Владата минатата недела го усвои Предлог законот за заштита од вознемирување на работното место или популарно наречен Предлог закон за заштита од мобинг. Психичкото вознемирување, според овој закон, се дефинира како „секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, а претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост.“ Потребата од овој закон, како што наведува владата, е заштита на работникот од нарушување на неговото достоинство, од можноста работникот да се чувствува изолирано и понижено и од влошување на условите во кои работи.
Работниците често ги гледаат овие закони како гаранција за нивната положба и како последно прибежиште за заштита на нивните права. Да разјасниме зошто овој закон, како и многу други закони за заштита на работниците, не само што не ја подобрува работничката положба, туку и служи како параван за демократско општество, маска за грижлива власт и средство за смирување на гневот на работниците.
Историјата на целото општество е историја на класни борби. Живееме и работиме во капиталистички систем на производство, систем кој почива на експлоатација на работничкиот труд. Се наоѓаме среде немилосрдна класна војна во која мала група луѓе преку брутална репресија (со помош на своите војски, полиции, попови, адвокати, судии и политичари) го држи во покорност мнозинството од човештвото. Овој систем живее и профитира од понижување и ограбување на работниците и се базира на уништување на нивното достоинство, постојано подвргнувајќи ги на авторитетот на капиталот. Какви год услови да има на некое работно место, работникот секогаш е понижен и експлоатиран во ваков систем. Во ваквиот систем, кој поттикнува крволочен натпревар меѓу луѓето и гушење на секаква солидарност, луѓето по дефиниција се изолираат едни од други; на овој систем му се потребни изолирани и разединети поединци кои лесно се контролираат, наспроти организирани маси кои можат да се изборат за своите права. Па тогаш како можеме да зборуваме за некакво работно место на кое работникот ќе биде третиран со почит и неговото достоинство нема да биде прегазено?
Законот за мобинг е само уште една од многуте илузии со кои овој систем се обидува да ги залаже работниците и работничките дека се залага за нивните права. Ако законот не се почитува, ако луѓето се жалат на мобинг, тоа, се разбира, ќе биде прикажано како последица на поедини „лоши“ газди, а не на системот во целина. Тоа што законот се обидува да го постигне е да ги пасивизира масите и нивниот гнев и енергија да ги преусмери кон „системско“, односно институционално решавање на проблемите. Па така, наместо да блокираме улици, да излегуваме на масовни штрајкови и да ги окупираме своите работни места, газдите би сакале цивилизирано да седиме на маса со нив и со нивните скапи адвокати и да дискутираме за тоа дали додека не пљачкаат го почитуваат нашето достоинство или не.
Ова, се разбира, не значи дека работниците не треба да ги користат правата кои законите им ги гарантираат и да ги употребуваат против газдите секогаш кога ќе се покаже прилика. Треба да се користат сите дупки и контрадикции кои се создаваат во системот и кои можат да придонесат во борбата за слобода. Но работниците не смеат да заборават дека вистинскиот непријател не е лошиот газда, туку системот кој допушта постоење на газди и на поданици и дека вистинската причина за сите наши проблеми, за нашето понижување и за нашиот беден живот лежи во самиот систем – во власта на капиталистичката класа над работниците.
Aj so e taka vo privatniot sektor,ispod sekakvo dostoinstvo,tuku i vo javniot sektor rakovodnite lica se odnesuvaat kako privatnici i gi eksploatiraat rabotnicite,i se odnesuvaat kako da se gazdi na firmite,i instituciite kade so se postaveni.
ReplyDelete