Бракот како институција е алатка на патријархатот, капитализмот и власта од самото негово постоење. Користа која владејачките елити ја гледаат во бракот е што преку бракот може да се врши контрола на жените, поделба на парите и ресурсите и да се засили моќта на државата над нејзините поданици. Како ефективно оружје за тивко поробување на човекот со векови наназад, бракот е една од најопасните институции создадени од општеството.
Во својата основа бракот е патријархална институција. Уште од самото настанување, неговата улога била да се зацврсне контролата на мажите врз жените, предавајќи ја жената од сопственост на таткото кон сопственост на сопругот. Фактот дека жената се доживува како сопственост на мажот се гледа и во закоравениот обичај жената да го носи презимето на таткото пред да се омажи, и на сопругот по склучување на бракот. (Дури и етимолошкото потекло на англискиот збор за „сопруг“ – husband, потекнува од поимот husbandry, со значење сопственост врз земја и животни.)
Најголем дел од насилството врз жени и деца се одвива во рамки на хетеронормативното семејство. Интимното насилство, сексуалното насилство, силување меѓу сопружници, инцест, насилство врз деца, економско насилство, се само некои од ужасите кои му се инхерентни на бракот. Најголем дел од семејното насилство резултира од сфаќањето дека мажот е глава на куќата и сопственик на семејство, па според тоа, може да се однесува со својата „сопственост“ како што сака. До неодамна, во многу земји од светот (а во некои и сеуште) семејното насилство не е ниту предмет на дебата, ниту било третирано во закони како нелегално. На пример, во САД силувањето на сопружници беше легално се до 1993. Во многу култури низ светот, и не само во исламските земји, насилство врз сопругата е нешто што се охрабрува од општеството и што се очекува од сопругот. Но, дури и во оние земји каде семејното насилство е забрането со закон, тоа се доживува како маргинален феномен и како нешто споредно во однос на некои други „страшни“ криминални дела, како употреба на дроги или илегална имиграција.
Но дури и ако зборуваме за „модерното“ семејство, односно за бракот кој одбива да се класифицира како „патријархален’ и кој не вклучува никаква форма на насилство, бракот сепак одбележува симболичко насилство против жената, затоа што е структура која се стреми да обезбеди неплатен женски труд. Кога жената ќе стапи во брак, таа истовремено стапува во премолчен договор, за кој била подготвувана целиот живот. Од неа ќе се очекува на мажот да му биде готвачка, чистачка, психолог, лична асистентка, секретарка и сексуална работничка, да му раѓа деца и да биде нивна негувателка, учителка, лекувателка, забавувачка, шофер и уште цел список други обврски. Без разлика што прави една омажена жена во нејзиниот живот надвор од бракот (кариера, образование, социјален живот, хоби итн.), на крајот на денот од неа се очекува да се врати дома и да почне со „втора смена“, служејќи му на семејството во нивниот дом. Тоа што толку многу жени го прават ова своеволно и со задоволство, не го менува фактот дека тоа е нивната улога во рамки на брачната структура, сакале или не.
Друга функција на модерниот брак е одржување на капитализмот. Бракот е, просто кажано, финансиски договор кој одлучува кој што добива и колку. До неодамна, а некаде и сеуште, бракот (беш)е средство за распределба на пари и имот помеѓу мажи на грбот на жени (на пример, „купувањето“ жена во исламските заедници, каде идниот сопруг мора прво богато да го дарува таткото на невестата со злато). Бракот исто така ја определува линијата на наследство. Преку бракот богатите можат законски да ги трупаат своите пари на едно место, за парите да не можат да се распределат на повеќе луѓе. Во некои случаи, бракот служи за да го осигура богатството или за да размени статус со пари и обратно. Со оглед на тоа што повеќето луѓе се мажат/женат со луѓе од своја класа, раса и религија, бракот тука игра улога на чувар на капиталот, статусот и привилегиите на една класа/раса, но од културен аспект служи и како чувар на закоравените традиции и култура.
Историски, бракот, за разлика од денешните романтични поимања за истиот, не се криел зад превезот на љубовта, туку отворено претставувал финансиски договор за исполнување разно разни цели, а особено во повисоките аристократски слоеви, каде бракот бил клучен фактор за доминација на една „крвна врска“ со векови. Кај пониските слоеви, бракот претставувал начин за едно семејство да си осигура повисок статус преку давање на својата ќерка за некој „над неа“, или едноставно да се ослободи од уште една уста за хранење. Денешните романтични визии за бракот (повлијаени од цела пропагандна индустрија, особено филмот) не ја менуваат содржината и поентата на бракот, која е иста како пред десет векови: распределба на богатството и репродукција на општествено-економскиот поредок – историски секогаш карактеризиран со нееднаква распределба и огромни класни разлики.
