23.4.13

ДРЖАВА УБИЕЦ: Приказната за ОХИС


Во ОХИС околу 20 луѓе го изгубија својот живот во последниот период поради стресот, гладдта и болестите кои следеа по бедата што ги обзема животите на овие работници откако нивната фабрика беше уништена. Бедата на овие луѓе им ја донесе доминантниот сопственик на ОХИС - државата, здружена со интересите на капиталистите, тие општествени паразити кои вечно се во потрага по брз начин за богатење, често и по цена на работничка крв. Фабриката почнаа постепено да ја уништуваат за да можат криминално да ја приватизираат и сега кажуваат дека е загубар и дека пробуваат да го најдат најдоброто решение. Постојано менуваат менаџерски тимови кои требa да најдат „спас“ и најчесто тие тимови наоѓаат спас за себе, односно си ги полнат своите џебови, а за работниците од Охис никогаш нема средства за плата. Сите овие тимови полека но сигурно ја уништуваа фабриката - сечењето на железото во погоните е само еден пример - и откако ќе земеа одредена сума од кирии и продажба на делови, државата ставаше друг менаџерски тим за и други да се збогатат, додека работниците од ОХИС размислуваат како да го преживеат денот без скршен денар во џебот. 

Работниците од ОХИС, од кои многумина работеле цел живот во оваа хемиска фабрика, сега се оставени без леб, без здравствено осигурување и со уништено достоинство. Синдикатот на ОХИС, наместо да се спротивстави и да ги организира работниците да ја одбранат својата фабрика, реши мирно да ги шета пред влада цели два месеца, иако очигледно беше дека тоа нема ефект. Работниците кои веќе не чувствуваат ни гнев туку само очај, безживотно стоеја пред владата надевајќи се дека некој ќе ги слушне нивните маки. Секој обид на работниците да ги преземат работите во свои раце и да ја преземат фабриката, беше спречен од синдикатот, кој како и сите жолти бирократски синдикати ги убедуваше дека тоа не е решението и дека треба да останат бесцелно да стојат пред глувата влада.


Државата им должи на работниците од ОХИС 18 плати. Стотина од нив, главно од непроизводните сектори, сеуште одат на работа, месец за месец, без никаков надоместок. Седумстотини други се на принуден одмор. Гладот, изнемоштеноста, болеста, стресот и сите останати несреќи кои ѝ се пропратни на сиромаштијата, само овој месец однесоа шест напатени работнички животи, и уште многу претходно. Судбината на работникот во капиталистичко општество е секогаш таква: цел живот да работи за минимална егзистенција, и потоа отфрлен да чека да умре од глад и болести. 

Најпознатите продукти кои ги произведуваше ОХИС

Иако власта постојано зборува за криминалните приватизации во минатото заборава да каже како сега сакаат криминално да ја приватизираат најголемата фабрика во Скопје. Фабриката има можност сеуште да произведува и потребни се само 4 милиони евра за да почне повторно со производство. Фабриката нема потреба од нови менаџери, потребни ѝ се само почетни средства за одново да се почне со производство; не се потребни луѓе кои ќе земаат плата од 1000 евра месечно за да ја уништат фабриката, туку работниците се способни сами да управуваат со неа. Државата нема никаков изговор зошто не би ги дала овие средства за да се спаси оваа фабрика и да врати на работа 800 работници кои моментално се на принуден одмор. Се разбира, државата нема никаков интерес во благосостојбата на работниците. Политичкото раководство има интерес единствено во криминална продажба за мали пари на странски инвеститори, кои потоа ќе ги распродат за големи пари деловите од фабриката, или ќе го пренесат капиталот во друга земја. На тој начин се уништи најголем дел од индустријата во Македонија во текот на 90-тите, но трендот на деиндустријализација продолжува и денес, без оглед на тоа што моменталната власт го тврди. Странските инвестиции кои власта тврди дека ги привлекува се еден незначителен дел во однос на сите фабрики и компании кои власта во последните 20 години ги продаде за ефтини пари на богати капиталисти. Соодносот меѓу работните места во индустријата и работниците кои бараат работа е крајно нееднаков, за што говори и фактот што Македонија со години ја нема снижено стапката од над 30% невработеност.


Секоја влада работи во интерес на богатите и ќе остава стотици и илјадници животи без леб, ако тоа значи богатење на некој капиталист. Работниците, понижени и прегазени, не треба да чекаат милостина од власта и од газдите, оти нема ни да ја добијат. Единствен начин да ја подобрат својата положба е преку активна борба, бескомпромисна борба, без која цел живот ќе одат понижени и гладни.

СОЛИДАРНОСТ СО РАБОТНИЦИТЕ ОД ОХИС И СО СИТЕ ДРУГИ ОСТАВЕНИ НА УЛИЦА ПО КРИМИНАЛНАТА ПРИВАТИЗАЦИЈА!

No comments:

Post a Comment