9.4.13

Психолошки истражувања


Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичко општество (2)



Додека академските психолози се обидуваат да ги откријат основните механизми на перцепирање, мислење и чувствување, повеќето програми за истражување се организираат околу разликите помеѓу човечките суштества. Кога психолозите ќе заглават на одредена тема која ја истражуваат, тие најчесто одат на најбаналната опција и прашуваат дали има некакви „полови разлики“. Психолозите инсистираат на акцентирање на таквите разлики за кои добро знаат дека се општоприфатени идеи за мажите и жените, а терминот „род“ често е користен за да се поврзе со биолошките определби за полот (и не ретко се едначат тие два термина), наместо со психолошкото доживување на личниот идентитет (Parker, 2007).

Заедно со сегрегациските истражувања на полот, и студиите за „расни“ разлики (кои беа многу популарни во психологијата во првата половина на XX век) работат како моќна политичка пракса за „класификација“ на луѓето врз основа на физички и физиолошки разлики. Еден од најбруталните изрази на логиката за „расни“ разлики поврзани со психологијата се виде во изградбата на апартхејд системот во Јужна Африка. Хендрик Верворд, првиот апартхејд министер и архитект на „посебниот развој“ кај расите, бил професор по психологија на Универзитетот Стеленбош, пред да ги стави идеите од психологијата во политичката пракса. Формирањето на Психолошкиот Институт во Република Јужна Африка бил дизајниран да ги исклучи црнците, а Претседателот во 1962 година зборувал за „природна потреба за заштита од светското хистерично масовно движење за еднаквост“ (Parker, 2007).

Развојот на тестовите за интелигенција во Јужна Африка се всушност уште една лекција за тоа како идеолошките агенди ги утврдуваат психолошките техники. Како што жените во САД имале подобри постигнувања се додека тестовите биле прилагодени, така во Јужна Африка истражувачите морале да се справат со засрамувачкото откритие дека „сиромашните белци“ постигнувале полоши резултати на IQ тестовите од црните субјекти. Поради засрамувачките резултати, истражувачите морале да ги променат тест прашањата, така што мерката на интелигенција ја усогласиле со она што истражувачите очекувале да го добијат како резултат, па така интелигенцијата на белците можела да го заземе своето заслужено место на врвот на крос-културните табели (Parker, 2007).

Во САД, резултатите на разни истражувањата за учеството на Афроамериканците во криминалитетот покажуваат дека тие вршат значајно поголем број кривични дела во однос на белото население. Преку овие истражувања, психолозите претендираат социопатолошките појави и криминатилетот да ги објаснат со вродени склоности и наследни диспозиции на припадниците на одделни „раси“. Ваквите истражувања во основа служат за оправдување на расната дискриминација. Овие претпоставени „расни“ разлики сеуште се образец за многу современи истражувања, и ништо не го прави психологот посреќен отколку кога е во можност да ги мапира разликите во „интелигенцијата“ или „личноста“ врз основа на разликите меѓу културите. Таа практика, да се покреваат „психолошки“ прашања кога се вршат биолошки истражувања, може да ја направи дисциплината многу опасна.

Процесот на психологизација ги трансформира биолошките, антрополошките и социјалните истражувања во суштествени разлики помеѓу „половите“ или „расите“ и отсликува одредени видови на сексуалност како нормални, а други видови на сексуалност како ненормални. На овој начин психолозите претендираат да имаат симбиотски однос во нивните интердисциплинарни истражувачки проекти со колегите од други академски заедници, но тие всушност се паразити. Тие се хранат со други форми на знаење и го трансформираат тоа знаење во прилог на систематска социјална контрола, и на овој начин, индивидуализмот во дисциплината многу брзо се менува во форма на тоталитаризам (Parker, 2007).

Психолозите не ги користат само физичките разлики за да ги категоризираат луѓето во вештачки утврдени категории. За да ја заштитат елитата од луѓето кои може да се побунат против системот кој ги угнетува и против елитите кои профитираат искористувајќи ги, психолозите направија да изгледа дека класните разлики се совпаѓаат со природата на човекот. Измислија теории со цел да покажат дека класниот систем ја следи природата на човекот и дека причината зошто некои луѓе имаат огромно богатство, а некои се на маргините, лежи во особините на личноста, како што се мрзливост, недостаток на амбиција, неспособност и други.


Сирил Барт[1], вработен во London County Council, смислил образовни тестови кои би ги сортирале децата на начин на кој елитата би имала профит од различните видови на школување. Неговите студии за класните разлики во интелигенцијата служеле да покажат дека овие разлики се наследени и тоа го искористил како аргумент дека британскиот класен систем е нешто сосема природно и оправдано. Резултатите биле објавени во списанија кои самиот ги издавал, а асистентите истражувачи кои помогнале во извршувањето на студиите се испоставило дека биле измислени.

