30.4.13

Начини на контрола на личноста: ВОЕНА И ПОЛИТИЧКА ПРОПАГАНДА

Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичкото општество (4)


Како што на корпорациите им е потребна пропагандна машинерија за да го осигураат својот профит, така на државите им се потребни механизми кои ќе го осигураат нивното владеење и ќе го заштитат неприкосновениот државен апарат. И државите и корпорациите се служат со медиумите како главен пропаганден механизам и канал меѓу нив и нивните граѓани/потрошувачи, и иако пропагандните методи им се разликуваат, обете ги користат сличните психолошки сознанија за контрола врз однесувањето и размислувањето на луѓето. Државите ги штитат корпорациите и крупниот капитал, а крупниот капитал ги финансира државите, и обете ја делат заедничката „мисија“ да ја задржат доминацијата и моќта врз луѓето.

Една од најпрофитните државни политики е војувањето; империјалистичките освојувања на земјите кои се економски слаби, а ресурсно богати, се еден од најголемите фактори за богатење на развиените земји, и истовремено се огромен генератор на приватен профит. Во денешно време, откако ужасите од двете светски војни му покажаа лекција на светот и ја кренаа цената на човечкиот живот, државите се справуваат со вистински предизвик за тоа како да добијат одобрување од народот кога сакаат да војуваат. Скапа и ефективна пропагандна машинерија им е потребна на државите во ваков случај, која се фокусира на тоа да создаде кај луѓето страв од непријателски напад, омраза спрема непријателите, национализам, патриотизам, расизам и други чувства кои луѓето инаку не би ги имале. Луѓето природно не чувствуваат потреба да мразат некој народ за кој не знаат ништо, ниту да војуваат со луѓе, исти како нив, со кој немале никаков судир. Затоа државата е принудена да изнајде механизми со кои ќе ја манипулира психата на луѓето, нивните размислувања и чувства, нивните постапки и однесувања, со цел да се осигура од било каков отпор спрема нејзините воени намери (Fernandez, 2008).

Ќе ги земеме за пример САД, како најголема империјалистичка сила во светот, историски вклучена во над 100 војни, главно поради експлоатација на ресурси.(1) Ирак, Иран, Авганистан, Гватемала, Либија, Еквадор, Виетнам се само некои од земјите (сите неразвиени) со кои Америка војува(ла) поради трговски, империјалистички и колонијални интереси. Сепак, ако ги прашате мнозинството американски граѓани зошто војува нивната земја со било која од овие земји, многу е веројатно дека ќе ви одговорат дека тоа е поради „национална безбедност“ или поради „мисијата за ширење демократија во тоталитарните земји“, иако ниту една од овие далечни земји никогаш немала територијални или било какви претензии спрема САД, ниту била закана за нејзината безбедност. Се разбира, американската влада мора да вложува многу во пропагандните механизми за да обезбеди поддршка од своите граѓани за секој масакар над невини цивили кој го врши во име на „демократијата“ низ разни делови од светот секојдневно.

Најдобрите техники за контрола врз масите САД ги разви во текот на студената војна(2), и она што го нарече „заштита од црвениот терор“, односно од комунизмот, кој во тоа време се ширеше во земјите од Источниот блок. Американските власти сакаа да се осигураат дека комунистичките идеи нема да го допрат либерално-капиталистичкото американско тло. Едвард Бернејс, кој освен што работел за разни корпорации, исто така бил и советник на претседателот Ајзенхауер, тврдел дека наместо да се игнорира ширењето на комунизмот, треба да се поттикне кај луѓето стравот од таа „зараза“ и потоа да се манипулира со истиот, а ова сознание добило своја примена во примерот со инвазијата врз Гватемала.(3)

