оддадат почит. Ова видео покажува како полициски единици влетуваат во болницата и ги одведуваат телата на убиените, веројатно за да прикријат форензички докази, што предизвика голем револт на народот собран околу болницата. 

На 13 декември, атински анархисти ја запалија полициската станица и неколку полициски возила во населбата Егзархија (Атина, Грција). Полицијата одговори со последователно апсење на 70-80 случајни минувачи кој се нашле во Егзархија, вклучувајќи неколку имигранти, меѓу кои и еден малолетник. Видео


Рим, Италија, 12.12.2013

На 12 декември, студенти и професори машираа низ Австрија против мерките за штедење. Истиот ден, студентски демонстрации во Лондон против полициска бруталност. На 13 декември, во Брисел, жестоки судири меѓу пожарникари и полиција, на протест против кратење на плата и други социјални рестрикции. Масовни антивладини протести се одвиваа денес во Букурешт, Романија. Пред 2 дена во Љубљана, Словенија, се одржа протест под мотото „Капитализам - Корупција“. 

ПОЛЕКА ПОЛЕКА, ИМ ЈА ОДЗЕМАМЕ МОЌТА НА НАШИТЕ ВЛАДЕТЕЛИ!

Следете ја страната на World Riots на Фејсбук, каде секојдневно се известува за сите социјални немири и акции против капиталот и државата ширум светот. 

No comments:

Post a Comment