Поимите анархизам и анархија
Самиот збор анархија доаѓа од
грчките зборови αν [ан] и αρχη [arhe] што
во буквален превод значи „не“ и „власт“ односно отсуство на власт, авторитет.
Таквиот директен превод можеби најдобро го опишува самото значење на тие
зборови. Целосно изоставување на секоја власт и на авторитетот. Како е тоа
возможно? За тоа ќе збориме малку покасно...
Анархијата преставува општество во кое власта и авторитетот се заменети со самоорганизација, општество во кое секоја личност може да ги задоволи своите основни и останати потреби во максимална мера, а при тоа да не работи на штета на другите. Можеби во ова последното се сокрива една од основните идеи – да го живееме животот потполно слободно, но со целосна одговорност спрема туѓата слобода.
Сега, кога го објаснивме самото
значење на зборовите со кои ќе баратаме на следниве страници, време е за
поконкретните прашања и одговори, кои нужно се наметнуваат при секое спомнување
на анархизмот и анархијата.
Кои се анархистите и анархистките?
Било кој. Ти, јас, тие, ние...
Групи и личности кои сакаат да се идентификуваат со анархистичкото движење и
кои делуваат во таа насока. Не постои некој посебен критериум кој тоа го
одредува, ниту постои јасно зацртано правило што некого го прави дел од
анархистичкото движење. Луѓето се различни, па така и начините на размислување
и делување се различни.
Сепак, за да ги избегнеме можните
забуни и со вака нејасно објаснување, потребно е да нагласиме дека постојат
некои основни вредности (за кои ќе стане збор малку подоцна) кои сите ги делат,
и со тоа јасно и доволно отворено се дефинира што се влегува под називот
анархизам.
Често преку мистификација на
анархизмот се провлекува идеја за стереотипот, па често анархистите се
прикажани како лесно препознатливи по својот изглед (најчесто поврзувајќи со
панк стилот), начинот на однесување, еднаквото делување и цела низа на
стереотипи кои немаат никава врска со реалниот живот.
Анархизмот е политичка идеја и со
самото тоа било кој може да ја прифати и практикува, а притоа да продолжи со
својот живот, да ја работи својата работа, да се забавува на истиот начин, но
со една голема разлика – сменето гледање на секојдневните работи, односите со
луѓето, односите спрема општествените појави, итн. Електричар,
водоинсталатерка, нукларен физичар, професор по економија, историчарка, готвач,
оџачар, новинарка, невработено лице, ѕидар, возач на автобус, студент, било кој
од тие луѓе може да има или има анархистички верувања. Анархизмот е општествена
идеја, и како таква е применлива на цело општество без разлика каде ние во тоа
општество се наоѓаме. Сепак, и тука постои нешто сосема јасно и само по себе
разбирливо, а тоа е фактот дека политичката и економска елита нема сама од себе
да се откаже од моќта која ја поседува па така нема да биде ни дел од
анархистичко движење, кое поседувањето на таа моќ им ја оспорува.
Тука може да се наведе и примерот
кои некои анархистички групи го нагласуваат, а тоа е дека мнозинството луѓе во
општеството, без разлика каде живеат, секојдневно практикуваат многу
анархистички идеи и вредности, иако тоа никогаш не го нарекле анархизам или може
немаат слушнато за анархизам. Дали тоа ги прави анархисти? Да и не. Да, доколку
практикуваат нешто што е својствено за анархизмот. Не, доколку за тоа нема
потреба. Идеолошко неоптоварено делување е многу поделотворно од идеолошкото
оптоварено делување, кое лесно може да заврши во неделотворен догматизам.
Луѓето секојдневно помагаат на
своите соседи, практикуваат соработка и солидарност на различни начини, пружаат
бесплатни услуги, покренуваат заеднички проекти, а се е тоа на база на
основната човечка солидарност, рамноправност, и што е можеби најважно, без било
каква принуда „од страна“ да прават такви работи. Секако, ќе биде неточно ако
кажеме дека секогаш било така, но без разлика на сите наметнати вредности кои
често ги применуваме во своите животи, сепак можеме да воочиме низа на вакви
примери во својата најблиска околина.
Како би функционирало општеството, без авторитет и власт?
Веќе денес, општеството често
функционира без авторитет и власт. Државата не може да функционира без тие
модели на присила. Општеството може.