Американската гигантска корпорација United Fruit Company имала огромни плантажи на банани во Гватемала и Средна Америка, чие постоење било овозможено преку американска контрола на земјата преку подводливиот диктатор. Кога нивниот профит бил загрозен по доаѓањето на власт на младиот офицер Арбенс во 1950 година, тие го најмиле Бернејс да се справи со ситуацијата. Бернејс знаел дека треба да се изнајде начин да се претстави владата на Гватемала како закана за американската демократија, а за таа цел се послужил токму со стравот од комунизмот кој американскиот народ веќе го чувствувал поради агресивната анти-комунистичка пропаганда. Проблемот бил што Арбенс бил социјал-демократ, без никаква поврзаност со Москва, но Бернејс брзо нашол начин да го претстави како комунистичка закана за Америка: исценирал насилни анти-американски демонстрации во главниот град на Гватемала, поткупувал новинари, па дури и основал лажна новинска агенција(4) со која ги бомбардирал американските весници со соопштенија дека Москва планира да ја искористи Гватемала како отскочна даска за напад врз САД. Тоа било доволно за да предизвика масовна хистерија од можниот напад на Гватемала врз Американците, и владата на Ајзенхауер сега добила легитимна причина да ја турне Арбенсовата влада. ЦИА обучила и наоружала локална побуненичка војска за да изгледа дека самиот народ на Гватемала е против својот претседател, а потоа инсталирала нов водач на земјата, поручникот Армаса. И додека американските воени авиони фрлале бомби над Гватемала, Бернејс продолжил со пропагандата во американските весници, за да ја претстави сликата како ослободување на Гватемала од „диктаторскиот режим“ од страна на силите за слобода и демократија. United Fruit Company го задржала својот примат во гватемалската економија, а САД си го осигурале влијанието врз земјата како богат добавувач на ефтини ресурси. Благодарение на Бернејсовите психолошки техники за манипулација со човековиот ум, американските граѓани можеа мирно да спијат, верувајќи дека живеат во земја која ги ослободува угнетените народи од нивните диктатори.(5)

Што се однесува до Македонија, која инаку во моментот не се наоѓа во никакви меѓудржавни воени тензии, воената пропаганда се однесува главно на прифаќање на идеите за интеграција во воениот сојуз НАТО. Во медиумите, кои секако се основен механизам за наметнување на тие идеи, очигледно е секакво отсуство на дебата околу влезот во НАТО, иако ниту се јасни потребите за влез во таква алијанса, ниту се земаат предвид сите загуби на една држава кои мора да ги поднесе како услов за членство. НАТО, под рака со ЕУ, се главни, ако не и најглавни, императиви во предизборните агенди на сите политички партии во земјава, без оглед на нивната идеологија, па автоматски се саботира секаков обид да се стават под прашање овие аспирации и сè што во јавноста се знае околу последиците од вклучување во овие сојузи е едно ирационално и апсурдно мислење дека не чека „благосостојба, рај и решавање на сите проблеми“. Не се стави под прашање ниту тоа зошто се праќаат македонски војници во „мировните“ мисии на НАТО во Авганистан, со која Македонија нема никаков меѓудржавен конфликт или воен интерес, а која инаку е една од земјите кои помогнаа Скопје повторно да се изгради по катастрофалниот земјотрес од 1963 година.

Да се вратиме на воената пропаганда на САД, која вложува огромни средства во ширење на параноја околу она што го нарекува „војна против тероризмот“, а кое е всушност еден од главните оправданија за инвазија врз некоја од „нецивилизираните“ исламски земји. Стравот од тероризмот во САД добива димензии на масовна параноја, и секаква акција на американската влада за „спречување на оваа зараза“ се смета за добредојдена и оправдана, а САД си доби најдобар аргумент за војување по нападот на кулите-близначки на 11.09.2001 (напад, за кој инаку постојат бројни теории на заговор(6) во кои нема да навлегуваме). Сепак, малку се говори за тоа дека во нападот на кулите загинаа 2.976 луѓе, додека во нападите на американската војска и на НАТО против Ал-Каеда, оправдани токму од тој напад, до денес се убиени најмалку десеткратно повеќе цивили, а според одредени извори – над 2.500.000 луѓе во повеќе земји кои се сметаат за „засолниште на терористички ќелии“. Коинцидентно, истите тие земји – Авганистан, Ирак, Либија, Егибет, Иран и други – се исто така меѓу земјите најбогати со „црното злато“ – нафтата.

