Во август 1927 година, двајца италијански анархисти по име Сако и Ванцети беа погубени на електрична столица во Масачусетс, САД, под пресуда за убиство. Судиите не биле заинтересирани за очигледните докази за нивната невиност, а ниту признанието на човек по име Мадеирос, кој тврдел дека тој ги извршил убиствата, не ја промени смртната пресуда на двајцата анархисти. За судиите во САД не било важно дали Сако и Ванцети се убијци - обвинението за убиство секако послужило само како маска на случајот. Сако и Ванцети беа убиени поради тоа што беа ангажирани милитантни анархисти, или како што и еден од судиите самиот тогаш рече: „Тие се непријатели на институциите на системот, а тоа само по себе е злочин“.
Безмалку век подоцна, малку нешта се имаат променето во односите меѓу моќните и оние кои сакаат да се ослободат од своите окови. Модерните демократии кои сакаат да глумат слободни општества не можат да бесат луѓе поради поинакви политички убедувања, но затоа наоѓаат обиколни начини да ги мачат, казнуваат, превоспитуваат и покажуваат како пример бројните луѓе низ светот кои се кренале на отпор против власта и капитализмот. Најсигурна тактика им е да ги обвинат за тероризам (каква иронија што оние кои сејат терор им судат на терористи!), но ако такво обвинение не може да се изведе, тогаш ги затвараат за други криминални дела, без оглед дали ги извршиле или се наместени. Со оглед на тоа што анархистите ги сметаат законите како средства за репресија на власта, неретко прибегнуваат кон нивно кршење со цел да покажат отпор и барем малку да се приближат кон својата слобода.
Финансирање на анархистичкото движење со парите на капиталистите
Една од најчестите причини за апсење на анархисти (покрај обвиненијата за вандализам, напад на службено лице, демолирање на туѓ имот, подметнување на експлозивни направи, сквернавење национални симболи итн.) е кражбата, или како што анархистите ја нарекуваат - експропријација. За анархистите, експропријација значи враќање назад на богатството кое владејачките елити ни го одземале преку даноци, камати, експлоатација на нашиот труд и принуда генерално. Еден од највпечатливите симболи на експлоатацијата врз работниците и нивно држење во финансиско ропство е банката - храмот на капиталот, домот на натрупаните богатства на сите паразити капиталисти кои се збогатиле од потта и крвта на милијардите наемни работници ширум светот.
На 01 февруари 2013 група наоружани анархисти ограбија околу 180.000 евра од две банки во Атина, во квартот Козани. Поради една мала грешка, четворица од нив беа фатени по долга бркотница по улиците, претепани и затворени. Неколку месеци подоцна, во локална кафетерија беа уапсени уште двајца осомничени за двојната кражба. Оттогаш петорица од нив го чекаат своето судење (закажано за 29.11) во притвор во затворот Ковалос (Фивос Харисис, Аргирис Далиос, Гианис Михалидис, Димитрис Бурзукос и Димитрис Политис), а еден (Никос Романос) во затворот Авлона во Атина. Прочитајте го нивното последно заедничко писмо од пред неколку дена, напишано од атинските зандани.
Ова не е изолиран случај на политички мотивирана пљачка на банки - напротив, може да се каже дека целото анархистичко движење во Грција се финансира главно од експроприрани пари. Парите од сметките на богаташите со децении се користат за да се зајакне отпорот на анархистичките групи, и не само во Грција. Еден од уапсените за двојната кражба во Козани, Никос Романос, во своето писмо напишано од затворот во јули 2013 ги напиша причините поради кои анархистите се одлучуваат на банкарски пљачки:
„За мене, банкарските кражби се безвременски избор за револуционерите, кој отклучува безброј можности. Најпрво, те ослободува од оковите на наемниот труд и сите договори врзани со него. Така се ослободува времето во твоето секојдневие, давајќи ти можност да се посветиш на сите твои пасии. Таму каде што завршува уништувањето на радоста, започнува радоста на уништувањето. Второ, грабежите на банки ти ги даваат неопходните средства за финансирање на разноврсните структури на анархистичката борба, и тоа со пари екпроприрани од непријателот. Зборуваме за поддршка на разни анархистички проекти, затворени другари, герила структури итн. И трето, станува збор за фактички отпор против општествената етика на наемниот труд и неговата социјална улога која капиталистичкиот свет ја репродуцира.“
Неговото писмо и други писма од останатите затворени анархисти може да ги прочитате во англиски превод во оваа збирка.
Немате доволно затворски ќелии за да го задушите отпорот!
Овие шесторица заложници се само едни од многуте анархисти во Грција кои месеците и годините ги минуваат во изолација и под тортура по затворските кланици ширум државата, поради својот отпор против хиерархијата и угнетувањето. Овде можете да погледнете листа на десетици анархисти од Грција кои моментално се лишени од слобода поради своите револуционерни активности.