Истражувањата за наследната природа на личните способности, мерена од психолозите како коефициент на интелигенцијата (IQ), беа надополнети од студии за личносни разлики. Ханс Ајзенк, психолог на Институтот за психијатрија во Лондон, го поддржа Сирил Барт, дури и откако стана јасно дека Барт ги лажирал своите резултати. Ајзенк стана добро познат поборник на идејата дека вродените личносни разлики се поврзани со класата и со потенцијалот за криминалитет. Не само што социјалните и политичките фактори во криминалот се свртеа во доменот на психологијата, туку и биолошките процеси беа исто така реинтерпретирани, така што психолозите станаа најдобрите експерти, кои би откриле кој најдобро одговара за кој вид на работа и за кого би било најдобро да биде во затвор (Parker, 2007).

Психолозите истражувачи целат кон „научни“ описи на однесувањето, најчесто однесување во чие обликување тие одиграле активна улога. При истражувањата тие секогаш се повикуваат на неутралноста и објективноста на тие описи, а таа неутрална, наводно научна гледна точка, понатаму се надеваат дека ќе им послужи како поддршка на нивната омилена теорија за општите човекови обрасци на размислување и однесување. Психолозите сметаат дека тие се неутрални, научни набљудувачи кои развиваат теории кои се непристрасни; тие замислуваат дека луѓето кои ги истражуваат треба да бидат исти како нив, обичните луѓе треба да бидат неутрални и непристрасни во судовите за светот. Ова значи дека психолозите кога се соочени со луѓе кои се непоколебливи во своите мислења и се подготвени да се борат за нив, преставуваат закана за ставот на дисциплината за идеалната рационална индивидуа, но и закана за замислата на психолозите за тоа како треба да изгледа едно научно истражување. Психолошкиот начин на определување на нештата е толку вкоренет во општата свест, што тој се перцепира како научен пристап без сомнеж во неговите идеолошки импликации, кои го чинат животот во капитализмот толку природен и нормален за луѓето. Социјалната и политичката психологија често се супериорни во својата психолошка задача, и се појавија со голем број на теории за да објаснат зошто социјалната активност и политичката акција да се промени човековиот живот е патолошка. Социјалната промена се третира како нешто позитивно (и здраво, во современите демократии) само додека е во определени граници, додека сета активност што ги надминува тие граници се третира како опасна, непожелна, радикална, а во психолошки термини и како патолошка. На лично ниво, психологот нема само да се осигура дека поединецот ќе ги разбере опасностите од надминување на тие (институционални) граници, туку и ќе се погрижи да ја всади идејата дека промени вон тие граници не се ни можни и дека целиот механизам кој им овозможува политичко дејствување на поединците е веќе даден во рамки на државниот апарат (Ibáñez & İñigues, 1997).


Мнозинството од психолозите секогаш ја заземаат страната на владеачките елити. Историски, кога и да им беше потребно на елитите оправдување за угнетувањето и есплоатацијата на работничката класа, голем број на психолози беа спремни преку своите теории и истражувања да ги оправдаат угнетувањето и експлоатацијата и да објаснат дека тоа е дел од човековата природа. Најголем дел од истражувањата на психолозите и денес се финансирани од страна на корпорациите и владите, а за возврат тие треба да откриваат како полесно да се контролираат и искористуваат луѓето. Еден таков пример е тајната служба на САД, ЦИА[2], која нарачала психолошки истражувања за да открие дали може да се „произведат“ нови луѓе преку техниката „перење на мозокот“ (brainwash).

Идејата дека е неопходно да се манипулира со внатрешните чувства на американскиот народ во интерес на пропагандата за студената војна, почнала да пушта корени во Вашингтон. Американската влада била загрижена дека Советскиот Сојуз експериментира со психолошки методи за да ги промени сеќавањата и чувствата кај луѓето, со цел добивање на граѓани кои полесно ќе се контролираат – техника позната како перење на мозокот. Сликата за човековото суштество која била создадена во тоа време била слика на ранливо човечко суштество, со чија ранливост може да се манипулира, а поединецот да се програмира, да стане машина која ќе се однесува според замислите на „програмерот“.

Психолозите во ЦИА верувале дека таквото програмирање е можно: во доцните `50-ти, ЦИА вложила милиони долари во одделите за психологија на универзитетите во Америка. Тоа биле тајни финансирани експерименти за тоа како да се променат и контролираат внатрешните пориви кај човечките суштества. Најозлогласениот од тие експерименти го водел тогашниот претседател на АПА[3], д-р Иан Камерон. Како многу психијатри во тоа време, Камерон бил уверен дека внатре во човековите суштества владеат ирационални сили кои се закана за општеството. Тој верувал дека не е само возможно да се контролираат тие сили, туку и да се уништат.