Денешната општествена структура и
организација условуваат постоење на држава. Институцијата држава своето
постоење го базира на таа структура и организација, која е авторитарна,
хиерархиска, патријархална и строго контролирана. Дури и т.н. „либерални“
држави практикуваат високо ниво на контрола и тоа на повеќе начини. Од една
страна, државата мора да води сметка за авторитетот да не се доведе во прашање
(на пр: недозволиво е непослушност, неплаќање на даноците, економско и политичко
организирање кое не е поврзано со државата и сл. ) додека од друга страна,
внимава на тоа да се оддржи привид на индивидуалната моќ на секоја личност во
процесот на одлучување, па така на секои 4 години се одржуваат избори, кои се
истотака случувања во строго контролирани услови. Како? Станува збор за ист
круг на луѓе, политички и економски елити, при што нивната положба во
општеството дозволува учество во трката до моќна позиција.
Целиот систем всушност почива на
идејата за одржување на моќта на еден општествен слој, што во реалноста нема
никава врска со можноста за функционирање на целото општество. Општеството би
функционирало и без политичките и економските елити кои себе сакаат да се
престават како „потребни“ и „изразено потребни“ додека всушност станува збор
само за одржување на моќта.
Анархистичкиот однос спрема
општеството е целосно спротивен. Никој не би поседувал моќ и сите би поседувале
моќ. Секако, не моќ над некој, туку моќ за исполнување на сите свои потреби,
моќ за заедничко делување и моќ за одлучување за својот живот.
Анархизмот не се противи на
организирањето, туку преставува облик на организирање, кој анархистите го
нарекуваат совршен облик на организација. Совршен, поради потребата за
рамноправно одлучување на сите личности во општеството, што за разлика од
денешната општествена организација, нуди вистинска можност за одлучување.
Нормално, сега ви изгледа дека тоа е невозможно поради големината на
општеството... Но не е невозможно. Општеството денес е организирано како
огромна заедница и централизирано, што реално нема никаква врска со нас. Луѓето
во својот секојдневен живот никогаш не доаѓаат во допир со сите луѓе во
општеството, а најчесто немаат никаква (директна или индиректна) врска со
деловите од општеството во кои не припаѓаат. Нас не определува нашето место на
живеење, местото каде што работиме, местото каде што се забавуваме и го
поминуваме слободното време. Имаме одреден круг на пријатели и познаници. Всушност,
имаме неколку интересни групи во чии рамки ги практикуваме нашите секојдневни
активности. Тоа воедно преставува и добра основа за фундаментална заедница во
анархистичкото општество. Таквите заедници може да се здружуваат, да
соработуваат, меѓусебно да се координираат, заедно да одлучуваат, и сето тоа на
рамноправно ниво и по принцип на мрежа, а не пирамида како што е кај државните
организации во општеството.
Заедниците на луѓето би се
организирале спрема личните афинитети и спрема локалните потреби, врзано за
производството, живеалиштата, превозот или било кој друг дел од животот.
Нивната поврзаност е условена од потребите, а завршувањето на работите внатре
во заедницата би создало целосна вработеност и значајно кратко работно време,
затоа што целосна искористеност на работната сила значи максимална ефикасност и
кратко работно време.
Но кој би ги натерал луѓето да
работат, сигурно се прашувате? Никој, затоа што кога работиме за целосно
задоволување на нашите потреби, не ни треба присила. Воедно, изборот на работно
место ќе биде слободен, а личната одговорност секогаш ни налага да направиме и
некои работи кои можеби не ни се најомилени, но јасно ни е дека без завршување
на тие работи ништо не би функционирало. Па, зарем не правиме такви работи и
денес и тоа без присила? На пример, ги чистиме своите стамбени простори, ги
миеме садовите, го чистиме тоалетот, градиме куќи и станови, градиме патишта и
фабрики, поправаме различни машини... Сето тоа го правиме поради потребите, а
кога е јасно дека тоа го правиш за себе и за луѓето околу тебе, а не за шефот,
тогаш таквата поделба на работата е уште поприродна и тогаш ќе бидеме спремни
да ги правиме работите кои можеби и не ни се најомилени, но свесни сме зошто
треба да ги правиме.
Но не би било добро да се каже
дека ги успоруваме сите авторитети. Постои нешто што се нарекува рационален
авторитет, кој почива првенствено на знаење. Така, авторитетот на лекарот или
архитектот ќе имаат конечен збор во одлуките за третирање на некоја болест или
за градењето на некоја градба. Сосема е јасно дека нема да дојде до ситуација
во која луѓето ќе градат куќи кои лесно би се рушеле или нешто слично. Тоа би
било крајно неразумно.
