29.10.13

Анархистите - водечка сила во актуелните масовни протести во Бразил


Кога гранатата со солзавец  ѝ падна пред нозете, млад човек со маска на лицето ја зграпчи и ја фрли назад кон полицијата. Во овој момент Андреа Коелјо, учителка во градинка, одлучи дека е на негова страна и ги поддржува неговите истомисленици анархисти .

Коелјо е една од илјадниците учителки демонстранти во центарот на Рио де Жанеиро со барање за подобри плати и услови за работа. Полицијата повторно одлучи брутално да ги растера демонстрантите. Во претходните денови штрајкувачите наставници беа тепани и влечени од полицајци.

"Black Bloc ме заштити во протестот " , рече 47-годишната Коелјо во почетокот на протестот минатата недела, кој повторно се претвори во судир меѓу анархистите и полицијата.
"Полицијата почна да пука со солзавец и да нe удира со палки. Млад анархист застана точно помеѓу мене и полицијата. Ако не беа тие, полицајците ќе не уништеа".

Тоа чувство доведе до претворање на анархистите во Бразил во водечка сила на протестите во последниве недели. Демонстрациите се намалија по бројност, но не и по зачестеност по масовните протести во јуни, разгорени од проблеми како корупција, мизерни јавни услуги и големи трошоци за претстојното Светско првенство во фудбал во 2014 и Олимписките игри во 2016 година.


"Black Bloc" е форма на протест и вандализам проследена со насилство, a се појави во '80 -тите години во Западна Германија и придонесе за затворање на самитот на Светската трговска организација во Сиетл во 1999 година. Јасно е дека младите Бразилци со маски на лицата ги следат основните анти-капиталистички принципи, демолирајќи банкарски канцеларии и имоти на транснационалните компании за време на протестите, како и влегувајќи во директни судири со полицијата за одбрана од полициското насилство.

Приврзаниците на "Black Bloc" немаат лидери, дејствуваат анонимно и без листи на барања кои Владата треба да ги исполни. Нивната цел е да пружат физички отпор секој пат кога за време на протести и демонстрации полицијата пробува насилно да ги растера незадоволните маси, кои имаат секакво право да се бунтуваат против репресивната власт. 

Облечени во црно ги кријат лицата, за да не може полицијата да го утврди нивниот идентитет, и одат на протести вооружени со стапови, молотови коктели и импровизирани штитови со иницијали " BB " на нив ( од Black Block ), испишани со бела боја .

Целта им е да уништуваат имоти на големи компании и да се борат со полицијата, што е еден од многуте начини да се нападне овој систем кој според нив не овозможува учество на народот и единствено претставува привилегирани економски интереси.

Многу Бразилци сметаат дека полицијата им е претерано жестока и брутална, озлогласена по бројни убиства без суд и пресуда. Извештај на ОН во 2008 година посочи дека бразилската полиција е одговорна за голем дел од сите 48 000 убиства во претходната година.

No comments:

Post a Comment