Бракот исто така го зацврстува обрачот околу вратот на мажите притискајќи ги да го прифатат сами товарот на финансиска поддршка на семејството, па така мажите се под притисок да бидат продуктивни граѓани, или со други зборови, робови на своите професии, каде ќе го поминат целиот свој живот за да можат да ги прехранат сите усти дома. И така, додека жената е робинка на мажот, на семејството и на домот, мажот е роб на своите работодавци и на притисокот за гола егзистенција – а токму во таква положба, и жените и мажите се најпослушни и од секој владетел најпосакувани поданици.
За државата и власта бракот е најполезен инструмент за контрола, бидејќи делејќи ги групите луѓе на минимални единици (нуклеарни семејства), истовремено ги држи отуѓени едни од други на најдобар начин. Ваквото раситнување на заедниците им отежнува на луѓето да се организираат против власта и власта ја чуваат од бунтови и нереди. Во рамки на хетеронормативните семејства, утробите на жените служат како фабрики за производство на продуктивни граѓани, кои обезбедуваат ефтина работна сила за капиталистичкиот систем и војници за државната војска. Со оглед на тоа што родителите се задолжени за воспитување на своите деца од самото раѓање, нуклеарното семејство служи и како инструмент за репродукција на општествените сфаќања (особено на прифаќањето на хиерархијата и помирувањето со класните разлики), и тоа е првото ниво на идеолошка пропаганда на децата (второто е јавното образование). И навистина, повеќето луѓе учат да ја сакаат својата влада и да ѝ служат најпрво во своите семејства, преку учење на „вредности“ од типот патриотизам, национализам, милитаризам и капитализам.
Како што можеме да видиме, бракот е полезна институција за зацврстување на репресивните структури кои владеат со народот. Затоа не е изненадувачки што секоја влада му придава толку големо значење, и што постои еден огромен културен механизам за да не убеди да стапиме во брак. Од законски привилегии, преку романтични комедии и свадбени церемонии, па се до општествениот притисок за брак – речиси секое парче од доминантната култура поврзана со меѓучовечки врски и љубов не турка во правец на бракот. Ако не бевме под притисок на сите овие околности, дали воопшто би чувствувале потреба да зацврстиме некоја врска во брак?
ЛГБТ и борбата за геј бракови
Што се однесува до геј луѓето, се чини дека голем дел од нивната борба за права се фокусира на правото на брак и семејство. Борбата за истополов брак во јавноста се претставува како борба за еднаквост, и дека тоа што ги дели геј луѓето од рајот е можноста да ја регистрираат својата врска пред државата. Со оглед на тоа што за државата бракот преставува средство за одржување на патријархатот, капитализмот и власта, не е чудно што таа би се обидела да ги привилегира (преку законски брачни привилегии) оние што се конформираат со системот, а да ги казни оние што се различни по некој основ. Како што споменавме, една друга функција на бракот е да се осигура дека децата произлезени од бракот ќе го следат истиот „исправен“ пат на нивните родители, поради што геј луѓето се доживуваат како „грешки“ во воспитувањето, поради тоа што во тие случаи бракот не успеал да ја исполни функцијата на репродукција на целокупниот идентитет. Тогаш зошто значителен дел од борбата на ЛГБТ се фокусира на бракот?
Борејќи се за право на брак, геј луѓето одбираат да го поддржуваат системот кој ги репресира, наместо да се борат со тој систем. И сето тоа за да изгледаат „нормално“ во мејнстримот, веројатно мислејќи дека општеството полесно ќе ги прифати ако се „одговорни и продуктивни граѓани“. Наместо да се борат да ги срушат репресивните структури кои општеството го делат на привилегирани и непривилегирани, ЛГБТ движењето одбира да се бори за да добие дел од ексклузивните привилегии што тие структури ги нудат. Наместо да се борат за универзална рамноправност на сите и за укинување на власта и хиерархијата, нивната борба за истополов брак ја зајакнува репресијата на сите кои се маргинализирани.
Борбата за истополов брак е конзервативна борба чија конечна цел е добивање пристап до хетеронормативот. Наместо да бараме права и еднаквост, треба да се бориме за ослободување и да тежнееме кон револуција.
No comments:
Post a Comment