Хиерархиската, авторитарна и
централизирана организација во општеството, кога ќе поедноставиме, е неприродна
и се базира (како што е тоа повеќе пати повторено) исклучиво на потребата на
политичките и економски елити да ја задржат власта. Со самото тоа се
оневозможува задоволување на потребите на општеството. Додека едните
(малцинството) профитираат преку таков пристап, другите (мнозинството) работат
и губат – што е исто така неприфатливо. Моментот кога доаѓа до промена е тогаш
кога тоа мнозинство ги превзема работите во свои раце и преку заеднички напор
со целото општество во потполност се реорганизира општествениот живот. Тоа нема
да се случи брзо или преку ноќ, туку станува збор за долготраен процес,
р/еволуција.
А што ќе се случи со насилството и криминалот?
Тоа е едно од потешките прашања.
Не заради тоа што нема одговори, туку затоа што тие две појави се тесно
поврзани со длабоките вкоренети вредности кои произлегуваат од денешната
организација и структура.
Насилството и криминалот најчесто
се последица на денешните општествени односи, првенствено на односите на моќ и
економската нерамноправност. Помал дел од тие појави можеме да ги препишеме на
психичките проблеми на личностите кои посегнуваат по нив. Иако и тие психички
проблеми често се поврзани со општествените односи.
Денес богатството, односно
поседувањето на пари и голем број на имоти, преставува општествена вредност,
„добра“ положба во општеството и дава моќ. Сосема е јасно дека во таква
ситуација луѓето посегнуваат по криминал како една од можностите за стекнување
на пари или имот. Всушност, посегнуваат по илегалниот криминал, затоа што
криминал е и стекнување на истото преку трудот на другите, а тоа е она што
политичките и економски елити го прават во постоечкиот систем на работа.
Насилството исто така се базира на односите на моќ во
општеството. Најчесто се користи за постигнување на доминација, без разлика
дали во семејството, училиштето, на работа, во власта, во меѓудржавните
односи... Без разлика каде се користи и на било кој начин, секогаш има иста цел
– доминација над некој или над нешто. Тука треба да се нагласи дека во
внатрешноста на било кое општество, монопол над насилството има баш државата.
Државата поседува војска, полиција, разни репресивни служби, оружје, фабрики за
оружје, институции и школи кои разработуваат стратегија за употреба на
насилството. И повторно, цел тој систем на насилство е насочен на едно –
одржување на моќта. Со самото тоа можеме да кажеме дека државата почива на
насилство, иако не секогаш физичко (земајќи го во обзир фактот дека таа закана
секогаш постои и секогаш е присутна) туку има и малку пософистицирани облици на
насилство, како што се закани, казни, укинување на разни права, и во последно
време е пак актуелно, постојано предупредување на опасност од тероризам, што ја
зголемува потребата за поголема контрола.
Војната, односно тоталната војна,
која е денес најчест облик на војување, преставува краен облик на насилство и главно
е средство за пресметка помеѓу државите или групите кои сакаат да воспостават
своја власт. Легалните или илегалните терористи (зависно од тоа кој има моќ го
прогласува овој или оној терорирзам за легален или илегален) се користат со
истите методи и за истата цел – за стекнување моќ.
Сосема е јасно дека постоењето на
авторитет, моќ над некој, власт, хиерархија, економска нерамноправност и се
останато што го обележува современиот начин на живеење, наголемо допринесува за
пораст на криминалот и насилството во општеството и тоа на сите нивоа.
Едноставно станува збор за модел на делување кој станал прифатлив и кој
едноставно се пренесува на секој сегмент во општеството. Така државата владее
над сите нас, сопствениците на фабриките владеат над менаџерите, менаџерите над
работниците, работниците над своите жени, родителите над децата, децата над
куќните љубимци... Овој банален пример добро покажува на кој начин се
употребува авторитетот и како насилството се пренесува од највисокото
хиерархиско ниво на најниското. Може да се каже и дека секоја власт е
насилство. Наметнување на своите желби на некој друг, преставува насилен чин,
без обзир што тоа не вклучува физичко насилство.