Пред три дена, на 30 октомври 2013, другарите Алфредо Коспито и Никола Гаи, членови на ќелијата „Олга“ на Неформалната анархистичка федерација (FAI) го имаа своето прво судење во судот во Џенова, Италија, обвинети за напад со огнено оружје. Нивната акција, која ЦИА веројатно би ја ставила под назив „еко-тероризам“, беше насочена против извршниот директор на Ansaldo Nucleare - група за нуклеарен инженеринг, која е дел од мегакорпорацијата Finmeccanica, базирана во Италија. Извршниот директор го преживеа нападот. Алфредо Коспито, преземајќи ја политичката одговорност за делото, на судењето изјави:
„Се прашувам, што е тероризам? Пукање и отворена рана, или пак константна закана, спора смрт која те сече одвнатре? Континиуран терор, непрестаен терор, чии нуклеарни електрани во секој миг блујат смрт и пустош...“
Во 2010, шесторица другари од Белград минаа 6 месеци во притвор чекајќи на својата пресуда, обвинети за меѓународен тероризам поради тоа што во август претходната година фрлиле два молотови коктели врз ѕидот на грчката амбасада во Белград. Мотивот за ваквата акција бил симболично изразување на солидарност со тогаш уапсениот грчки студент Тодорос Илиопулос, кој во тоа време штрајкуваше со глад во затворот. Само тројца од другарите го признаа делото. Обвинението за меѓународен тероризам беше средство за притисок врз анархистите и за заплашување на јавноста, за која пак беше просто неверојатно дека такво обвинение дојде за причинета штета врз зградата на амбасадата во висина од „цели“ 18 евра. Другарите од Белград до ден денешен се влечкаат по судови за истиот случај, кој никако да добие разрешница.
На 01 март годинава во крајбрежниот град Ријека во Хрватска се одржа масовна демонстрација под "Occupy" логото, против влезот на Хрватска во ЕУ и кратењето на социјалните добра како последица на тоа. Откако масата се разиде, група учесници во протестот си тргнаа дома и додека минуваа низ темна уличка, беа од зад грб нападнати прво од џандари маскирани во хулигани, а по неколку секунди и од униформирани џандари, без особен повод. Беа уапсени 11 лица. Едниот од џандарите, при затегањето на лисиците на еден од уапсените држејќи го легнат со лицето кон земја си го повредил палецот. Приведените беа држени 6 часа, психички и физички малтретирани и на крај пуштени.
Пред недела дена јавното обвинителство поднесе обвинителен акт против двајца од единаесетмината - коинцидентно, анархисти од групата MASA Rijeka - за повреда на службено лице (односно неговиот палец) и за спротивставување при апсење. Обвинителството бара затворска казна за обајцата, не поради палецот на џандарот, туку за да направи од нив пример и да ги заплаши оние кои во иднина би размислувале да се радикализираат против државата и капиталот. Судењето е закажано за напролет, а Црн Блок ќе го следи случајот.
Солидарност со затворениците и рушење на сите затвори!
Без разлика дали се работи за политички затвореници или за „обични“ криминалци, затворот е казнена институција која служи за да им се одмазди на оние кои се осмелиле да дејствуваат против законот. Законот, пак, го пишуваат владејачите, и створен е да им служи на интересите на политичарите и големите газди. Во затвор одат дисидентите, сиромашните, бедните и сите оние кои системот ги сјебал и ги довел до лудило, како и оние кои се принудени во вакво општество среќата да си ја бараат по илегален пат. Вистинските криминалци - политичарите, богаташите, сите оние кои секојдневно крадат од работниот народ - законот не ги допира, напротив ги брани; а и ако ги допре, имаат начин да си ја откупат слободата. Спротивно на тоа што го пропагира владејачката идеологија, затворот не постои за да ја „ресоцијализира“ индивидуата - постои за да ја скрши, да ја сјебе и да ја натера да плати што не се покорила на Светиот Закон.
Црн Блок се залага за уништување на сите затвори, заедно со уништување на целиот поредок кој создава потреба од криминал и девијација. Црн Блок се солидаризира со сите политички затвореници, во секое ќоше на светот, од Грција до Индонезија, кои ги бројат деновите пикнати во заложништво затоа што биле храбри да дадат отпор против тиранијата на модерната „демократија“ и другите режими на власт.
Колку повеќе анархисти тепате и затварате, толку повеќе луѓе, растегнати од гневот на вашата тиранија, се приклучуваат кон отпорот и борбата за слободно општество!
Aпсете, затварајте, заплашувајте, угнетувајте... НЕМАТЕ ПРИЧИНА ДА СПИЕТЕ МИРНО!
No comments:
Post a Comment