Како психолозите ја толкуваат глобалната војна против земјите од Блискиот Исток, односно против тероризмот? Во САД, психолозите се обединети во борбата против „националниот непријател“, кој го набљудуваат како ирационална варварска закана, што покажува дека политичките ставови на психологијата како дисциплина тесно се поклопуваат со оние на американската политичка елита. Психолозите, независно од која ориентација, се едногласни во својата поддршка на политиката на САД, и свесно ја помагаат јавната перцепција дека инвазиите на САД се последица на заканата од исламскиот фундаментализам, која треба да се сфати како огромна и опасна, и која е цел за која не треба да се жалат средства, дури и кога се во прашање цивилни човечки животи, во воена терминологија наречени „колатерална штета“ (Parker, 2007).

За психолозите, како и за целата западна академска фела, инвазиите врз земјите од Блискиот Исток се ништо повеќе од „судир на цивилизации“, додека целосно се отфрла перцепцијата дека се работи за историја на покорување на народи од страна на империјалистички сили. Тој аргумент е доста погоден за психолозите, зошто дава објаснение за културните разлики меѓу луѓето од Западната цивилизација и оние од Источниот варваризам, и се одлична подлога за расистичките импликации во бројни „крос-културни“ психолошки теории. Во тој смисол успешно се култивира перцепцијата дека бомбашите-самоубијци се едноставно помалку цивилизирани од современо опремените американски војници, и тоа е дополнителен аргумент за да се прикажат едните „полоши“ од другите, иако и тие и тие напаѓаат цивилни населби, убиваат невини луѓе и служат како „топовско месо“ за спроведување на политички агенди (Parker, 2007).

Сите војни помеѓу „демократскиот“ Запад и „варварскиот“ Исток, во контекст на „судирот на цивилизации“, имаат иста основа: прашањето за либералната демократија во капиталистичките земји како неприкосновена и должна да ги „облагороди“ и тоталитарните режими. Каква треба да биде оваа идеална „демократија“ во пракса е оставено нејасно, но обично се сведува на идејата дека начинот на кој политичката дебата се води во Западното либерално општество е најдобра (Parker & Spears, 1996). Масовните медиуми отворено ќе го прикажат секој тип на граѓанска борба додека останува во зададените институционални и правни рамки кои се неприкосновени во свеста на современиот човек. Но секоја борба вон тие рамки, или борба чии димензии не само што ги надминуваат, туку и ги негираат тие рамки (државата како институција на присилено владеење и правото како гаранција за заштита на крупниот капитал), нема да поминат низ каналите на средствата за информирање, или ќе поминат прикажани како тероризам, обид за подривање на државниот поредок и општа закана за благосостојбата на народот (наводно заштитена токму од тој државен поредок). Актуелен пример за ова е борбата на шпанските рудари во Астурија, која започна како протест против одлуката да се скратат субвенциите за рударството што ќе резултира во целосен пад на рудната индустрија и ќе остави илјадници семејства на улица, а по изразената полициска репресија, прерасна во герилска борба која трае веќе неколку месеци. Над 8.000 рудари веќе петти месец по ред секојдневно водат физички битки со полициски и воени сили, со лопати, мотики и рачно изработени оружја, па сепак ниту еден од светски влијателните медиуми не ја следи ситуацијата, а веста масовно се рашири единствено благодарение на социјалните мрежи и алтернативните медиуми.(7)

