16.3.13

Ерико Малатеста: АНАРХИЗМОТ И НАСИЛСТВОТО (1)


Сите знаат дека анархистите му се спротивставуваат на насилството. Основната програма на анархизмот е отстранувањето на насилството од меѓучовечките односи. Тоа е живот чија основа се состои во слободата на поединецот, без интервенција на полицијата. Заради таа причина, ние сме непријатели на капитализмот кој зависи од улогата на полицаецот да ги принудува работниците да дозволат да бидат експлоатирани - или дури и да станат невработени и да бидат гладни кога не е од интерес на нивните шефови да ги експлоатираат. Заради тоа ние сме непријатели на државата која е принудна и насилна организација на општеството.

Но, ако чесниот човек верува дека е глупаво и варварски да се расправа со пендрек во раката и дека е неправедно и злобно некој да се присилува со пиштол да се потчини на волјата на другиот, дали е логично да заклучиме дека тој господин има намера да допушти да биде претепан и потчинет на волјата на другиот без да прибегне кон екстремни начини за да се самоодбрани?

Насилството е оправдано само кога е неминовно да се одбраниме себеси и другите од насилството. Каде што завршува нужноста, започнува злосторството…
Робот е секогаш во положба на легитимна одбрана и, поради тоа, неговото насилство против шефот, против угнетувачот, секогаш морално е оправдано […].

Сигурно е дека постојат други луѓе, партии и идеологии кои се мотивирани од општото добро исто онолку колку и најдобрите меѓу нас… Но, она што ги одвојува анархистите од сите останати е токму нивната ужаснатост од насилството, нивната желба и намера да го отстранат физичкото насилство од меѓучовечките односи… Но, зошто тогаш, се поставува прашањето, анархистите во сегашната борба (против фашизмот) го поддржуваат и користат насилството, кога тоа е во противречност со нивната изрична цел? Многу критичари, некои од нив добронамерни и сите оние кои не се такви, веруваат дека тоа што го одвојува анархизмот од другите политички светогледи е токму насилството. Прашањето може да се чини незгодно, но на него може да се одговори во неколку зборови. Ако двајца луѓе живеат во мир, тие двајцата мораат да го сакаат мирот; ако еден од нив инсистира на употребата на сила за да го присили другиот да работи за него и да му служи, другиот, ако сака да си го сочува своето човечко достоинство и ако не сака да биде потчинет на бедното ропство, и покрај својата љубов кон мирот, ќе биде присилен да и се спротивстави на силата во еднаква мера.

Според тоа што го гледаме во поблиската историја, борбата против власта е физичка, материјална. Власта ги создава законите. Затоа таа мора да располага со материјална сила (полиција и војска) за да ги наметне законите, зошто инаку би ги слушале само оние кои тоа би го сакале и тоа веќе не би биле закони, туку едноставна група на предлози кои би можеле слободно да се прифатат или отфрлат. Власта, сепак, ја има таа моќ и ги користи  законите за да ја зајакне таа моќ, но и за преку неа да им служи на интересите на владејачката класа, угнетувајќи ги и експлоатирајќи работниците.

Единствената граница на опресијата на власта е моќта со која луѓето се покажуваат способни да и се спротивстават.
Судирот може да биде отворен или скриен; но тој секогаш ќе постои затоа што власта не обрнува внимание на незадоволството и умерениот отпор, освен ако не е соочена со сериозна опасност од бунт.

Кога луѓето понизно ќе му се потчинат на законот, или нивните барања се слаби и ограничени на зборови, државата внимава на својот интерес и ги игнорира потребите на луѓето; кога барањата се полни со живот, енергични, заканувачки, државата, во зависност од тоа дали е повеќе или помалку разумна, се повлекува или пак прибегнува кон репресија. Но, бунтот секогаш се враќа, зошто ако државата не се повлече, луѓето ќе завршат бунтувајќи се; а ако се повлече, луѓето добиваат доверба во самите себе и поднесуваат сè поголеми барања, сè до моментот кога антагонизмот меѓу слободата и авторитетот не стане јасен, што ќе предизвика разгорување на насилна борба.
Заради тоа нужно е да се биде спремен, морално и материјално, за луѓето да можат победоносно да изникнат кога сето тоа ќе се случи.

Нужно ќе мора оваа револуција да биде насилна, иако насилството само по себе е зло. Таа мора да биде насилна затоа што би било лудо да се надеваме дека привилегираните класи ќе ја препознаат неправдата на нивниот привилегиран статус и доброволно од него ќе се откажат. Таа мора да биде насилна затоа што преодното, револуционерно насилство е единствен начин да се стави крај на многу поголемото и непрекинато насилство кое го држи поголемиот дел од човештвото во ропство.

Буржоазијата нема да дозволи да биде симната од власта без борба, и ние ќе мора да прибегнеме кон coup de force (насилство, сила – заб. на прев.), кон повреда на легалниот поредок на нелегален начин.

Ние сме исто така многу несреќни заради оваа потреба од насилна борба. Ние кои проповедаме љубов, и ние кои се бориме за општество во кое слогата и љубовта меѓу луѓето ќе бидат можни, страдаме многу повеќе отколку било кој заради нужноста со која сме соочени, против насилството на владејачката класа да мораме да се браниме со насилство. Сепак, да се откажеме од ослободувачкото насилство, кога тоа претставува единствен начин да се стави крај на секојдневните патења и свирепото крвопролевање кое го мачи човештвото, тоа би значело да се помириме со класните разлики кои не ги одобруваме и злото кое од нив произлегува.

Ние не настојуваме ништо да наметнеме со сила, ниту пак сакаме да се потчиниме кон насилно наметнување.
Имаме намера да ја искористиме силата против власта, зошто силата е таа со која власта нè држи во подложност.
Имаме намера да им го одземеме богатството на оние кои го поседуваат, затоа што силата е таа со чија помош ги држат суровините и богатството кое е плод на човечкиот труд, и истата таа ја користат за да ги присилат другите да работат за нивен интерес.
Со сила ќе му се спротивставиме на секого кој со сила ќе сака да ги задржи или пак да ги поврати средствата за наметнување на својата волја и за експлоатирање на туѓиот труд.
Ќе се спротивставиме со сила на секоја „диктатура” (се мисли на замислата на советските комунисти за марксовата идеја за диктатура на пролетеријатот, заб. на прев.) и на секој конституент (комунист или фашист) кои ќе се обидат да им се наметнат на масите во бунтот. И ќе се бориме против републиката како што ќе се бориме и против монархијата, ако под република се подразбира држава која, на каков и да е начин дошла на власт, донесува закони и располага со војска и казнена моќ како би ги присилила луѓето да ѝ се потчинуваат.


Освен во овие случаи, во кои употребата на сила е оправдана како одбрана од сила, ние секогаш сме против насилството, а наместо принуда, заговараме самоопределување.




No comments:

Post a Comment