25.10.13

„Отм’штение“ (одмазда), весник на македонските анархисти - гемиџиите

Еден од пишаните документи што останаа од Гемиџиите е воведниот материјал на весникот „Отм’штение“ (одмазда), објавен без каков и да е наслов. 

Извадок од воведниот материјал:

„...Во светската борба за сеопшта среќа, за економска слобода, во тоа движење напред, земаат учество само неколку народи. Еден од нив е македонскиот, окован политички, умствено и морално.

Некои од гемиџиите


Со својата крв и со својата пот, тој поддржува една општествена форма одамна изумрена во Европа – апсолутната монархија; една општествена форма која го сосипа во секој поглед, зашто иако стои умствено погоре од животните, економски тој е полошо од исландците, а политички подолу од робовите. Тој наследува една плодородна, убава, благодатна земја, поубава од Швајцарија, поблагословена од Ханан, но тој тоне во незнаење, зашто се се свртело против него: владата што го ограбува; дипломатијата што ја чува целоста на Турција и ги нас’скува балканските држави; шовинистичките и религиозните пропаганди што го распарчуваат; свештенството што го збудалува; разбојниците што го истребуваат и емиграцијата што го изневерува.

А македонскиот народ навистина ја чувствува – болно ја чувствува потребата од друга општествена форма; но тој не може сосема да ја сознае за да може да се избави и подигне...
И каде ќе може тој народ да ги сопре своите погледи со надеж?

Дали на европската дипломатија и на Русија?
Со други зборови, да ги молиме да ни ја подарат слободата, нели? Но ние треба да знаеме дека европските дипломати не може да го чувствуваат она што ние го чувствуваме, зашто ние, а не тие, живееме под султанскиот јатаган. Ние не можеме да ја очекуваме својата слобода ни од Русија, зашто рускиот цар и слобода, народ и влада – тоа се работи што заедно се исклучуваат. Како во Турција така и во Русија, царува апсолутната монархија и ако рускиот цар некогаш го побара нашето ослободување, тоа ќе биде не за друго а за да ни го наметне своето ропство...


Дали на училиштата?
Но ние ја знаеме ползата од тие сеачи на шонивизмот и раболепието, каде што младото поколение се труе и расцепува на непријателски, шовинистички лагери, убивајќи ја во себе свеста дека таму каде што двајца се караат добива третиот, во овој случај владата...


Дали на емиграцијата?
Да потсетиме само на нејзината улога во политичкиот живот на Бугарија, каде што таа стана орудие во рацете на бугарските шарлатани и дериебевци, орудие преку кое тие се качуваат и слегуваат од власта: нејзините шовинистички услуги спрема Бугарија, Србија, Грција и Романија; нејзината со право пословична лакомост и продаденост...


Дали на црквата?
Но како можеме да се надеваме на свестување на народот од црквата, кога христијанството одамна престанало да води напред, кога тоа, просто, сопиња? Ние сакаме слобода за нашиот народ, ние гледаме да спечалиме среќен живот за нашите деца, та да не им го оставиме ропството во наследство... Ако дождот не паѓа, покрај се што луѓето му се молат на бога, тоа и слободата не ќе капне од небото, ако сите чекаат и се молат...

Народот вели: „Лозјето не сака молитва, туку сака мотика“. Со други зборови: за секоја болест треба лек, за секое зло – средство...

Средството за народната свест е единствено – нелегалниот лишен од секакви предрасуди печат, и теророт, да отплаќа за насилствата. 

Да посее свест во народот за потребата од политичка слобода, да укажува на нејзините непријатели – директни и индиректни, да ги искоренува сите негови предрасуди, да го слее народот во едно цело против општиот непријател – ете ја задачата на нашата пропаганда.
Да ги премавнува сите пречки на нашата пропаганда и да пропагира за Делото, ете ја задачата на теророт што ќе го сееме.

Целта на нашите усилби е револуцијата.

А нашиот идеал – развиток на човештвото, сеопшта среќа“.

Извор: „Гемиџиите“, Јован Павловски, 1977

No comments:

Post a Comment