20.4.13

Грција: Пукано во работници затоа што барале плата

Околу 200 работници – имигранти, кои работеле на плантажи со јагоди во градот Неа Манолада, стапиле во штрајк барајќи да им бидат исплатени платите за последните 6 месеци. Стапувањето во штрајк ги изнервирало тројцата грци кои го застапувале газдата на плантажата и еден од нив почнал да пука кон работниците при што биле ранети повеќе од 20 работници.



Неа Манолада е град кој е познат по експлоатацијата на работници – имигранти. Овој напад е само еден од огромната низа на напади врз имигрантите кои работат во Грција. Работничкиот синдикат ПАМЕ, соопштил дека земјопоседниците оперираат под заштита на власта и правниот систем и креираат пеколна дупка со робовладетелски услови за работниците. Модерните робови работат во очајни услови, плаќаат кирија на своите експлоататори за живот во бараки без струја и вода, и натрупани едни врз други. Исто така постојано се цел на напад на неонацистичката Златна Зора.

Во Македонија ситуацијата со работниците не е поразлична. Како и секоја држава која преку законите ги штити богатите, така и тука работниците се експлоатирани во огромна мера. Сведоци сме на голем број фирми (особено во помалите градови), каде што работниците работат во мизерни услови, за мизерни плати и постојано изложени на психичко и физичко малтретирање. Газдите се заштитени од страна на државата и тоа им овозможува да прават што сакаат со работниците, кои пак се принудени да прифатат било какви работни услови за да можат барем да се прехранат. Работниците имаат само еден избор: или да бидат експлоатирани од страна на газдите за бедна плата или да умрат од глад. Овој избор го имаат сѐ додека не станат свесни дека нивната моќ лежи во колективното организирање и превземање на работните организации кои понатаму ќе бидат управувани од самите нив.

Секој наемен работник во капиталистички систем на производство е експлоатиран, без оглед на тоа во колку „фини“ услови работи. Самото тоа што работникот произведува со свои раце, а сите плодови од произведеното си ги присвојува неговиот газда, фрлајќи му на работникот само мал дел колку да не умре од глад, е сржта на екплоатирачките односи во капитализмот. Лошите услови во кои работникот бидува експлоатиран, како на пример, недостатокот од безбедност на работа, доцнењето на платите, понижувањето од страна на шефовите и слично, се само дополнителни финеси кои го отежнуваат ропството на модерниот работник. Дури и во „најхуманите“ услови, дури и кај „најчовечните“ газди, работникот, колку и да му е тешко да си признае, е нерамноправен со газдата и е безусловно експлоатиран. Капитализмот сака да не убеди дека правото на сите добра на светот лежи во рацете на оние кои ги држат средствата за производство и кои не произведуваат ништо. Капитализмот сака да не убеди дека оние кои ги произведуваат сите добра на светот, сѐ што не опкружува, сѐ што ни е неопходно во животот, треба да им бидат наемни робови на сопствениците, газдите; дека треба да добиваат само онолку колку за да преживеат и дека треба да се задоволат со таа своја улога на робови. 


СМРТ НА КАПИТАЛИЗМОТ И НА ДРЖАВАТА КОЈА ГО ШТИТИ!

No comments:

Post a Comment