Анархистите особено ја осудуваат измамата со буржоаската демократија. Буржоаската демократска држава, наречена „нација“ не е помалку опасна од некогашните апсолутистички држави. Монархот бил навистина беден монарх во споредба со овој новиот - „суверената нација“. Во таквиот либерализам наоѓаме продолжеток на некогашниот презир на сопственото Јас. Со текот на времето целосно се искоренети голем број на придобивки, исклучиво во корист на државата... а во никој случај за да се зајакне моето Јас.
Според Прудон, демократијата не е ништо повеќе од уставна арбитрарност. Народот е прогласен за суверен преку една „итрост“ на нашите татковци. Тој е всушност крал без кралство, крал кој од кралевската големина и моќ му преостанува само насловот. Тој кралува, ама не владее. Пренесувајќи го својот суверенитет, повремено користејќи го правото на глас, тој всушност на секои 3 или секои 5 години ја обновува својата абдикација. Династијата е избркана од престолот но кралството е сочувано во својата целокупна организација. Гласачкото ливче, во рацете на народот чие образование е намерно занемарено, преставува смислена измама која е во корист на коалицијата барони на сопственоста, трговијата, индустријата.
Но, теоријата за народен суверенитет во себе содржи сопствена негација. Кога народот навистина би бил суверен, тогаш не би постоела влада ниту оние над кои се владее. Суверенот тогаш би исчезнал. Државата повеќе не би имала причина за нејзиното постоење, би се поистоветила со општеството и би исчезнала во индустриската организација.
За Бакунин, преставничкиот систем е далеку од тоа дека за народот преставува некаква гаранција, напротив создава и гарантира константно постоење на владејачката аристократија против народот. Правото на глас е измислица, мамец, сигурносен вентил, маска позади која се крие деспотската власт на државата, заснована на банкарство, полиција и војска, одличен начин за угнетување и осиромашување на народот во име и под изговорот за некаква наводна волја на народот.
Анархистот не верува во еманципација преку гласачкото ливче. Според Прудон, социјалната револуција е сериозно компримитирана ако до неа се дојде преку политичка револуција. Гласањето е бесмислено, тоа е кукавички чин, учество во поквареноста на режимот. За да се започне војна против сите партии заедно, бојното поле не треба да се бара законски во парламентот, туку надвор од парламентот. Општото право на глас е контрареволуција. За да се конституира во класа, пролетеријатот прво треба да раскрсти со буржоаската демократија.
Бакунин и неговите истомисленици во Првата Интернационала протестираат поради епитетот „апстиненцијалисти“ кои им го препишуваат марксистите. Бојкотирањето на гласачката кутија не преставува за нив чин на уверување, туку само прашање на тактика. Иако тврдат дека примарно класната борба е на економски план, не дозволуваат да им се каже дека ја апстрахираат „политиката“. Тие не ја отфрлаат политиката во целина, туку само буржоаската политика. Политичката револуција ја осудуваат само кога треба да ѝ претходи на социјалната револуција. Претпазливи се со оние политички движења на кои целосната еманципација на работничката класа не им е непосредна и директна цел. Стравувајќи од тоа, ги напаѓаат погрешните изборни сојузи со партиите на буржоаските радикали, како оној од 1848 година, или како што би се рекло денес, од типот на „народен фронт“. Исто така стравуваат од тоа дека работниците кои би биле избрани за пратеници, преминувајќи на буржоаските животни услови, ќе престанат да бидат работни луѓе, ќе се поистоветат со буржуите, или уште полошо, ќе станат поголеми буржуи од буржуите.
Извор: Анархизам (Даниел Гуерин)
No comments:
Post a Comment