21.6.13

Начини на контрола на личноста: ОБРАЗОВАНИЕ

Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичко општество (6)

Формалното (јавно) образование во секоја држава е одраз на идеолошката матрица, па така во капиталистичкото општество, тоа е одраз на капиталистичките вредности и свест. Целиот образовен систем, неговата форма, наставна програма и бирократска хиерархија се така оформени за да ја снабдат владејачката класа со луѓе кои ги имаат способностите, знаењето и однесувањето кои ќе им помогнат на капиталистите да прават профит, а воедно ќе ги обезбедат условите кои ќе го осигураат тој профит. Улогата на образованието врз свеста на човекот им била јасна на владејачите уште во далечната 1872 година:


 „Секое дете родено на овој свет треба да биде третирано како суровина која треба да се преработи во финален производ. Неговиот квалитет треба потоа да се стави на тест. На општеството, како интелигентен економист, му е работа да го произведе најдобриот производ што може да го искористи.“ (Ward, 1872).



Она што е мисија на формалното образование во капиталистичкиот систем е репродукција на свеста – поточно, на класната свест. Според С. Бауелс и Х. Гинтис, прашањето воопшто не е дали образованието има задача да промовира еднаквост или нееднаквост, репресија или ослободување. Овие прашања се занемарливи во однос на основниот факт: дека образовниот систем е интегрален елемент во репродукцијата на владејачката класна структура на општеството. Природата на класната структура е основата врз која се формираат образовните вредности, се формулира социјалната правда како поим и се одржува човековата свест во даден облик. Во раниот капитализам се образоваа само високите класи; во денешните т.н. социјални држави државата главно го финансира образованието[1], но сепак само до одреден степен. Највисоките степени на образование сеуште можат да си ги дозволат само луѓе кои можат да инвестираат големи суми, додека дури и во случај на целосно бесплатно високо образование, лошо ситуираните млади луѓе немаат простор за инвестирање во повисоко знаење бидејќи се принудени, наместо тоа, да работат за да преживеат. На тој начин класните разлики добиваат карактеристики на наследен фактор: децата од семејствата од високите класи добиваат пристап до најелитното образование, додека оние од пониските имаат еден сосема ограничен пристап и поради неможноста да се образуваат, осудени се да ја „наследат“ класната припадност на нивните родители. На капиталистичкиот систем ваквите услови му се во целосен интерес: капитализмот може да функционира само ако многу ограничен број на владејачи на врвот го делат огромното богатство, додека мнозинството луѓе никогаш нема да добијат ни шанса за да излезат од калта во која се родиле (Bowles & Ginkis, 1976).

Во самиот образовен систем не е примарна содржината на тоа што се учи[2], туку самото искуство на учење, обликот и начинот на кој системот е осмислен. Како што за Маршал Маклуан беше важно дека „медиумот е пораката“[3], така клучното за оформување на свеста на човекот во образовниот процес не се нештата што ќе му бидат кажани, туку начинот на кој ќе му бидат кажани и условите во кои ќе мора да ги прифати тие нешта. Овие услови вклучуваат модели на доминација и субординација, социјална оттуѓеност и отсуство на солидарност меѓу учениците/студентите, понатаму поделби на машки и женски, бели и црни, интелигентни и глупави итн. Целата структура на социјалните односи во образованието го подготвуваат ученикот уште од најмала возраст за дисциплината на идното работно место и развиваат начини на однесување кои ќе го направат младиот човек „адекватен“ за статусот работник. Поконкретно, тоа се однесува на односите: управник – наставник, наставник – ученик, ученик – ученик (Bowles & Ginkis, 2011).


Така како што се поставени во школите и универзитетите, овие односи не случајно се реплика на хиерархиската поделба на трудот. Дисциплината кај ученикот е одраз на потчинетоста на работникот спрема неговиот надреден; оттуѓениот труд на работникот се рефлектира во недостатокот на контрола на ученикот врз содржината на наставата; паричната мотивација кај работникот се рефлектира во системот на оценување на знаењето на ученикот. Дури и конкуренцијата меѓу работниците е видлива во охрабруваното натпреварување меѓу студентите во процесот на меритократско оценување и рангирање. Уште во почетните години од своето образование, децата се учат да бидат подобри од другиот, наместо да соработуваат, а оцените делуваат не само како награда, туку и како казна, како знак за неуспех и неспособност на детето, на истиот начин на кој невработениот човек се самообвинува кога не може да најде работа и причината ја гледа во сопствената неснаодливост и неспособност, наместо во недостатоците на самиот политичко-економски систем (Bowles & Ginkis, 2011).

