15.9.13

Првите анархофеминистки: Ни бог, ни газда, ни сопруг


Првата анархофеминистичка група за која е познато настанала како дел од широкото анархистичко движење во Аргентина во XIX век. Тогаш во печат излегувал првиот анархофеминистички весник La Voz de la Mujer (Гласот на жената). La Voz de la Mujer излегол прв пат во Буенос Аирес на 8 јануари 1896, и потоа уште само 9 пати. Настанокот и уредништвото на весникот биле под големо влијание на шпански доселеници и доселенички.

La Voz de la Mujer се опишувале себеси како „посветени на унапредување на анархокомунизмот“. Нивна средишна тема била природата на угнетување на жената. Уредничките на весникот велеле: „Ние веруваме дека во денешното општество никој и ништо не се наоѓа во поочајна состојба од несреќната жена.“ Жените, велеле тие, се двоструко експлоатирани: и од владејачката класа, и од мажите.
Затоа е разбирливо што се спротивставувале на бракот и на машката власт врз жената. Бракот за нив е буржоаска институција која ја ограничува слободата на жената. Браковите во кои се стапува без љубов, верноста одржувана од страв, а не желба, угнетување на жената од страна на мажот кој го презира – сето тоа е видено како симптом на присила, која брачниот договор сам по себе ја подразбира. Тоа е отуѓување на волјата на поединецот кое анархофеминистките настојувале да го поправат, најпрво преку слободна љубов, а потоа потемелно, преку социјална револуција.

La Voz de la Mujer е весник кој е пишуван од жените за жените, независен израз на феминистичката струја во рамки на работничкото движење и еден од првите забележани случаи на феминистички идеи со револуционерна ориентација. Како и Ема Голдман, Луиз Мишел и Волтерин де Клер, ставовите на овој весник се разликуваат од мејнстрим феминизмот, бидејќи весникот е дел од работничкото движење кое се бори против патријархатот, како дел од пошироката борба против владејачките класи и хиерархијата. Весникот не бил наменет за жените од средна класа, чиј феминизам бил отфрлан како „граѓански“ и „реформистички“.

Анархофеминизмот се појавил во Буенос Аирес во 1890, кога растот на производството ја зголемил побарувачката за работна сила, која била задоволена со високата имиграција, пред се од европските земји. Најголем дел доселеници биле италијани, шпанци и французи. Како и на други места во Северна и Јужна Америка, анархизмот изворно е „увезен“ од доселеници кои потекнуваат од земји со моќни анархистички движења. Кон крајот на векот, анархистите помогнале во создавањето на првите работнички синдикати, организирани штрајкови и протести. Во текот на 1880-тите и 1890-тите се издавале бројни (над 20) анархистички публикации истовремено.

La Voz de la Mujer се јавил по речиси половина век континуирани анархистички активности. Израснал од анархистичката традиција посветена на рушење на постоечкото  и стварање ново општество организирано на принципот „секој според можностите, секому според потребите“. Освен шпанските анархисти, големо влијание врз креирањето на овој весник имале и италијанските прогоненици Ерико Малатеста и Пјетро Гори. Посебноста на овој весник, кој го правел различен од останатите анархистички пропагандни писанија, лежела во признавањето на специфичноста на угнетувањето на жената. Повикувајќи ги жените да се кренат против подреденоста како жени и работнички, весникот извршил големо влијание врз барањето за еднаква плата за мажите и жените, кое го прифатил синдикатот од аргентинскиот работнички сојуз во 1901.

Појавата на овој весник довела до промени и во рамките на самото анархистичко движење. Теми за кои претходно не се зборувало ниту меѓу слободарите, како што се еднаквост на жените, брак, семејство, проституција итн., одеднаш станале редовни во разни анархистички публикации (на пример, во La question sociale, основан од Малатеста по неговото доаѓање во Аргентина, или часописот Germinal, кој бранел исклучително револуционерни феминистички позиции). Сепак, и покрај генералната поддршка од мажите во движењето, уредничките на La Voz de la mujer биле свесни дека стигмата за потчинетата жена нема лесно да се избрише од долговековните траги во умовите на мажите. И денес некои анархисти сметаат дека не е вредно да се посвети посебно внимание на прашањето на жената и дека рушењето на стариот поредок „само по себе“ ќе доведе до ослободување на мажот, а покрај него и на жената. Други го сметаат за прашање од помало значење, со кое ќе се справиме „по револуцијата“. Но анархофеминистките не се задоволни со таа позиција. За нив, нема да дојде до никаква револуција пред да се еманципираат сите работници и сите работнички. Анархофеминистките и денес предупредуваат дека тој несвесен сексизам од кој не можат да се ослободат ниту мажите од анархистичките кругови, го поткопува патот до целосна еманципација, рамноправност и слобода.

Не е тешко да се разбере зошто феминистките (и сите жени) би биле наклонети кон анархизмот, со оглед на тоа што клучните анархистички идеи се вртат околу рушење на секаква опресија и хиерархија, па така и на опресијата над жените во бракот и семејството. Како што е кажано во четвртото издание на La Voz de la mujer: Ја презираме власта, затоа што сметаме дека сме човечки битија, а не фабрички машини кои работат по нарачка на црквата, државата или мажот. Нивната цел најдобро се срочила кога една од уредничките го ставила следниов слоган: Ни бог, ни газда, ни сопруг.

No comments:

Post a Comment