20.4.13

Национализмот - оружје за владеење на капитализмот и државата


Национализмот е производ на капитализмот и државата. Национализмот, кој внимателно се негува во секоја национална држава, не е нус производ или колатерална штета или несреќна последица на капитализмот и државата. Тој е внимателно осмислен концепт кој е во служба на владејачката класа и со чија помош таа класа ја експлоатира работничката класа.
Да го образложиме ова тврдење.
Нацијата и државата се неразделни поими. Историски, нацијата се раѓа заедно со раѓањето на буржоаската држава (по револуциите во 18 и 19 век), односно државата каква што ја знаеме денес. Бидејќи државата не може долго време да опстои само со употреба на сила, од причини што брзо ќе порасне револтот кај владеениот народ кој постојано е под физичка присила, на државата ѝ е потребен еден нов концепт, кој е суштински за буржоаската, либералната и националната држава: легитимитетот. Да биде една власт легитимна, тоа значи да биде прифатена од владеениот народ, јавното мнение да ги разбира причините зошто таа влада мора да владее и луѓето доброволно да се потчинуваат на нејзините закони, а физичката принуда да биде исклучок или средство за психичка закана, а не правило.
Зошто било кој човек, кому во природата му е да тежнее кон слобода, би се согласил друг човек, по ништо различен од него, да го владее? Зошто било кој човек доброволно би се откажал од својата волја и би ја оставил во рацете на други кои се нарекуваат негови „претставници“? Зошто било кој човек без револт би прифатил да живее победно од оние кои владеат?
Има многу причини зошто цели народи без побуна ја прифаќаат својата улога на робови, а државата располага со бројни механизми за да ја осигура нивната согласност, односно да го осигура сопствениот легитимитет. Она што државата не сака да го направи со сила, обично го прави преку пропаганда, која не се сведува само на предизборни реклами, туку влијае врз човековиот разум од самото негово раѓање, преку образованието кое државата комплетно го контролира, преку семејството како основна клетка на општеството, кое самото ја репродуцира државната идеологија во умовите на своите деца, преку културата итн. Човекот од самото раѓање практично е постојано во судир со државната идеологија во сите заедници од кои е дел, во секоја пора од општеството, на секое ниво на комуникација.
Национализмот се јакне преку истите тие пропагандни механизми. Државата постојано настојува да се изедначи со нацијата; нацијата е лицето на државата. Ниедна власт не може да очекува народот да биде лојален на репресивен механизам на владеење (што е дефиниција на државата). Затоа државата мора да осмисли нова форма во која ќе се претставува, форма која е попривлечна за народот, форма која емотивно ќе го врзе народот за државата. Форма која не само што ќе го осигура легитимитетот на државата, туку и ќе ја направи државата - тој репресивен механизам - сакана, до степен народот своеволно да гине верувајќи дека така ќе ја одбрани. Таа топла, „човечка“ форма на државниот апарат е нацијата.
Не постои модерна држава во светот која не настојува да го зајакне националното чувство и да развие патриотизам кај своите граѓани. Тоа државата не го прави за да ги обедини луѓето (како што често тоа се претставува), туку напротив - тоа државата го прави за да ги раздели луѓето. Поточно, да ги раздели владеените луѓе, а најточно – работничката класа. Ова државата мошне очекувано го прави бидејќи постојано е под закана од избивање на класен конфликт во општеството, конфликт кој ќе ја завојува владејачката класа со работничката класа, и конфликт кој може да заврши погубно за владејачката класа. Ако се сложиме дека основната цел на секоја власт е да се самоодржи, тогаш разбираме колку се плаши државата од таков класен конфликт и колку многу вложува за да го избегне. Еден од најуспешните начини да го избегне класниот конфликт е да предизвика национален конфликт.
Самата идеја за национално единство во услови на глобализација е апсурдна; денес не постои држава во светот која не е мултиетничка или мултинационална. Сепак, и покрај тоа што во секоја една држава живеат повеќе различни нации и етникуми, секоја една држава продолжува да го јакне националното чувство на само една нација, најчесто онаа која е најбројна. Тоа значи дека државата свесно фаворизира една нација во однос на друга и така постојано го одржува националниот конфликт помеѓу „домородната“ или најбројната нација и „придојдените“ или малцинските нации. Националната припадност, која инаку е социјален конструкт на самата држава, го обликува идентитетот на секој човек и понатаму ги насочува неговите акции. Националната припадност е единствената причина зошто еден македонец би се разликувал од еден албанец, кога обајцата живеат во исти социјални и економски услови. Токму од таа причина државата има потреба од националната припадност, и токму затоа го негува националното чувство: за да создаде разлики и поделби меѓу работничката класа, која без овој наметнат сепаратистички идентитет, би се обединила во класна борба против владејачката класа. Национализмот е за сиромашните; богатите имаат пријатели секаде во светот, богатите се обединети во експлоатацијата на работничката класа.

Нацијата, исто како и самата држава, е социјален конструкт осмислен од човекот, а не нешто што е инхерентно на човековата природа. Патриотизмот е мит, суеверие, полошо и од самата религија. Владејачите успеваат преку константна пропаганда да ја всадат во главата на инаку рационалните луѓе апсурдната идеја дека светот е поделен со камени ѕидини и внатре во тие ѕидини живее секаде по една нација, која е полоша од „нашата“, која е закана за „нашата“ нација, која е составена од луѓе различни и полоши од нас. Сите војни кои ги воделе државите меѓу себе се резултат на империјалистички тенденции на една држава врз друга, со цел освојување на нови ресурси за нови профити. Сепак, она што ги води војниците да гинат на фронтовите не е алчноста за монопол врз нафтените ресурси, туку нешто сосема ирационално и дури митолошко: патриотизмот, лојалноста и љубовта спрема својата нација. Затоа национализмот е нужен за државата да може да ја јакне својата моќ и да опстои. Национализмот е нужен за да го пренасочи гневот на обичниот човек кон „непријателските“ нации, кон малцинствата, кон имигрантите, кон сите групи луѓе со кои се наоѓа во заедничката положба на експлоатирани, кон било кого – само не кон неговите експлоататори.
Ако не успееме да го разбереме ова, вечно ќе останеме во положба на робови, бидејќи се меѓусебно, додека нашите владетели си ги зголемуваат своите богатства од наша крв и пот.
НЕ ЗА ВОЈНА МЕЃУ НАЦИИТЕ.
НЕ ЗА МИР МЕЃУ КЛАСИТЕ!

No comments:

Post a Comment