25.6.13

Отуѓување на човекот во капиталистичкото општество

Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичкото општество (7) 

 1. Отуѓување на човекот од самиот себе 
 Под оттуѓување се подразбира искуство во кое личноста се доживува себе си како некое туѓо суштество. Таа личност може да се каже дека станала оттуѓена од самата себе. Личноста не се доживува себе како центар на својот свет, како создавач на сопствените дела, туку нејзините активности и последиците од тие активности станале нејзини господари, на кои таа се покорува и кои, можеби дури и ги обожава. Оттуѓената личност не е во контакт со самата себе, како што не е во контакт ниту со другите личности. Таа, како и другите, се доживува себе како што се доживуваат предметите; со осетите и здравиот разум, но во исто време не се воспоставува продуктивна врска со самиот себе и со надворешниот свет. 

За оттуѓувањето може да се зборува не само во односот кон другите луѓе, туку и во односот спрема самиот себе, кога личноста е потчинета на ирационалните страсти. Личноста која главно е мотивирана од својата желба за моќ, не се доживува себе си како богато и неограничено човечко суштество, туку станува роб на поединечните амбиции во него, кои тој ги проектира во надворешните цели со кои е опседнат. Личноста која потполно се предава на страста за пари е опседната со оваа аспирација; парите се идол кој таа го обожава како проекција на една изолирана моќ во себе односно својата алчност. Нејзините акти не се нејзини сопствени – додека живее во илузија дека го прави тоа што го сака, неа ја прогонуваат сили кои се одвоени од неа и кои делуваат позади нејзиниот грб; таа е странец на самиот себе, како што и нејзините блиски ги доживува како странци. Таа ги доживува другите и себе не такви какви што се стварно, туку како изопачени и несвесни сили кои делуваат во нив (Фром, 1978). 

 Каков е односот на човекот спрема самиот себе? Човекот се доживува себе си како предмет кој треба да биде успешно искористен на пазарот. Тој не се доживува себе како активно суштество, како носител на човековата моќ. Тој е оттуѓен од оваа моќ. Неговата цел е успешно да се продаде на пазарот. Неговата свест за своето „јас“ не произлегува од неговата активност на поединец кој сака и мисли туку од неговата општествено-економска улога. Кога предметите би можеле да говорат, компјутерот на прашањето кој си ти би рекол јас сум компјутер, автомобилот би рекол јас сум автомобил. Кога ќе се запраша човек „Кој си ти?“ неговиот одговор е: „Јас сум доктор“, „Јас сум бизнисмен“ и неговиот одговор има исто значење како што би имал одговорот на предметите. Тоа е начин на кој тој се доживува себе си, не како човек, кој сака, кој чувствува страв, кој има уверувања, сомнежи, туку како апстракција, која е оттуѓена од неговата вистинска природа, а која исполнува извесни функции во општествениот систем. Неговото чувство на вредност зависи од неговиот успех: од тоа дали може да се продаде себе поволно, дали може да создаде од себе повеќе отколку од тоа со што почнал, дали неговиот живот успеал (From, 1980). Неговото тело, неговиот ум, и душа се неговиот капитал, а неговата животна цел е тоа поволно да го инвестира, да создаде профит со помош на себе.

Човековите особини како пријателство, учтивост, љубезност претворени се во стока, во личен инвентар кој може да се продаде по повисока цена на пазарот на личности. Ако личноста не успее себе поволно да се инвестира, тој има чувство дека промашил; а ако му тргне тогаш верува дека успеал. Јасно е дека неговата свест за сопствената вредност секогаш зависи од фактори надвор од него, од променливите процеси на пазарот, кои одлучуваат за неговата вредност како што одлучуваат и за вредноста на стоката. Оттуѓената личност која се продава, неминовно губи во значителна мера од чувството на достоинство, кое е така карактеристично за човекот па дури и во најпримитивните култури. Таа личност неминовно го губи секое чувство на своето „Јас“, на себе како единствено суштество. Свеста за своето „Јас“ произлегува од доживувањето на себе како субјект на своите доживувања, своите мисли, своите чувства, своите одлуки, своите судови, своите акции.. Предметите немаат свое „Јас“ но го немаат ни луѓето кои станале „предмети“(From, 1980). 

 Не може потполно да се сфати природата на оттуѓување ако не се разгледа еден специфичен аспект на модерниот живот: рутинираност и потиснување на свесното соочување со основните проблеми на човековата егзистенција. Овде се допира до универзалниот проблем на животот. Човекот мора да го заработува својот леб и тоа е задача која го окупира постојано. Тој мора да се грижи за многу задачи во секојдневниот живот кои бараат време и енергија, и тој е уловен во мрежата на извесна рутинираност која е неопходна за исполнување на овие задачи. Личноста гради општествени поредок, конвенции, обичаи и идеи кои му помагаат да го направи тоа што е неопходно и да живее со своите блиски, влегувајќи во конфликт со нив што помалку може (From, 1980). Карактеристично е за сите култури дека градат вештачки свет, свет кој човекот го створил и се издигнува над природниот свет во кој живее. Човекот кој е потполно уловен во мрежата на рутината и извештачениот живот, ако може да види само онаков свет каков што самиот го создал, тој губи врска и можност да се сфати себе и да го сфати светот. Еден од најдеструктивните аспекти на оттуѓувањето е разделувањето на луѓето од чувствата на мизерија и гнев, исто така од нивната сопствена мака или маката на другите. 

