16.3.13

Ерико Малатеста: АНАРХИЗМОТ И НАСИЛСТВОТО (2)


Илјада пати повторив, верувам дека ако не се спротивствиме „активно”, примерно и на сите можни начини на злото, во теорија е апсурдно, затоа што е противречно со целта на избегнување и уништување на злото; а во пракса е неморално, затоа што преставува негација на солидарноста и должноста која од неа произлегува да се бранат слабите и угнетените. 
Мислам дека режимот кој е роден во насилство и кој продолжува да постои со помош на насилството, не може да се турне без соодветно и сразмерно насилство, и дека оној кој се потпира на законитоста кога знае дека угнетувачите можат да го сменат законот за да одговара на нивните потреби, мора да е или глупав или замаен. Но, верувам дека насилството, за нас кои тежнееме за мир меѓу луѓето, правда и слобода за сите, е непријатна нужност, која мора да престане во моментот кога ќе се постигне ослободувањетот.е. кога одбраната и сигурноста веќе не се под закана – во спротивно, тоа ќе стане злосторство против човештвото и гласник на нова неправда и угнетување.

Ние од принцип сме против насилството и заради таа причина сакаме општествената борба да се води на што е можно похуман начин. Но тоа не значи дека ние би сакале таа да биде помалку одредена, помалку бескомпромисна; ние мислиме дека, на крајот, нерешителната и половична борба само неограничено ќе го продолжи судирот, ќе го неутрализира, но и ќе поттикне ново насилство кое сакаме да биде избегнато. Ниту пак тоа значи дека правото на самоодбрана го оправдуваме само во случај на моментален и физички напад. За нас угнетените секогаш имаат легитимно право на одбрана и сосема е оправдано да се кренат на насилен бунт без да чекаат да почне на нив да се пука, и во потполност сме свесни дека понекогаш нападот е најдобрата одбрана…

Одмаздата, трајната омраза и свирепоста кон победените се разбирливи реакции и дури можат и да им се простат на оние на кои во жарот на борбата достоинството им било грубо повредено и чиишто најинтимни чувства биле обесчестени. Но да се прифатат свирепите нечовечките чувства и да се воздигнат до ниво на принцип, па дури и да се бранат како тактика на движењето (како што прават фашистите), тоа е злобно и контрареволуционерно.
За нас револуцијата не смее да значи замена на еден тиранин со друг, наша доминација во замена за претходната. Сакаме материјално и физичко издигнување на човекот; исчезнување на секоја разлика помеѓу победникот и победениот; искрено братство на целото човештво - без кои историјата би продолжила, како во минатото, кон константни циклуси на угнетување и бунтување, по цена на општествениот напредок, и долгорочно, на штета на сите, како на победниците, така и на победените.


Совршено е јасно дека насилството е потребно за да му се спротивставиме на насилството на непријателот, и ние мораме да го заговараме и да го подготвуваме, ако не сакаме постоечката ситуација на маскирано ропство, во кое поголем дел од човештвото се наоѓа, да продолжи и да се влоши. Но, насилството во себе ја содржи опасноста на трансформирање на револуцијата во брутална борба без светлото на идеалите и без можноста од корисен исход; и од таа причина мора да се нагласат моралните цели на движењето, и потребата и должноста за задржувањето на насилството во внатрешноста на строгите граници на нужноста.

Не велиме дека насилството е добро кога го користиме ние, а дека е лошо кога го користат другите против нас. Велиме дека насилството е должност, дека е добро и „морално” и дека е можно да се оправда кога се користи за одбрана на себеси и на другите, а против барањата на оние кои веруваат во насилството; тоа е злобно и “неморално” ако служи за да ја прегази слободата на другите…

Ние не сме “пацифисти”, затоа што мирот не е можен ако не го сакаат двете страни.

Сметаме дека насилството е нужност и должност за одбрана, но само за одбрана. И не мислиме само за одбрана на директен, изненаден, физички напад, туку и од сите институции кои користат сила за да ги задржат луѓето во состојба на ропство.

Ние сме против фашизмот и би сакале да го ослабнеме така што ќе му се спротивставиме со поголемо насилство од неговото. И, најважно од сè, ние сме против секоја власт, зошто власта е трајно насилство.

Според мене, ако е можно насилството да се оправда надвор од потребата за самодбрана, тогаш можно е да се оправда и кога тоа ќе се користи против нас, а тогаш не би имале основа за протест.


