16.12.13

Не да кукаме - да возвратиме!

Пред неколку дена, веста за ќотекот што го преживуваат од својот газда кумановските работници од компанијата „ДС Фудс“ што ја објави една телевизија, ги обиколи социјалните мрежи. Во веста со драматичен наслов (каде не е пропуштено да се напомене дека газдата е државјанин на омразената Грција) беа емитувани интервјуа со неколку од работниците во компанијата, каде кажуваат дека од лани не земале плата, дека се непријавени, дека газдата ги затварал во фрижидерите за смрзнат зеленчук на -20 за да ги скрие од инспекција и дека во повеќе наврати ги тепал со шамари и боксови.
 Меѓу реакциите кои профрчеа низ интернетот, најмногубројни беа тие што ги жалеа работниците и што ги повикуваа „надлежните“ да преземат нешто на луѓево да им се даде плата и да престанат да бидат тепани. Главно „загрижени“ левичарски организации што, како и секогаш, бараат од државата да реши проблем кој од неа произлегува. Ретко кој го постави најочигледното прашање: дали овие работници се предмети или билки што може да се преместуваат од една во друга просторија на волја на нивниот сопственик; дали се деца кои немоќни да возвратат на ќотекот, решиле да се жалат во телевизија, или се возрасни, здрави и способни мажи и жени?!

Газдите обично имаат цела војска на теренци што се платени да тепаат и принудуваат во нивно име, почнувајќи од приватно обезбедување, па се до целиот полициски апарат. Таа војска е истренирана, вооружана и многубројна и отпорот против нејзиното насилство е отежнат за неорганизираните работници.

Меѓутоа, во овој случај, газдата ЛИЧНО тепал, шамарал и затварал возрасни, телесно способни жени и мажи, и тоа што не можеме да го разбереме е како овие работници попрво помислиле да се жалат на телевизија, отколку да го набијат човеков на колец???

Зарем духот на бедниот човек е толку многу скршен, што тој заборавил и на сопствените основни инстикти за преживување, како што е инстинктот за самоодбрана?

Просто е неверојатно колку репресивните механизми ни ја имаат одземено не само слободата, туку и волјата, разумот и способноста за опстанок. Неверојатно е дека сме сведени буквално на билки: ни најосновна акција не можеме да преземеме, и тогаш кога животите ни се директно загрозени, а наместо тоа кукаме и чекаме некој да дојде и да не спаси. Тешко е да се поверува дека било кој човек, во ситуација кога физички е нападнат од друг човек, ќе одбере да истрпи и потоа да се жали кај „надлежните“, наместо во истиот миг да се самоодбрани и така да го спречи нападот врз него. А сепак, во оваа приказна за кумановските работници, не еден таков, туку повеќемина постапиле на ваков несфатлив начин. 

Ако во ситуации на напад на нашето тело и живот одбиваме да се спротивставиме на нападот - спротивно на нашата природа и разум - а особено во ситуација кога напаѓачот не е џандарска единица, туку ЕДЕН невооружен човек, тогаш одговорноста е наша. Ако во живот-или-смрт ситуации остануваме пасивни, тогаш како воопшто може да зборуваме за отпор против посложените форми на репресија, како на пример принуда на почитување на државни закони, или експлоатација на нашиот труд?

Да се бара внимание од медиуми и помош од корумпирани и анти-работнички синдикати кога газдата лично те тепа и те затвара во ладилници на -20 степени за да те сокрие од инспекција, во најбрутална форма ја помага немоќта и виктимизацијата на работниците. 

Медиумите кои само бараат сензации и спектакли со кои ќе ја пополнат програмата, нема да го решат овој проблем. Нема да го решат ни „надлежните институции“, ни судовите, ни владата, ни господ.
Ќе го реши само работник со рбет и со стап.

Нареден пат кога некој газда/менаџер ќе тепа работници, ајде да чуеме како го распнале на фабричката капија. Нареден пат кога нема да им даде плата, ајде да чуеме како го ограбиле сосе гаќи и му ја запалиле фирмата. Ајде барем еднаш да чуеме за отпор, наместо бесконечно кукање!

No comments:

Post a Comment