31.8.13

Власта и опозицијата здружено против народот: ДА ЗАБРАНИМЕ ДА СЕ ПРОТЕСТИРА

Политичките елити имаат нешто заедничко без оглед на идеологијата која ја застапуваат: примарна цел им е да си ја заштитат сопствената привилегирана положба. А сите елити, и тие од власта и тие од опозицијата, заеднички ја делат таа привилегирана положба која им овозможува да владеат и да ја наметнуваат својата волја на остатокот од населението. Па така, колку и да изгледа жолчен привидниот раздор помеѓу двете најголеми партии во РМ, ВМРО-ДМПНЕ и СДСМ, тој раздор е само театар кој служи за да исценира лажен избор за гласачите. За најсуштинските прашања, СИТЕ партии кои што го делат колачот на власта се секогаш согласни: дека капитализмот е единствениот добар економски систем, дека народот мора да биде поделен на владеани и владејачи, дека законите мора да им одговараат на богатите и дека останатите се принудени со сила да ги почитуваат тие закони.
Изминатата недела заседаваше Комисијата за утврдување на фактите околу инцидентот што се случи во Собранието на 24 декември 2012. Самиот инцидент не нѝ е предмет на интерес, затоа што беше само уште една театарска претстава која елитите ја одиграа за да ги замајат масите и да го поделат работничкиот народ. Тоа што не` интересира е заклучокот кој произлезе од заседавањето на таа Комисија, односно еден конкретен член од тој заклучок, зафрлен на крајот и незабележителен, кој носи име XI Препорака, и гласи вака:

НЕУТРАЛНА ЗОНА ОКОЛУ ПАРЛАМЕНТОТ
Заради остварувањето на непреченото работење на Собранието и на работните тела на истото, а во исто време и да се испочитува уставно загарантираното право на граѓаните на јавно собирање и изразување на своето мислење, Комисијата препорачува во деновите и термините кога заседава Собранието, со Закон:
Да се воспостави неутрална зона околу Собранието заради: засилување на интегритетот и независноста на Собранието, интегритетот и слободата на пратеникот.
Во неутралните зони, да не се дозволени манифестации (зона каде не смее да има притисок врз пратениците односно да се овозможи во секое време слободен пристап на пратениците до објектот на Собранието. Постојната зона која оперативно ја утврдува МВР технички е во ред, но истата мора биде уредена со Закон). Исто така, да се предвиди норма во случај на непочитување на оваа неутрална зона.
Што значи оваа одредба? Од ова што е (грубо) напишано може да се извлече дека ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ си се договориле дека најдобро за „интегритетот и слободата на пратеникот“, односно за правото истиот да си прави што сака еднаш штом е изгласан, е ако едноставно со закон се забранат било какви „манифестации“ додека заседава Собранието, а секој што ќе се дрзне да излезе на протест во тие денови, да биде инстантно апсен. Со оглед на тоа што годишно во Собранието се оддржуваат над 300 седници (на пример, во 2012 се одржале 31 пленарни седници и над 300 седници на работни тела и комисии), значи дека протестирање пред Собрание би било илегално прилично секој ден од годината, освен можеби за летни празници, затоа што „не смее да има притисок врз пратениците“. Неутралната зона технички ќе биде допрва утврдена со Закон, а нејзиното простирање може да биде и подалеку од собранискиот двор. 
Најголем дел од протестите се случуваат пред законодавните тела и надлежните институции, од каде што и изворно произлегува неправдата против која луѓето демонстрираат организиран отпор. Единствен механизам кој на народот му преостанува кога треба да се заштити од носење на репресивни закони е токму притисокот врз институцијата која тие закони ги носи, притисок во форма на насилен или ненасилен протест, демонстрација, окупација на јавни згради или работнички штрајк. Властите сакаат сосема да се осигураат од било каков притисок или закана која би ги спречила да си ја истераат волјата и да си донесат закон по свој терк, а оваа Препорака XI е само отворена врата низ која брзо и без многу медиумска галама набрзо ќе си донесат закон кој, кршејќи го дури и нивниот сопствен свет Устав, ќе го направи протестот илегален чин. На тој начин, последното законски дозволено средство за борба против репресивната власт ќе биде укинато со нов, репресивен закон. Последиците од непочитувањето на тој закон ќе го заплашат и онака уплашениот народ да не излегува на улиците, а полицијата ќе ни кажува кога и каде можеме да протестираме. Тоа е сонот за секоја власт. 
Законот не е уште донесен, но сосема сигурно можеме да очекуваме дека тоа ќе се случи. Да бидеме подготвени. Да бидеме претпазливи. Медиумите, во служба на елитите, ќе се обидат како и секогаш да ја заташкаат работата, како што направија и сега, кога само еден медиум објави вест за плановите да се воведе неутрална зона околу Парламентот. А кога ќе го донесат законот и кога ќе почнат да не` апсат затоа што се дрзнуваме да се спротивставиме на репресијата, нека им пресуди улицата! 






No comments:

Post a Comment