Ни кажуваат дека настапила криза
и не лажат. Исто како кога најавуваа напредок со мутираните крави, хранети со
генетски модифицирана храна, хемикалии и пластика. Затоа што економската
рецесија и развојот се дел од една иста фарса. Овие две тенденции: развојот и
грчењето, се дел од истата мрежа на ропство, експлоатација и страв која ве
бутка и дави, вас, мене, сите нас, робови за плата. Ние кои живееме во криза
која е вечна, затоа што да живееш значи да платиш за секоја работа, да ја
платиш секоја желба и секој сон, затоа ние мора да се осудиме да сакаме, да копнееме
и да делуваме надвор и против пазарот.
Тие ќе ни кажат дека кризата има
конкретен и разумен пример, дека само еден дел од системот е срушен, дека
алчноста ги уништила банките и дека да згрешиш е човечки, дека сето тоа не е
битно затоа што библискиот мудрец Балтазар пристигна со торба полна со ветувања
за да го зацврсти капитализмот и да ги префарба циглите кои водат до Смарагдниот
град, а Оз и неговиот Спектакл, индустријата за забава, мора да продолжат. И они
ќе продолжат да не лажат, затоа што капитализмот нема лек, тој е постојана
криза која сама се репродуцира уништувајќи мажи, жени, култури и континенти се
додека не ја уништи целата планета.
Затоа е неопходно, еднаш
засекогаш да ги уништиме рецесијата, економскиот просперитет, профитот и системот кој толку ги залуди луѓето. Ние затоа ги палиме парите, тотем и табу, срце и
крв, најголемата апстракција и најголемата реалност на капитализмот: да ја
потпомогнеме кризата која ќе го уништи богатството на нивните нации, рецесијата
да се разбуди се додека капитализмот не се угуши во сопствената финансиска
повраќаница, за економијата да исчезне а животот повторно да се појави. Затоа
што толку обожуваната валута е лажна како и се останато – отровен облак кој
треба да го растераме за повторно да ја видиме светлината на денот.
Можеби ќе кажат како тие пари не
ни припаѓаат нам, туку дека се дел од бруто - домашниот национален производ, национален доход, државен трезор, тие проклети монструозни созданија кои ги
засенија, она што некогаш беа меѓучовечките односи и колективно производство,
размени и поклони. Зар не ги заработивме ние со потта од нашиот труд? Зар не ги
добивме во замена за својата работа и времето кое ефтино го продадовме. Спрема
тоа, имаме право на радосниот луксуз да ги уништиме, едноставно затоа што не
можеме да им најдеме подобра цел, нити се вредни за трудот и за се што може да
биде направено со нив: штедење или инвестирање за парите да се натрупаат или
размножат како вирус, или трошење на парите на најсовремено ѓубре, конзумирање
на блуткави културни спектакли, заработување на смешно мали пензии, отплаќање
на поробувачки хипотеки или финансирање на кампањи како би барале бедни
реформи, тоа се само некои од изговорите за да бидеме врзани со економијата и
да ја зајакнуваме во исто време. Дојде време да ја прекинеме таа папочна врска:
ние го отфрламе капитализмот, со самото тоа ние ги отфрламе и неговите пари.
Затоа, ние ги спалуваме, истовремено согорувајќи го економскиот воз од парчиња хартија кои ги преставуваат неговите вагони и целата негова вредност. А потоа се одмараме знаејќи дека во светот кој ние го носиме во нашите срца ќе има танц, но не и пари.
Пишува: Мадридска надреалистичка група
No comments:
Post a Comment