Владејачката структура, преку манипулации со психата на луѓето, ја одржува перцепцијата дека државата најдобро функционира кога ја водат „избраници на народот“ – грст влијателни моќници кои еднаш штом се избрани, можат да прават што сакаат без да мораат некому да полагаат сметка. Човекот-граѓанин е надвор од политичките процеси; тој секојдневно е охрабруван да се држи настрана од општествените состојби во неговата земја, повеќе да троши отколку да си го пика носот во „високи политики“, без разлика што тие директно и на секој можен начин имаат влијание врз неговиот живот; неговото учество во „креирање на процесите“ се сведува на гласање на секои четири години за нечие име и презиме од однапред утврдена изборна листа. Овој ментален концепт, за „правичен“ свет во кој „народот ќе владее“ (освен што, не баш народот, туку неколкумина привилегирани во негово име), секојдневно ги покажува своите инхерентни маани во секој аспект од општеството како целина и човекот како индивидуа, па сепак до денес остана масовно препознаен како најдобар можен начин на владеење. Оваа ментална слика е многу важно да се одржува, како за политичките, така и за економските елити, и „демократските“ земји знаат да прераснат во вистински тоталитарни репресори секој пат кога оваа пријатна слика ќе им биде ставена под прашање од страна на организирана група. Затоа е исклучително важно за државата секој ваков обид да се криминализира, односно да биде прикажан како негативна појава која е страшна за народот, а не само за државниот апарат, а психолозите овде ургираат преку патологизирање на колективната активност. Така секоја идеологија станува опасна, непожелна, криминална, недемократска, а самата либерална демократија престанува да биде идеологија и прераснува во општ начин на кој општеството мора да функционира, како средина меѓу тоталитаризмот како страшна закана и безвластието како утопија. Таквото балансирање со левичарските и десничарските ставови на наводно неутралниот „трет пат“ кој едноставно ќе се занимава со најпрагматичното управување со општеството, е сон на секој буржоаски политичар. Ова е причината зошто теориите за “крајот на идеологијата“ или дури „крајот на историјата“(8) во раните 90-ти беа зграбени со таква радост; такви пресметки се повикуваат за да докажат дека оние кои навистина сакаат да го променат светот мора да грешат и се старомодни (Ibáñez & İñigues, 1997).

Многу од почитуваните стари американски социјални психолози, кои работеа во периодот пред немирите од 60-тите години, беа всушност левичари кои го проучуваа општеството од позиција надвор од дадените рамки и го охрабруваа човекот да ги разгледа сите алтернативи на популарната идеологија, да размислува за конформизмот, предрасудите и политичката состојба воопшто. Дисциплината психологија предвиде погрешна рамка за истражување на овие прашања, и истражувачите на крајот беа замолчени, а сличните позиции во денешно време веќе се перцепираат како нереални, чудни и пристрасни. Секој психолог што би се обидел да излезе од популарните рамки би се сметал за изолиран ексцентрик; секој што одбива да ги прифати „демократските правила на игра“ е набљудуван како непријател на демократијата и вљубеник во моќта (Parker, 2007). Идеологиите кои му противат на либералниот капитализам се сместувани во иста категорија, независно од нивните огромни разлики – од анархизмот, комунизмот, монархизмот до фашизмот, сите варијанти денес се едначат и се перцепирани како еднакво мрачни периоди од човековата историја, главно бидејќи се дрзнале да и` пркосат на неприкосновената западна демократија.

  1. Листа на војни во кои биле вклучени САД: http://en.wikipedia.org/wiki/List_of_wars_involving_the_United_States
  2. 1947-1991: политичка и воена тензија помеѓу земјите од Западниот свет, на чело со САД и нејзините НАТО-сојузници, и земјите од Источниот свет, на чело со Советскиот сојуз и неговите комунистички сојузнички земји. Значајна по развојот на нуклеарни, хемиски и други оружја за масовно уништување, како резултат од натпреварот во моќ помеѓу САД и СССР.
  3. The century of the self: The engineering of consent. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
  4. „Middle American Information Bureau“
  5. The century of the self: The engineering of consent. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
  6. http://en.wikipedia.org/wiki/9/11_conspiracy_theories
  7. http://en.wikipedia.org/wiki/2012_Asturian_miners%27_strike
  8. Теорија популаризирана од авторот Франсис Фукујама во неговото дело „Крајот на историјата и последниот човек“: http://en.wikipedia.org/wiki/The_End_of_History_and_the_Last_Man

1 comment:

  1. Mnogu dobro napisano, sekoja cest.. Odlicno sto e spomnato za invazijata na Gvatemala, toa se tie licemerni imperijalisticki politiki...

    ReplyDelete