Фројдовото сфаќање дека основна карактеристика на човековата природа е конкуренција и асоцијалност наоѓаме кај повеќето писатели кои веруваат дека карактеристиките на човекот во модерниот капитализам се неговите природни карактеристики. Фројдовата теорија за „едиповиот комплекс“ се заснова на претпоставка за „природен“ антигонизам и конкуренција помеѓу таткото и синот во борба за мајчинската љубов. За оваа конкуренција се вели дека е неизбежна поради природните инцестуални желби на синовите.
Фројд само го следи истиот правец на мислење кога претпоставува дека инстинктите го тераат секој човек да сака да има предност во сексуалните односи и на тој начин се создава жестоко непријателство помеѓу луѓето. Треба да се воспостави дека целокупната Фројдова теорија за сексуалниот нагон се заснова на антрополошката претпоставка дека конкуренцијата и взаемното непријателство се својствени за човековата природа.
Дарвин овој принцип го изразил во областа на биологијата во својата теорија за конкурентската „борба за опстанок“.
Економистите, како што се Рикардо и припадниците на манчестерската школа, го пренеле тоа во областа на економијата. Подоцна Фројд, под влијание на истите антрополошки претпоставки, го тврдел истото и во областа на сексуалните желби. И „економскиот“ и „сексуалниот“ човек се погодни за фабрикација чија претпоставена природа – изолираност, асоцијалност, алчност и конкурентска борба – прави капитализмот да се јави како систем кој потполно одговара на човековата природа и на тој начин стои надвор од дометот на критиката.
No comments:
Post a Comment