Нивното сопствено угнетување потоа е претворено од психолозите во „негативно мислење“ за да се чувствуваат лошо ако се пронајдат себе а угнетувањето на другите е претворено во судбоносна несреќа во рацете на лошо адаптирани луѓе. Во капиталистичкото општество водено од профит и од императивот за конзумација, поставена е премија на „позитивна психологија“, при што таа среќа стана гледана како нормална состојба (Parker & Spears, 1996). Себеактивирањето и солидарноста се заменија со антидепресиви и милостина. Голем број на луѓе се оттуѓени, но кажуваат дека се среќни, а компаниите за лекови се исто така среќни да влезат и да ги развеселат доколку не се чувствуваат добро во врска со себе. Оттуѓеноста не е само разделба на човекот од другите луѓе туку еден вид на разделба во самата личност, каде што се доживува себеси како инхибирана и водена од сили кои се мистериозни за неа. Овие мистериозни сили вклучуваат економски сили кои го структурираат животот на човекот, како суштества кои мораат да ја продаваат својата работна сила на други; сепак, психологизацијата на различните димензии на угнетување, кои го направија капитализмот возможен исто така содржи „раса“ и „секс“ во високо платените, понекогаш возбудувачки, понекогаш застрашувачки сили кои се надвор од контрола (Parker, 2007). 

 2. Отуѓување на човекот од другите луѓе
 Каков е одност на современиот човек спрема другите луѓе? Тоа е често однос помеѓу две апстракции, две живи машини, кои се користат една со друга. Работодавецот ги искористува оние кои ги вработува; продавачот ги искористува своите купувачи. Секој е за секого стока, спрема која треба да се однесуваат секогаш со извесна љубезност, затоа што ако сега не е корисна може да биде во иднина. Во човековите односи денес ретко може да се најде љубов или омраза. Капиталистичкото општество се состои од „атоми“ (индивидуи), мали честици кои се раздвоени едни од други, но кои се оддржуваат заедно со помош на себичните интереси и потреба да се искористуваат едни со други. Личноста е сепак, општествено суштество со длабока потреба да споделува, да помага, да се чувствува како член на групата. Што се случило со овие општествени аспирации кај личноста? Тие се манифестираат во посебната област на јавниот живот, строго одвоен од приватниот. Во приватниот однос спрема другите луѓе, човекот се раководи од егоизам, „секој за себе“. Поединецот се води од себичните интереси, а не од солидарност со луѓето и од љубовта спрема нив. Областа на човековиот општествен живот како „граѓанин“ одвоен е од приватниот живот како поединец. Во областа на општествениот живот, државата е отелотворување на човековата општествена егзистенција; од граѓаните се очекува дека треба да покажуваат чувства на општествени обврски и должности и тие тоа и го прават. Плаќаат данок, гласаат, ги почитуваат законите, а во случај на војна спремни се да ги жртвуваат своите животи. Подвоеноста на приватниот и јавниот живот може да се прикаже преку примерот каде што некој човек воопшто не би помислил да потроши 1000 денари за да помогне на некој непознат човек, но не се колеба да го ризикува својот живот за да го спаси животот на овој ист човек кога двајцата би се нашле на бојно поле како војници во униформа. Униформата е отелотворување на човековата општествена природа, а цивилното одело на неговата егоистична природа (From, 1980).

Подвоеноста помеѓу заедницата и политичката држава довела до тоа да сите општествени чувства се проектираат во државата, која на тој начин станува идол, сила која стои над и надвор од човекот. Човекот се потчинува на државата, како отелотворување на сопствените општествени чувства кои тој ги обожава како сили оттуѓени од него; во својот приватен живот, како поединец, тој пати од изолираност и осаменост, кои се неминовен резултат на оваа подвоеност. Обожавањето на државата може да исчезне единствено ако човекот ги врати своите општествени сили и изгради заедница во која неговите општествени чувства не се нешто додадено на неговиот приватен живот, туку неговиот приватен и неговиот општествен живот се едно исто. 

