10.5.13

Синдикатот на ОХИС во скутот на газдата - владата


07.05.2013

Првиот протест на Охис оваа година. Работниците ја блокираа Првомајска улица иако нивниот синдикат сакаше пак да ги шета пред Влада. Мало потсетување - при крајот на минатата година работниците од ОХИС, два месеца стоеја пред глувата влада на инсистирање на синдикатот иако со тоа не им се реши статусот. На овој протест, откако завршија со блокирање на улицата (блокадата траеше 2 часа), синдикатот го собра своето стадо и им соопшти дека следниот протест е во петок. Протестираат само во вторник и петок затоа што тогаш имаат бесплатен превоз, во спротивно со оглед на тоа дека немаат земено плата 18 месеци, една автобуска карта за работниците од Охис е луксуз. Иако некои од работниците имаа предлози и сакаа да ги споделат, нивниот „преставник“ остана глув и едноставно не чувствуваше потреба да ги слушне предлозите на оние кои ги „преставува“.



10.05.2013

Денешниот штрајк започна во 07:00 часот и заврши во 09:00 часот. Работниците, во многу помал број пак ја блокираа Првомајска улица. Додека траеше протестот, атмосферата беше како на погреб. Луѓе со очај на нивните лица стоеја во неколку групи, додека синдикатот стоеше и делеше критики за одредени транспаренти. Исто така не беше многу среќен што други луѓе решиле да се солидаризираат со работниците. Што е јасен показател дека тој протестот не го сфаќа како протест на работниците, туку како свој личен протест кој му служи за лична сатисфакција. 

Сликата која го вознемири синдикатот на ОХИС

 Според синдикатот, нема зошто работниците да се бунат против своите газди и остро го напаѓаше секој што ќе кажеше дека фабриките подобро би функционирале ако се управувани од работниците. Мало потсетување за синдикатот. Откако беше уапсен генералниот директор Јорго Куќа, фабриката функционираше 5 месеци без менаџерски тим. Во тој период фабриката работеше со полна пареа, работниците земаа поголеми плати а производите беа барани на пазарот. Откако владата им назначи менаџерски тим, фабриката почна да тоне. Менаџерите земаа по 1000 евра плати, и се повеќе ја задолжуваа и буткаа во долгови фабриката. Благодарение на тие менаџерски тимови и газди кои синдикатот ги брани, денес ОХИС е загубар, нема производство а работниците се оставени без 18 плати, без здравство и без работа. Но на синдикатот, како и на секој друг жолт синдикат, работата му е да ги брани газдите и државата која ги експлоатира работниците. Откако заврши протестот, требаше да се оддржи состанок за да се договорат како ќе се одвива понатамошната борба. Но синдикатот на Охис повторно си го собра стадото и им соопшти дека протестот ќе продолжи во вторник од 07:00 часот. Некои од работниците пак почнаа да кажуваат свои предлози, и негодуваа за активноста на синдикатот, но до него тоа воопшто не допираше.



Како синдикатот работи за интересите на газдите и државата а против интересите на работниците?

Од ова видео можете да видите какви барања поставува еден синдикат кој седи во скутот на газдата. 
Видео:http://www.dailymotion.com/video/xzoq9q_izjava-ohis-sindikat_news?ralg=ext.behavior-meta2#from=embed-playreloff-6

1. Првото барање е да се подели некоја плата, затоа што според овој синдикат тоа ќе доведе до решавање на нивната агонија. Најчесто имаат предлози да им се подели плата пред празниците затоа што овие луѓе треба да живеат само за време на празници. На овој начин синдикатот го амортизира гневот кај работниците. Со тоа што ќе им фрлат некоја трошка, работниците ќе бидат задоволни земајќи во предвид дека со месеци не виделе ни денар, а владата уште позадоволна затоа што нема кој да се буни против ваквото угнетување и експлоатирање на работниците. Така ваквите синдикати си ја завршуваат нивната работа која е секогаш да ги задоволат интересите на газдите а работниците да ги држат во покорност.  

2. Бараат социјален пакет за одење под завод со 57 и 59 години. А што со тие кои се многу далеку од 57 и 59 години? Што ќе се прави со нив? Ова е многу добра тактика за да се поделат работниците. Од 800 работници на 300 им одговара овој пакет а според синдикалецов другите 500 можат да го преживеат периодот. Затоа што на работниците кои имаат под 57 години не им е потребно храна, можат да живеат и од воздух? На овој начин работниците се спротивставени и тоа уште повеќе ја отежнува работничката борба. Па така наместо заедно да одат со едно барање, тие ќе се поделат а од тоа корист имаат само газдите и државата.

Освен ваквите барања, исто така се најавува штрајк со глад. Одма може да се претпостави чија е оваа брилијантна идеја. Сигурно владата кога ќе види дека работниците штрајкуваат со глад, ќе им ги исполни барањата иако претходно ги остави 18 месеци без плата, т.е ги остави без леб, без здравство и без достоинство. Работниците треба да бидат достоинствени и цврсто да стојат позади желбата, фабриката да ја вратат во своја сопственост. На аждерите кои нон стоп напаѓаат и ја земаат последната капка од потта на работникот не смее да им се дозволи да ни ја испијат и крвта. Нека умрат жедни, нашата крв нема да ја пијат. Работниците се достоинствени и тие треба да се борат за својата фабрика а не да штрајкуваат со глад, кога и онака после киднапирањето на фабриката од овие насилници за работниците е штрајк со глад речиси секој ден. Деструкцијата на работничката борба е последна желба на газдата, пред да ја стави фабриката во целосно негова сопственост. Затоа штрајкот со глад не е борба, туку капитулација и понижување на работниците, но овој пат не од страна на газдите туку од самите себе.

ВО БЛОКАДА!!!
ФАБРИКИТЕ НА РАБОТНИЦИТЕ!!!

No comments:

Post a Comment