Ние не им нудиме решение на луѓето, така што ќе се ставиме себеси на местото на претходните тирани (како што прават комунистите и социјалистите). Само слободата или борбата за слобода може да биде училиште на слободата.

Но, ќе речете за да се започне револуцијата и за да се доведе до крајот, потребна е сила која исто така ќе биде и вооружена. А кој го порекнува тоа? Но таа вооружена сила, или подобро кажано - многубројните револуционерни вооружени групи, ќе ја извршуваат револуционерната задача само ако служат за ослободување на луѓето и за спречување на повторно појавување на авторитарната власт. Но таа вооружена сила ќе биде само оружје на реакционерството и ќе ги уништи своите сопствени достигнувања ако дозволи да биде искористена за наметнување на одреден вид општествена организација или програма на одредена партија.

Револуцијата како насилна акција, според нужноста на работите, повеќе тежнее да го развие отколку да го отстрани духот на насилството. Но, револуцијата онаква каква ја разбираат анархистите, најмалку е насилна од сите и сака да го прекине сето насилство штом престане потребата од употреба на сила како оружје против силата на државата и буржоазијата.

Анархистите го препознаваат насилството само како начин на оправдана одбрана; и ако денеска го оправдуваат тоа е затоа што тврдат дека робовите секогаш се во положба на оправдана одбрана. Но анархистичкиот идеал е општество во кое факторот на насилство е елиминиран, и нивниот идеал служи за да се заузда, исправи и уништи духот на одмаздата кој револуцијата, како физички акт, би тежнеела да го развие.

Во секој случај, решението никогаш не би било зацврстување на насилството во рацете на власт или диктатура, која не може да се темели на ништо друго освен на брутална сила и на признавањето на авторитетот на полицијата и војската.

...На анархистичкото движење му се заканува една грешкаобратна од онаа која ја прават терористите. Таа делумно се јавува како реакција на злоупотребата на насилството последните години, делумно како резултат на опстанокот на христијанските идеи, и пред сè, како резултат на мистичните проповеди на Толстој, кои својата популарност и престиж им ги должат на генијалноста и високите морални квалитети на авторот. Анархистите почнуваат сериозно да обрнуваат внимание на методот на пасивен отпор, чие основно начело е тоа дека поединецот треба попрво да дозволи да го прогонуваат и да го презираат, отколку да му наштети на агресорот. Тоа е она што се нарекува пасивна анархија.

Бидејќи има такви кои, збунети од мојата осуда кон бескорисното и штетно насилство, навестуваа дека покажувам толстоистички тенденции, ќе ја искористам приликата да кажам дека оваа доктрина, по мое мислење, колку и да се чини возвишено алтруистична, всушност е негација на инстинктот и општествените должности. Човекот може, ако е добар… христијанин, да ги трпи сите видови на провокации без да се брани со расположливото оружје, и и понатаму да остане морален човек. Но, не би бил ли тој, во праксата, дури и несвесно, краен егоист ако дозволи да прогонуваат други без да се обиде да ги одбрани? Ако, на пример, повеќе би сакал класата да биде доведена до мизерна беда, луѓето да бидат прегазени од грабачите, човечкиот живот и слободата да бидат понижени, отколку да го згмечи месото на тиранинот?

Може да има случаи кога пасивниот отпор е ефективно оружје, и тогаш очигледно би било и најдобро оружје, затоа што би било и најекономично огледало на човечките страдања.
Но многу почесто, заговарањето на пасивен отпор служи само за да ги осигура угнетувачите против нивниот страв од бунтување, и на тој начин ја издава каузата на угнетените.

Интересно е да се забележи дека и терористите и толстоистите, затоа што и едните и другите се мистици, стигнуваат до практични резултати кои се повеќе или помалку слични. Првите не би се двоумеле да го уништат половина човештво додека не победи идејата; а вторите би биле подготвени попрво да дозволат целото човештво да остане под јаремот на големото страдање, отколку да го прекршат принципот.

Што се однесува до мене, јас би го прекршил секој принцип на светот за да го спасам човекот; што всушност повторно се сведува на почитување на еден принцип, затоа што, по мое мислење, сите морални и социолошки принципи на крајот се сведуваат на еден единствен принцип: доброто на човештвото, доброто на целото човештво.
  

No comments:

Post a Comment