Камерон основал клиника во болницата во Монтреал под називот Allen Memorial и собрал пациенти со најразлични психички проблеми. Неговата теорија била дека тие се последица на заборавени или потиснати сеќавања. Но тој бил премногу нетрпелив за да користи психотерапија за нивно откривање. Наместо тоа тој едноставно пристапил кон бришење на тие сеќавања. Камерон користел дроги, вклучувајќи ЛСД, како и техниката ЕКТ – терапија со електрошокови, која во тоа време била вообичаена за ублажување на депресија. Но Камерон тоа го искористил на нов начин – за „производство“ на нови луѓе.

     „Тој навистина тоа го користеше за да ги промени темелните функции на личноста, да ги промени сеќавања, претходните начини на однесување, и мислам дека тоа го кажа во еден момент, едноставно да избришеме сè од нивното минато, така што ќе добиеме плоча на која можеме да снимиме нови начини на однесување. Користеше масовни дози на шокови, луѓето добиваа неколку шокови дневно и веќе по стотина третмани со електрошокови, тие се сведуваа на некој вид на примитивна вегетативна состојба. И така кога некого ќе расчлените или ќе го сведете на ништо освен основните функции, како дишење и сл., тогаш би можеле да внесувате материјал во таа личност, а мозокот да се програмира на начин што ќе резултира во целосна промена на таа личност.“[4] Laughlin Taylor, асистент на др. Камерон.

Резултатот на овој експеримент било стотици луѓе со губиток на помнењето, и способност да ја повторуваат фразата „во мир сум со самиот себе“. И тоа не бил изолиран случај, речиси сите експерименти кои ги финансирала ЦИА биле еднакво неуспешни. И покрај своите амбиции, американските психолози почнале да сфаќаат колку е тешко да се сфати и контролира внатрешната структура на човековиот ум, па сепак до денешен ден не престануваат нивните обиди.


Еден илустративен пример е веста[5] дека американската агенција за храна и лекови (FDA) одобрила чипување на лековите кои ги користат луѓето, а кои во здравствениот систем се воведуваат под изговорот дека ќе овозможат подобро следење на здравствената состојба на секој поединец, но кои можат да служат и за понатамошно следење, контролирање и управување на секој кој во себе ќе внесе таков лек. Оваа вест ја споделија само неколку медиуми. Иако можеби звучи како теорија на заговор, ваквите примери се гледаат во трговијата со вакцини и други лекови кои би служеле за спречување на заболување од „новите“ вируси како птичји и свински грип – вируси за кои сè повеќе постојат сознанија дека се вештачки создадени преку договор меѓу владите и фармацевтската индустрија, со цел генерирање профит. Неодамна во Србија е уапсен и обвинет Министерот за здравство Томица Милосављевич под обвинение дека е поврзан со фармацевската куќа Фајзер, како нивен соработник во трговијата и употребата на лековите кои се креирани специјално за измислени вируси во стадиум на пандемија.

Примерите покажуваат како истражувањата во психологијата се користени од страна на владејачката структура и елитата да дознаат како функционираат луѓето со цел полесно да ги контролираат. Истражувањата се правени на барање на луѓе кои имаат моќ и кои сè би направиле за да ја зајакнат и оддржат таа моќ. За да се направи психолошко истражување потребно е да се има одреден буџет. Бидејќи многу често се работи за голема сума на пари, некој тоа истражување треба да го финансира. Тие што финансираат најчесто сакаат да имаат одредена добивка од истражувањето и со тоа наметнуваат нивни стандарди што понатаму влијае на исходот од истражувањето и како тие информации ќе се користат и за кого ќе бидат достапни. Исто така не треба да  се заборави дека најчесто истражувањата се правени од мажи белци и „половите разлики“ со кои се окупирани голем број на истражувачи всушност се разлики помеѓу истражувачот и неговите „женски субјекти“. Иако се претендира психологијата и нејзините истражувања да бидат вредносно неутрални, всушност со генерализирањето се создаваат нормативни модели кои одново генерираат генерализации.

[1] Сирил Барт – британски психолог од областа на педагошка психологија.
[2] Централна разузнавачка агенција на САД.
[3] Американска психолошка асоцијација.
[4] The century of the self: The engineering of consent. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[5] Објавено во хрватскиот е-весник Dnevno.hr од авторот Дамир Крамарич. http://www.dnevno.hr/vijesti/svijet/odobreno_cipiranje_ljudi_elite_ce_na_daljinski_upravljati_milijunima_a_moci_ce_ih_i_iskljuciti/958651.html

No comments:

Post a Comment