Тука доаѓаме до можниот одговор
на прашањето во насловот. Ни се чини, дека после ова што го изнесовме, промена
во системот на вредности и начинот на организација во општеството би го
намалиле и минимализирале било кој облик на насилство и криминал во
општеството. Со непостоењето на авторитет и хиерархија во организацијата,
исчезнува можноста и потребата за постигнување доминација и моќ над некој. Што
се однесува до самиот криминал и стекнувањето на имот, одговорот е доста јасен
– економската рамноправност, целосното исполнување на сите потреби и фактот
дека поседувањето на повеќе од она што навистина ни треба не преставува никаква
општествена вредност, ниту некој на тоа дава важност, во потполност би го
намалиле или дури би предизвикале исчезнување на криминалот во тој облик.
Секако, секогаш постои отворена
можноста дека психички пореметените луѓе ќе посегнат по насилство, но тоа е
медицинско прашање, кое бара и медицински пристап. Сепак, можеме да заклучиме
дека и такви појави би биле во помал број во општество во кое луѓето би живееле
исполнет и квалитетен живот, а сосема е јасно дека голем број на психички
пореметувања имаат корени во незадоволството од општиот квалитет на живеење.
На телевизија покажаа насилни демонстрации и анархисти... Како тогаш ќе
дојде до ненасилно општество?
Да, прашањето за насилство и
ненасилство во самите анархистички движења е големо прашање, односно, најчесто
прашање е колку насилство и какво насилство. Веќе утврдивме дека моменталната
структура и организација во општеството наголемо е базирана на насилство, така
да и односот на секоја личност во општеството кон насилството е различен.
Истото може да се каже и за луѓето во анархистичките движења, но со една
разлика. И покрај фактот дека постојат „фракции“ (ако тоа може така да се
нарече) кои се насочени кон екстремно насилство, сепак тие се во мал број и
можеме да кажеме дека збориме за незначителен број. Затоа, имаме поголеми групи
кои не сметаат дека насилството е единствен пат, меѓутоа, одредени врсти на
насилство се сметаат за корисни – тука првенствено се мисли на насилство над
објектите, односно нанесување на економска штета, разни врсти на симболично
насилство, кое никако не е насочено спрема луѓето. Најголемиот дел пак
застапуваат прилично ненасилни модели на делување, иако и тоа од страна на
медиумите, политичките и економските елити е прогласено за насилство (со што
тоа делување станува „илегално“ или на работ на легално), а тоа вклучува
штрајкови, блокади на прометот и производството, окупирање на стамбените и
производните простори и слични акции, со кои е јасна целта, а количината на насилство
е сведена на потребниот минимум (самоодбрана).
Ако погледнеме на овој преглед на
ставовите спрема насилството, односно ненасилството, сосема е јасно дека
збориме за широк спектар на ставови, во кои сепак доминира ненасилството, но во
онаа мера во која тоа е прифатливо со обзир на моменталната состојба во светот.
Медиумите често бараат спектакл
кој ќе ја зголеми продажбата на одредени весници или гледаноста на некоја телевизија,
и со самото тоа го покажуваат само она што е спектаклуларно, а многу ретко или
речиси никогаш не зборат за содржината која стои позади поедини анархистички
или некои слични манифестации. Ако не дојде до насилни ситуации на
манифестацијата на која се очекувало таков спектакл, извештајот сепак ќе ја
содржи реченицата „дојде до конфликт со...“ затоа што тоа дава драматичност на
целата приказна, и покрај фактот дека не постои ниту една фотографија или
снимка од тој „конфликт“. Тоа се случувало доста често, со што можеме да кажеме
дека тоа е вообичаена појава внатре во медиумите. Тоа исто така доста кажува за
т.н. „објективност“ на медиумските куќи.
Секако, тоа не значи дека
поединечни насилни ситуации не се случиле, прашањето е на кој начин, поради
што, против што било тоа насилство насочено и колку навистина се случило?
Најчестиот проблем кој се јавува
во текот на масовните собирања и протести е отварање на можноста за разни
личности склони кон насилство, тоа насилство и да го практикуваат. Не поради
тоа што тоа го сметаат за политички мотивирано насилство, туку напросто затоа
што се склони кон насилство – но тоа нас не враќа на приказната за пореметениот
систем на вредности или пак менталните пореметувања, кои насилството го
третираат како вредност (што тоа не е ) кое овозможува да се создаде чувство на
моќ т.е. надмоќ.
