Анархистите имаат формирано свое сфаќање за општеството, целосно различно
од сите политички партии кои тежнеат државната власт да ја превземат во свои
раце.
Ние, општеството го замислуваме како
организам во кој односите помеѓу неговите членови не ги одредуваат законите
(наследство на историското угнетување и минатото варварство), ниту владејачите
(избрани или по наследство), туку слободна согласност, како и навиките и
обичаите, исто така слободно прифатени. Меѓутоа, тие обичаи не мора да се под
влијание на законите и суеверенијата кои ги скаменуваат и претвораат во нешто
непроменливо. Тие треба постојано да се развиваат и применуваат според новите
барања на животот, на прогресот на науката и пронајдоците, и на развојот на се
поразумен и возвишен општествен идеал.
Во анархистичкото општество нема власт која на другите би им ја наметнала
својата волја. Нема власт на човек над човек. Нема статичност во животот,
наместо тоа постои постојано движење напред, час побрзо, час поспоро, како што
е животот во природата. Таков е идеалот
на анархијата.
Поединецот исто така има право на слободно делување, за да може да ги
развие сите свои природни способности, својата индивидуалност т.е се она што
може да биде негово, лично. Со други зборови, на поединецот никакви работи не
му се наметнуваат преку закана со општествена казна или натприродна одмазда. На
општеството од поединецот не му е потребно ништо што тој самиот не би прифатил
доброволно да го исполни во одредено време. Заедно со ова – потполна еднаквост
во правата за сите.
Ние замислуваме општеството на еднакви, кои во својата средина не
дозволуваат никаква принуда и ако нема принуда, воопшто не се плашиме дека во
општеството на еднакви, постапките на поедини членови штетни за општеството
можат да добијат опасни размери. Општеството на слободни и еднакви луѓе ќе знае
да се заштити од такви постапки многу подобро отколку нашите модерни држави кои
наложуваат општествената моралност да ја штитат полиција, шпиуни, затвори
(универзитети на криминалот), чувари, крвници и судови.
Јасно е дека до денес никаде не постоело општество кое на дело ги
применувало овие основни ставови. Но во сите периоди на човештвото постоело
тежнеење тие да се остварат.
Секогаш кога одреден народ успеваше бар привремено да ја отфрли власта која
го угнетува, или да ги уништи вкоренетите нееднаквости (ропство, автократија, кметство,
владеење на некоја каста или сталеж), секој пат кога нов зрак на слободата и
еднаквоста продираше во општеството, угнетуваниот народ се трудеше бар донекаде
да ги оживее овие најосновни ставови.
Затоа имаме право да кажеме дека анархијата преставува
одреден општествен идеал кој битно се разликува од се она што до сега го имаат
величено филозофите, научниците и политичарите, кои сакаа да управуваат со
луѓето и да им дадат закони. Анархијата никогаш не беше идеал на владејачката
класа. Но затоа често беше, помалку или повеќе свесен, идеал на народот.
Извор: Анархија (Петар Кропоткин)
Извор: Анархија (Петар Кропоткин)
No comments:
Post a Comment