19.12.13

За гонетите номади - „илегалните“ имигранти

Ретко се зборува за имигрантите кои илегално преминуваат преку Македонија за да си бараат подобар живот негде низ Европа. Според медиумиве, околу 10.000 имигранти од Африка и Азија имаат поминато низ земјава спрема Србија или Грција, и уште кој знае колку за кои што не се знае. Многу од нив остануваат со месеци по шуми и ниви, гладни и боси, без скршен денар, гонети и од полиција и од ксенофобични локалци. И тие малку пари што ги понесуваат со себе бегајќи од војните и сиромаштијата во Ирак, Авганистан, Пакистан, Сомалија, Бангладеш, Алжир, Гана и бројни други бедни земји, мораат да им ги дадат на локалните банди за да им овозможат илегален премин, превоз или престојувалиште.

Најтранзитно место во Македонија е кумановското село Лојане, каде во секое време врие од имигранти поради тоа што е на самата српска граница. Ова видео е од лани, ама Лојане уште е најпогодно место за да се премине кон западноевропските земји. Во последниве неколку години џандарите правеа многу рации апсејќи имигранти, меѓу кои што голем дел се и деца. Дали ги враќаат во матичната држава, во Грција, во Србија, или ги пуштаат - тоа не се знае. Тортурата и шовинизмот што ги преживуваат не само во текот на апсењата и притворите, туку и во секој друг аспект од нивните патешествија се неизбежни за овие луѓе.

Пред 3 дена група кретени му ја дупнале главата на имигрант од Сенегал, во обид да го опљачкаат него и уште неколкумина негови другари, на автопатот Куманово-Табановце.

Во јули летово, друга крупа кретени (од Табановце, според полицијата), убија имигрант од Бангладеш, со ловџиска пушка. Името на тој човек ниеден медиум не го објави. Тројца други негови другари поминале со повреди. Без никаква основа, МВР тогаш заклучи дека мотивот бил грабеж, иако исто толку лесно може да биде расизам.

Не треба многу памет за да се сфати дека овие луѓе не само што не се никаква опасност за локалците и дека стравот од нив е колку неоснован, толку и навредлив; туку и дека тоа што ги довело до ова, криејќи се и бегајќи, да патуваат со месеци, да спијат по шуми и ливади, апсени, тепани и убивани, не е избор туку безизлез.

Наместо шовинизам и одвратност, спрема нив треба да покажеме солидарност и да не заборавиме дека системот кој ги довел до ова дно е истиот тој систем што не убива и не цица полека и против кој што мора да се кренеме.

No comments:

Post a Comment