9.12.13

Против секаква власт!

„Земете го најрадикалниот револуционер и поставете го на престолот на цела Русија, или доверете му диктаторска власт - и за помалку од година дена тој ќе стане полош и од самиот цар.“


Михаил Бакунин, говорејќи за авторитарните социјалисти од неговото време (комунистите и социјал-демократите), со оваа мисла пророчки ја предвидел катастрофата што се случи со црвената диктатура на Советскиот Сојуз. Оваа максима подеднакво важи и денес, како за левите партии кои седат во парламент, така и за сите „револуционерни“ организации кои се стремат преку грабање на власта и задржување на државата, да го сменат моменталното репресивно општество, со - ново репресивно општество.
Каде што има власт - „макар и да ја држат најдоблесните“, ко што би рекол Бакунин - таму има и репресија.
Власта корумпира, и нема посигурна историска вистина од оваа.

Од тој што нуди благосостојба и слобода, а бара власт, може да се очекуваат само нови окови.

Ова е најосновниот и непремостлив раздор меѓу Црн Блок и левицата во Македонија и пошироко, што дава одговор на наивното прашање зошто едноставно не може сите да се обединиме. Отфрлањето на секаква власт и хиерархија е основна точка за која анархистите не прават компромиси. Затоа, меѓу Црн Блок и било која партија или екипа која аспирира да стане партија и од позиција на власт да го менува општеството, може да има само судир, но не и соработка. Во борбата против угнетувачите не можеме да се обединиме со идни угнетувачи. 

Затоа, секоја организација која се стреми кон власт, за нас е потенцијален класен непријател. Ова важи и за оние антикапиталистички организации кои ја поддржуваат државата, а со тоа ја помагаат репресијата и хиерархијата. Ние сме антикапиталисти токму поради односот владетел-роб кој се јавува меѓу газдата и работникот во капиталистичкиот систем, но репресијата врз работниците не е единствениот јарем кој го носиме на вратот. Рушењето на капитализмот не е можно без истовремено рушење на основниот репресивен механизам кој го одржува во живот: државата и нејзините закони. 

Секој кој озгора ни кажува како треба да ги живееме животите и не принудува да ги следиме неговите правила, за нас е тиранин кој мора да се смачка ако сакаме да сме слободни. 

ПРОТИВ СЕКАКВА ВЛАСТ!
ЗА СЛОБОДА, РАМНОПРАВНОСТ И СОЛИДАРНОСТ!

No comments:

Post a Comment