Како што раѓањето значи напуштање
на заштитната утроба, така и растењето значи напуштање на мајчината заштита.
Дури и кај возрасните личности не престанува тежнеењето за оваа ситуација која
некогаш постоела, и покрај фактот дека постои голема разлика помеѓу возрасните и
детето. На секоја возрасна личност и е потребно помош, топлина, заштита, што во
голем дел се разликуваат а истовремено во голем дел се слични со потребите на
детето. Дали не изненадува тоа што кај просечна возрасна личност наоѓаме
длабоко тежнеење за сигурност и вкоренетост, што претходно и го пружал односот
со мајката? Зар не треба да очекуваме дека таа нема да се откаже од ова силно
тежнеење се додека не пронајде друг начин да се вкорени?
Во психологијата постојат голем
број на докази за одбивање да се напушти сеопфатната заштита од мајката. Во
најекстремните облици наоѓаме тежнеење да се врати во мајчиата утроба. Личноста
која е целосно опседната со оваа желба прикажува слика на шизофренија. Таа се
чувствува и однесува како ембрион во мајчината утроба, неспособна да ги врши
ниту основните функции на мало дете. Во многу поостри облици на неврози се
наоѓа истото тежнеење, но како пригушена желба која се манифестира само во
соновите, во невротските симптоми и однесувањето, што е резултат на конфликтот
помеѓу длабоката желба да се остане во мајчината утроба и возрасниот дел на
личноста кој тежнее да живее нормален живот. Во однесувањето на таквите
личности се манифестира страв од животот и голем занес спрема смртта (смрт во
мечтаењето преставува враќање во мајчината утроба, кон мајката земја).
Поблага форма на врзаност за
мајката наоѓаме во оние форми каде што личноста „дозволила да се роди“ но се
плаши да го превземе следниот чекор на раѓањето, да се отргне од мајчините
гради. Луѓето кои застанале на овој степен на раѓањето имаат длабока желба
мајката да ги пази, негува и штити. Тие се во суштина зависни и заплашени,
несигурни кога ќе им се одземе мајчината заштита, а оптимистички расположени и
активни кога имаат мајка или замена за неа, во стварноста или фантазијата.
Овие патолошки појави во
индивидуалниот живот имаат своја паралела во еволуцијата на човековиот род.
Најасен израз на ова лежи во појавата на универзална забрана на инцестот дури и
во најпримитивните општества. Забрана на инцестот е неопходен услов за
целокупниот човеков развиток, не поради сексуалниот туку поради афективниот
аспект. За да се роди и да напредува, човекот мора да ја пресече папочната
врвца; тој мора да го совлада длабокото тежнеење да остане врзан за мајката.
Проблемот со инцест не е ограничен
само на врзаноста за мајката. Врската со неа е само најелементарен облик на
сите природни крвни врски кои му даваат на човекот чувство на вкоренетост и
припаѓање. Семејството и племето, а подоцна државата, нацијата или црквата ја
превземаат функцијата која првобитно ја имала мајката спрема детето. Поединецот
се потпира на нив, се чувствува вкоренет во нив, има чувство на идентитет како
да е дел од нив а не како поединец одвоен од нив. Личноста која не припаѓа на
истата нација или држава се смета за туѓа и опасна, како личност која не ги
поседува истите човекови квалитети кои ги поседува само сопствената нација.
Човекот кој се ослободи од
традиционалните окови на средновековната заедница, уплашен од новата слобода која
го претвора во изолиран атом бега во ново идолопоклонство на крвта и земјата,
чии највидливи изрази се национализмот и расизмот. Обожувањето на државата
помешано со идолопоклонство на расата или нацијата доведува до фашизам, нацизам
и расизам.
Национализмот ги замени оковите
на феудализмот и апсолутизмот. Денес просечниот човек стекнува чувство на
идентитет на основа на неговата припадност на нацијата а не на основа на фактот
дека е „син на човекот“. Неговата објективност спрема странците е извитоперена
од оваа поврзаност. Тој суди за „странците“ со различни критериуми од
критериумите за сопствената нација. Неговите чувства за странците се исто така извитоперени.
На оние кои не се „блиски“ по крв и земја (по обичаите, храна, песни, итн.) се
гледа со сомнеж и може да се јават параноидни заблуди за нив поради
најбезначајни причини. Оваа инцестуална врзаност не само што ги труе односите
на индивидуата спрема странецот туку и спрема членовите на сопствениот народ и
спрема него самиот. Личноста која се нема ослободено од крвните врски и врската
за земјата сеуште се нема родено како човечко суштество; нејзината смисла за
љубов и разум е осакатен: не се доживува себе и своите блиски во нивната и
сопствена, човекова реалност.
Национализмот е облик на инцест,
идолопоклонство, лудило. „Патриотизмот“ е негов култ. Не е потребно да се каже
дека под „патриотизам“ се подразбира оној став кој ја воздигнува својата нација
над човештвото, над принципите на вистина и правда; а не интересирање полно со
љубов за својата нација, кое е поврзано со духовната, како и материјалната
благосостојба на нацијата а никогаш со власта над другите нации. Исто како што
љубовта спрема една личност, која исклучува љубов спрема другите, не е љубов,
така и љубовта спрема сопствената земја, која не е дел од љубовта спрема
човештвото, не е љубов туку идолопоклонство и обожување.
Бидејќи големите европски
револуции во 17 и 18 век не ја претворија „слободата од“ во „слобода за“,
национализмот и обожувањето на државата станаа симптоми за враќање на
инцестуалната врска. Единствено кога човекот ќе успее да ги развие својот разум
и љубовта повеќе од тоа што до сега го направил, единствено кога ќе изгради
свет заснован на човекова солидарност и правда, единствено кога ќе чувствува
дека е вклучен во доживување на целокупното братство, ќе најде нов човечки облик
на вкоренетост, ќе го измени својот свет во вистински човечки дом.
Извор: Здраво општество (Ерик Фром)
Извор: Здраво општество (Ерик Фром)
No comments:
Post a Comment