Од друга страна, гледајќи на анархистичките
ставови спрема насилството, особено организираното насилство, како што се
војните или терористичките напади, сосема е јасно дека збориме за изразено
ненасилни движења. Еволутивниот процес, кој анархизмот го преживеал уште на
крјаот на 19 век, ја прекина поврзаноста со идејата за „пропаганда на дело“ односно
политичките атентати, чија цел била да се покаже дека може да се „тргне“ секој
диктатор. Тие неколку години на екстремно насилство на никој не му донесе нешто
добро, па и најрадикалните заговорници за „пропаганда на дело“ набрзо се
откажале од таа метода или дури и почнале да ја осудуваат како потполно
неприфатлива.
Затоа денес, збориме за движење кое
се противи на таквото организирано насилство, затоа што неговата единствена цел
може да биде стекнување моќ над некој. Така тероризмот, кој беше спакуван во
војната (легален тероризам) или нелегалниот (илегален тероризам) беше потполно
неприфатлив концепт, затоа што нуди страв, омраза, уште повеќе насилство и
затоа што по правило го спроведуваат групите кои сакаат да наметнат свој систем
на вредности, кој често не е посебно поразличен од доминантниот, станува збор
само за други луѓе кои спроведуваат власт.
Сето тоа исто така наоѓа своја
основа во фактот дека тероризмот настанал (тоа е историски факт) како модел со
кој државите (тука збориме уште од античките држави но и многу покасно) ги
држеле своите поданици во покорност во моментите кога би постоела опасност од побуна
или непослушност. Терор, односно ширење на стравот, најдобро го спроведува
токму оној кој има монопол над насилните средства и институции, т.е. оној кој
може да ги користи во најшироки мерки. Тоа секогаш биле, баш како и денес,
државите. Дури покасно во историјата, тој модел почнал да се користи и на
пониските нивоа, или дури и индивидуално, меѓутоа, најјак во таа „игра“ секогаш
е државата. Погледајте ги само војните и начинот на кој се водат, и на тоа што
се се случува во војните... Целата историја е преполна со набивање на колци,
распнувања, мачење, кули од коски и слични гадости, а се тоа имало само една
цел – ширење на страв (терор).
Војната или тероризмот не можат
да бидат пат во едно ненасилно и неавторитарно општество. Денес, војните се
водат исклучиво поради „постиггнување на мир“ а колку е апсурдна таа изјава не
треба ни да се збори. Ниту една воена сила не постои за да „контролира,
освојува, и застрашува“, туку исклучиво за „зачувување на мирот“. Тоа е еднакво
како да кажете дека сте ја запалиле куќата за да ја заштитите од пожар.
Таквиот начин на делување, од
анархистичка гледна точка, е потполно неприфатлива. Затоа, ненасилството е
основа на секојдневното анархистичко делување и развој на општествените проекти,
а поединечните насилни испади за време на големите манифестации ги оставаме
отворени за дискусија.
Како општеството би било организирано и кој би го организирал?
На почеток, потребно е да се каже
дека не постои „универзално решение“ кое секаде во светот би функционирало. Тоа
е идеја која ја негуваат разни тоталитарни и авторитарни идеи, а тоа во
создавањето на едно вистински слободно општество е неприфатливо. До денес, сите
обиди за организирање на единствен (универзален) начин пропаднале – историјата
е полна со такви примери. Страшна е помислата на постоење обид за применување
на истиот модел на секое општество, без обзир на културниот, локалниот и секој
друг контекст.
Општествената организација и
обликот кој таа ќе го има, зависи исклучиво од самото општество, односно од
заедницата за која станува збор. Веќе утврдивме каква е идејата за
анархистичкото општество базирано на мали заедници, децентрализирани но
поврзани. Внатре, во помалите заедници е полесно да се донесат заеднички одлуки,
т.е. поедноставно е да се ускладат различните желби и потреби. Тоа е еден од
основните услови за општо задоволство – секој мора во потполност да ги оствари
свите потреби и секој мора да биде во можност да учествува во процесот на
одлучување.
Значи, организацијата би почивала
на тие мали заедници ( без разлика дали говориме за десетици, стотици или
илјадници луѓе, тоа е исто така прашање на самата заедница) и секоја поединечна
личност внатре во нив, а нивната поврзаност и координација би постоеле во онаа
мера во која тоа е навистина потребно. Денес најчесто се говори за поврзаност
која ја задоволува формата (влегување во разни федерации, интеграции,
институции, и сл.) додека всушност, таквиот облик на здружување и поврзување не
ги задоволува потребите на општеството. Но знаеме чии потреби задоволува, зар
не? Нема потреба постојано да го повторуваме очигледното...
