Во понеделник започнаа протестите во Истанбул, во градскиот парк Гези,
против одлуката на државата да се уништи тој парк за да се изгради трговски
комплекс. Политичарите кои секогаш ги штитат интересите на газдите, ги пуштија
полицајците (инструмент на државата за угнетување на народот) да ги одбранат
интересите на капиталистите кои сакаат од паркот да направат продажбен центар
што ќе им донесе огромен профит.
Вчера во Истанбул избија жестоки конфилкти помеѓу полицијата и
демонстрантите, додека во исто време пристигнуваат информации дека демонстранти
се мобилизираат во повеќе градови низ земјата - Измир, Анкара, Адана итн.
Конфликтите започнале кога полицијата ги нападнала демонстрантите кои
кампирале во паркот. Полицијата фрлила големи количини на солзавец при што на
улиците била општа паника. Исто така полицијата употребила и водени топови за
да ги разбие демонстрантите. Да потсетиме дека МВР распиша тендер за купување
на две вакви цистерни во случај ако народот реши да се побуни против
угнетувањето од страна на државата. Вчера околу пладне, полицијата поставила
барикади, се подигаат полициски пунктови, а на улиците излегуваат и масивни
тешки оклопи. Во судирите тешко повредени се повеќе од 12 луѓе, додека стотици
имаат проблеми со дишењето поради солзавците. До 5 попладне, ситуацијата
ескалираше и дојде до конфликти во блиската подземна железница. Полицијата ги
туркаше луѓето на земја, фрлајќи гранати со солзавци на влезовите во метрото. Полицијата
исто така употреби водени топови и гумени метаци. Сведоците кажуваат дека во
хаосот се затекнале и деца и постари луѓе.
Медиумите во Турција молчат и нема никакви вести за овие демонстрации. Тоа
не изненадува со оглед дека сите медиуми се контролирани од политичките и економски
елити -тука ќе потсетиме како освен Телма ниту една друга телевизија не
известуваше за протестите на ОХИС.
За само неколку саати, протестот за одбрана на паркот Гези, прерасна во
отворена побуна против Ердогановиот режим. „Тука веќе не се работи за дрвјата,
туку за притисокот кој го трпиме од страна на владата“ изјавил еден студент кој
се приклучил на протестот откако слушнал дека полицијата ги напаѓа
демонстрантите со солзавец. До вечерта протестите се прошириле и низ другите
градови. До 3 часот навечер, протестите се прошириле низ цел Истанбул – немало
градски четврти каде луѓето не биле излезени на улиците, удирајќи со лонци,
трубејќи од автомобилите. Ситуацијата ескалирала од минута во минута и на
демонстрантите им се придружиле и фудбалерските навивачи.
Ова не преставува будење на турскиот народ, затоа што тие се будни веќе
некое време – да се потсетиме на масовните демонстрации во Истанбул против
мешањето во Сирискиот конфликт - http://www.advance.hr/vijesti/deseci-tisuca-anti-ratnih-prosvjednika-na-ulicama-istanbula-micite-ruke-od-sirije-necemo-biti-vojnici-u-sluzbi-imperijalizma/ . Ова е фаза која доаѓа после
будењето, ова е конкретно делување за да се одбрани земјата од авторитарната
власт која народот ја отфрла. Ова е борба против полтронската политика која ја
предводи Турција во сателитот на империјалистичките сили.
Турскиот народ реши да се бори против елитите кои уништуваат се пред
себе за поголем профит, потпомогнати од политичарите. Но народот има многу
посилно оружје а тоа е солидарноста. На улиците на Истанбул луѓето се сплотени
и храбро се борат против наоружаните полицајци а луѓето од околните куќи,
аптеки продавници, кафичи им излегуваат во пресрет со лекови и храна. На
демонстрантите во Турција потребна им е нашата солидарност, а нас ни е потребно
да сфатиме дека нивната борба е и наша борба. Едиствено заедно можеме да се
избориме против политичките и економски елити.
No comments:
Post a Comment