 3. Отуѓување на човекот од својот труд 
 Производството кое постојано се развива, нагонот да се создаваат што повеќе и подобри предмети, стануваат цели за себе, нови идеали. Работата и работникот се оттуѓени. Што се случува со индустрискиот работник? Тој ја троши својата најдобра енергија произведувајќи „нешто“ осум или десет часови дневно. Човекот мора да работи за да заработи за живот, но тој е потполно пасивен. Индивидуата исполнува мала и изолирана функција во комплицираниот и високоорганизиран процес на производство и никогаш не се соочува со „својот“ производ како целина, или барем не како произведувач туку како потрошувач, под услов да има пари да го купи својот производ во продавница. Работникот не е поврзан со целината на производот ниту во физичка смисла ниту во поширока економска и општествена смисла. Тој е ставен на извесно место, треба да изврши одредена задача, но тој не учествува во организацијата и управувањето со работата. Тој не е заинтересиран, ниту знае зошто се произведува тоа, а не некоја друга стока, ниту во каков однос е со општеството во целина. Употребувајќи машини, компанијата произведува чевли, автомобили, електрични сијалици. Работникот е дел од машината, а не господар и активен учесник. Машината станала негов господар, наместо да му ја олесни работата која порано морал да ја завршува со својата физичка енергија. Наместо машината да биде замена за човековата енергија, човекот стана замена за машината. Неговата работа може да се дефинира како извршување на оние активности кои сеуште не можат да ги извршуваат машините (From, 1980). 

Работата е средство за стекнување пари а не сама по себе битна човекова активност. Работата се јавува како нешто неприродно, како непријатно, и заглупувачки услов за стекнување на пари, лишен од достоинство и важност. Не треба да се биде зачуден зошто работниците работат споро, немарно, употребувајќи разни трикови да стекнат повеќе пари со помалку работење. Овој однос на работникот спрема работата е резултат на целокупната општествена организација, чиј член е и самиот тој. Затоа што е „вработен“ тој не е активен учесник, нема одговорност, освен што извршува изолирана активност и единствено што го интересира е тоа да донесе доволно пари во својот дом, за да се издржува себе и своето семејство. Ништо друго не може да се очекува или да се бара од него. Тој е дел од капацитетот кој го вработува капиталот и неговата функција и улога се одредени со тоа што тие се дел од тој систем. Во последниве години се обраќа сè поголемо внимание на психологијата на работникот, на неговиот став спрема работата, на „човековиот проблем во индустријата“. Најголемиот број на истражувањата во областа на индустриската психологија се однесува на прашањето како да се зголеми продуктивноста на индивидуалниот работник и што да се направи тој да работи со помалку тешкотија; психологијата послужила за „управување со луѓето“ (human engineering) што преставува обид работникот и службеникот да се сметаат за делови на машината, која работи подобро кога е добро подмачкана. Доколку работникот работи подобро ако е среќен, ако тоа ја зголемува неговата продуктивност и ја намалува тешкотијата тогаш треба да се направи среќен, сигурен, задоволен. Во име на „човековите односи“ спрема работникот се однесуваат на таков начин кој одговара на потполно оттуѓена личност; дури и се препорачува среќа и други човекови вредности во интерес на подобри односи со публиката. Се збори за „човечки односи“ а најмалку се мисли на човечки односи, односно се мисли на такви односи кои владеат помеѓу оттуѓените автомати; се збори за среќа, а се мисли на совршено рутинерство кое би го отстранил и последниот сомнеж и целата спонтаност (Фром, 1978).

Оттуѓениот и длабоко незадоволувачки карактер на работата доведува до две реакции: една е потполна мрзеливост како идеал, другата е длабоко всадено но несвесно непријателство спрема работата и сè што е поврзано со работата. Подемот на услужниот сектор (како што се продавници, ресторани и објекти за слободно време) и регрутирањето на повеќе жени во платената работа исто така го охрабрува фокусот на емоционалниот труд и на начинот на кој се врши перформансот за клиентот, што на крајот ќе го зголеми профитот на работодавецот. Очекувањето дека работникот во услужните индустрии треба да ја одигра својата улога за клиентот убедливо, со тоа што ќе се однесува како навистина да ужива што е таму и дека е целосно посветен на квалитетот на производот, подразбира интензивирање на психологијата на трудот. Оваа престава е добро опишана како форма на „длабоко глумење“ во која работникот е колонизиран на ниво на емоционално искуство и завршува понатаму одвоен од него самиот; работниците се целосно навлезени во односот со клиентот, се очекува да се однесуваат како тие навистина да сакаат да бидат таму, и тие се исцедени од сопствените одговори и оттуѓени од самите себе. Ова оттуѓување не е нешто што може да се открие со користење на едноставен прашалник; тоа му станува јасно само на работникот кога ќе се скрши од „длабокото глумење“ , во времето кога ќе се вклучи во друг вид на колективна активност против компанијата – на состаноци, протести, штрајкови и окупирања – и е во можност да процени колку длабоко неговиот живот бил колонизиран за туѓ профит (Parker, 2007).

No comments:

Post a Comment