Другото битно прашање кај
организацијата на општеството е прашањето на територијата. Границите, какви што
денес ги познаваме се неприродни и како такви немаат друга функција освен што
означуваат територија која е контролирана од некоја политичка и економска
елита. Како такви, стануваат непотребни, а организацијата на земјата станува
природна, преку создавање на био – региони, кои не се поделени со строги
граници и кои се тесно поврзани. Био – регионите секогаш имале важна улога во
животот на луѓето. Луѓето секогаш се населувале во поединечни био – региони
поради одредени погодности – питка вода, плодна земја, шуми и над илјада други
причини кои овозможувале задоволување на овие или оние човечки потреби. Прашајте
го било кој научник и одговор на прашањето за био – регионите ќе биде „ Да, тоа
се единствените граници“ кои природата ги познава.“ Со обзир на тоа дека
човекот е составен дел на природата, тогаш што би било поприродно од
израмнување со самата природа.
Секако, организирање на животот
во склад со природата не значи во целост да се напушти технологијата и до се
она до кое дошол човековиот вид до сега, преку процесот на еволуција. Сосема е
сигурно дека ќе постојат заедници кои ќе ја напуштат технологијата и ќе се
вратат на примитивните облици на технологија и производство, меѓутоа, тоа не е
потребен чекор за целиот свет. Денес технологијата се (зло)употребува многу
неодговорно и често како уште едно средство за стекнување на моќ. Сепак,
одговорното користење на технологијата, и што е особено важно, користење поради
реална потреба, би значело вистинска помош во организацијата на производството,
превозот и слично. Може да се каже дека автомобилите се добар пример за
денешниот погрешен однос кон технологијата. Се прашувате како? Па, сосема е
јасно и познато дека автомобилите и целата таа индустрија се изразено штетни
(на повеќе начини), меѓутоа, помалку е познато дека постојат подеднакво
ефикасни алтернативи за превоз, кои не се штетни или се незначително штетни. Па
зашто не се користат денес? Затоа што старата технологија не е доволно
искористена и затоа што новите облици на превоз
не смеат да станат дел од масовното производство додека во потполност не
се исцрпат старите. Големите индустрии имаат контрола над тоа и покрај фактот
дека сите штетни последици се познати, продолжуваат да ги кријат новите научни
постигнувања и ги промовираат старите. Тоа е типичен пример за неодговорно
користење на технологијата, а други, слични примери ги има над илјада.
Таквото користење на
технологијата најверојатно е условено од општествената организација каква што
ја познаваме во денешницата – наместо технологијата да се користи во служба на
луѓето, луѓето се во служба на технологијата.
Одговорната употреба на
технологијата може наголемо да го олесни производството и со самото тоа да
осигура некои од човековите потреби, а при тоа да се потроши помал труд, време
и природна суровина. Начинот на употреба на технологијата е општествено
прашање, а не прашање на поединечна индустрија, и затоа пронаоѓа свое место во
делот за општествената организација.
Добро, да речеме дека тоа така би функционирало, но како да дојдеме до
такво општество?
Во текот на историјата имало
различни обиди за создавање на такво општество. Ниеден од тие обиди не траел повеќе
од неколку години. Всушност, единствен обид кој бил најблиску до таа цел се
случил во Шпанија, помеѓу 1936 и 1939 година. За тоа се напишани многу книги, и
често се наведува како многу успешен пример, меѓутоа, севкупно имало краток
век, затоа што комунистите (по наредба на Сталин) го скршиле секој обид за
понатамошна општествена промена која таму се случувала.
Но нема да се задржуваме на
историските примери – за тоа можете да пронајдете цела низа на литература.
Сосема е јасно дека општествената
промена нема да дојде „преку ноќ“. На тој начин се менува власт, но не и
општествено уредување, затоа што постоечкиот систем на вредности не може да се
промени од денес за утре. Значи, станува збор за процес. Тој процес може
најубаво го опишува зборот (кој во последниве десет години често се појавува)
р/еволуција.