Во одреден поглед, формалното образование во капиталистичкото општество е подготвителна настава за работничкиот живот, но не со цел да го припреми детето за општеството и да го научи на сите знаења за животот, туку исклучиво за да го искалапи како погоден работник – а „погоден“ во термини на капиталистичката идеологија значи дисциплиниран работник, кој работи многу за мала плата, не поставува прашања, си ја држи устата затворена и следи наредби, а по завршувањето на смената се препушта на тотален конзумеризам. Со други зборови, модерниот човек е научен да биде робот, машина, алатка во процесот на масовно производство, потрошен и заменлив капитал и ирационален потрошувач, а формалното образование е тука да се погрижи во ниеден момент да не „залута“ од патот. 

Излишно е да се напомене дека психолошките сознанија за умот и расудувањето кај луѓето и овде се соодветно употребени за осмислување на системот на образование. Дури и директно, во самиот образовен процес, психолозите (и педагозите) со својата улога во школските установи, имаат задача да ги насочуваат децата и да ги „преусмерат“ оние деца кои потешко се приспособуваат и кои одбиваат да се конформираат. Проблемите за асоцијалноста или неуспехот во учењето кај тие деца, психолозите, очекувано, секогаш ги бараат во семејството и личните трауми, целосно занемарувајќи ги притоа причините поради кои семејството би било дисфункционално или детето би било занемарено, злоупотребувано или репресирано на било кој начин. Бертел Олман вели дека и самото тестирање на знаењето како концепт ги подготвува луѓето за одредени шеми на размислување и на однесување: да доаѓаат на работа на време, да примаат наредби без прашања, да имаат соодветен однос (стравопочит) спрема нивните надредени. Ги подготвува за ставот кон сопствениот неуспех, кој треба да го гледаат како личен неуспех, како последица на нивните природни неспособности или поради тоа што не учеле доволно. 

Во капиталистичкиот систем, каде општо владее меритократска идеологија, образованието во техничка смисла им служи на владејачите за две причини: првата е самото инвестирање во човечки капитал, односно поединецот мора да помине низ даден образовен процес за да се вклопи во бараниот модел на работник на пазарот на труд. Втората е сигналната функција на образованието, односно им укажува на работодавците дека потенцијалниот вработен поминал низ процесот на школување, што значи дека научил да се фокусира на конкретни проблематики и да повторува одредено дејствие без да се предаде на притисокот од монотонијата и рутината. За компаниите не е толку важно што и каде студирал потенцијалниот кандидат, туку самиот факт дека студирал и дисплинирано го поминал процесот на учење, кажува дека од тој поединец може да се очекува да биде послушен, вреден и потчинет работник ((Bowles & Ginkis, 2011). За Луј Алтисер, улогата на образованието во капиталистичкото општество е во функција на репродукција на работната сила. Училиштето не само што ја прифаќа општата идеологија на владејачката класа која го оправдува капиталистичкиот систем и го прави легитимен, туку, уште повеќе, ги учи работниците да ја прифатат сопствената експлоатација. Во училиштето не се учат само вештини туку и „правила“ за добро однесување, односно однесување во согласност со местото наменето за некој вршител на поделбата на трудот; морални правила на граѓанска и професионална свест, во крајна линија, правила на поредокот што ги утврдила владејачката класа.


[1] Во последната деценија, по масовното имплементирање на Болоњскиот процес во Европските универзитети како дел од неолибералната политика на ЕУ, факултетите постепено подлегнаа на процес на приватизација и полека се ослободуваат од финансиите на државата. По кризата од 2008 година, државите ширум Европа, но и пошироко, добија одлично оправдување да кратат од социјалните давачки од буџетот, па така и од давачките за образование, што само ја засили приватизацијата и го поскапе високото образование, правејќи го уште понедостапно за широките маси.
[2] Бертел Олман вели дека не е важно само она што се учи, туку уште повеќе она што не се учи. Според него, капиталистичкото образование ги учи луѓето на идеи, способности и ставови кои капиталистите можат да ги искористат, но уште пострашно е она што тој систем не дозволува да го научиш, на пример самиот факт дека постои алтернатива на капиталистичкиот систем и дека нештата можат и поинаку да функционираат (Cultural Logic, 2001).
[3] Маршал Маклуан, „Гутенбергова Галаксија“: во своите теории за медиумите, Маклуан вели дека воопшто не е важно што се емитува на телевизија, туку самата телевизија како медиум, без оглед на пораката, го наметнува односот испраќач-примач, и го поставува вертикалниот канал на еднонасочна комуникација, во која гледачот е набљудувач, а не учесник во процесите.

No comments:

Post a Comment