За разлика од револуцијата која
значи промена „преку ноќ“, барем во класичното сфаќање на тој збор, р/еволуција
го вклучува процесот пред самата промена, самата промена и времето после
промената, затоа што непрекинато трае и прашање е дали некогаш ќе престане. Тој
процес се случува постепено, долг е и ги опфаќа сите сегменти на животот,
барајќи права лична промена кај секоја личност во општеството, што всушност
постепено води и во општествена промена, како конечна цел. Овој процес вклучува
примена на новиот систем на вредности во секојдневните ситуации, практикување
на нови облици на организација и разни општествени, економски и слични
„експерименти“ со кои би се покажало како е навистина можно да се организира
животот на поинаков начин, но и како би покажале некои од можните правци за
постигнување на самата цел.
Обидот за постигнување на нагли
промени, кога малку подобро ќе се погледне, во овој момент би значел (баш како
во историјата) огромен општествен конфликт, првенствено поради постоењето на
вредносниот систем кој не прифаќа ниту најмала промена, а камоли некои кои во
целост би го довеле во прашање. Потикнувањето на таков општествен конфликт би
значело војна, а како конечен исход од таа војна би имале наметнат систем на
вредности, без обзир на тоа кој би бил поразен, односно која е победничката
страна. Со тоа всушност сите би биле поразени, а општеството би останало (во
организациска и вредносна смисла) таму каде што се наоѓа и денес – едни ќе владеат,
други ќе извршуваат.
Тоа сепак не значи дека треба да
се препуштиме на апатијата и верувањето како денес не е возможно било што да
смениме. Дури и напротив, потребно е со сите можни и прифатливи средства да
пробаме да ги приближиме на себе и на другите општествената рамноправност и
целосната слобода. Новиот систем на вредности бара и нови модели на делување.
Разни акции на солидарност, взаемна помош, нехиерархиски организации,
алтернативни едукации, заштита на природата, алтернативи облици на производство,
итн. се само еден од начините на делување. Исто така, потребно е повторно и од
почеток да се доведува во прашање секој наметнат авторитет и структура, и со
своите примери да се нуди алтернатива на решавање, и да не се прифаќаат
компромисни ситуации кои нас на крајот, од компромис во компромис, ќе не
одведат во крајна послушност и претворат во нечии поданици. Не треба да имаме
поданици и не треба да бидеме поданици. Тоа е едноставна филозофија.
Нашиот секојдневен живот и
делување не одведува во една или друга насока. Со тоа, всушност, самите бираме
што сакаме, и покрај фактот дека понекогаш сме присилени да направиме некои
работи и против наша волја. Тоа никого не треба да го спречи во обидот за остварување
на други цели. Не, баш напротив, тоа нас може да не охрабри уште посилно да се
потрудиме да ја промениме состојбата на тие работи. Сето тоа е долг и понекогаш
тежок процес, но ако во него не учествуваме, ќе биде уште подолг и уште
потежок.
Се ова убаво звучи, меѓутоа, не е ли ова само утописки сон?
Нарекувајќи ги работите утопија
во денешно време, сакаме да кажеме дека станува збор за нешто неостварливо,
нешто од кое треба да се откажеме, затоа што е невозможно. Секако, на секој му
е јасно на кого му одговара таквиот став и верување дека рамноправното и
слободно општеството е утопија. Истовремено, за многу луѓе е поедноставно да се
прифати ваквата состојба на општеството, без обзир дали се слагаат со неа или
не, па се склони да одмавнат со раката и да кажат „Тоа е утопија, нема шанси“.
Ако повторно погледнеме во минатото,
сосема е јасно дека многу политички идеи биле нарекувани утопија. Така,
укинувањето на робовладетелското општество и преминувањето во феудално се
сметало за утопија. Исчезнувањето на монархијата и воспоставувањето на
парламентарната демократија е исто така сметано за утопија... Всушност, секоја
промена на доминатната состојба и
воспоставувањето на новите вредности се сметала за утопија, барем до моментот
кога би се случила.
Во моментот кога утопијата
станува стварност, збориме за постигнување на една цел на р/еволуцијата а тоа е
всушност правиот почеток на брз развој на потикнатиот процес.
Всушност
се е прашање на нашето лично сфаќање на работите.
Се тргнува од човекот. Идејата за авторитетот лежи во „главата“ а не во
реалниот авторитет кој некој го има. Секако, ако оспориме нечив авторитет, против нас ќе
употребат сила, меѓутоа, силата е само средство за постигнување на послушност а
не вистинска и разумна причина зошто некој би имал авторитет над нас.
No comments:
Post a Comment