9.4.13

Колективите за време на Шпанската револуција (1936 - 1939)


Повеќето ќе се сложат дека анархистичкиот принцип „секој спрема можностите, секому според потребите“ е добра идеја. Самоуправувачко општество во кое сите ќе имаат право да учествуваат во донесувањето на одлуките за тоа како ќе се развиваат работите е привлечен идеал. Може да ја пеете „Imagine“ од  Jonn Lennon, а сепак да одмавнете со главата и да кажете дека тоа е нешто неостварливо во „реалноста“. Најчесто ќе ви кажат дека „во природата“ на луѓето е да бидат себични и егоцентрични и дека обидот за создавање на такво општество би довело до хаос.

Сепак, низ историјата на 20 век, обичните работници успевале да ги преземат работите во свои раце. Никаде се немаат толку блиску приближено до идеалот за вистинско анархистичко самоуправувачко општество како што тоа беше направено во големите делови на „републиканската“ Шпанија за време на Шпанската граѓанска војна. Всушност, во тој краток период од неколку години, селските и градските работници и работнички демонстрирале дека спротивно од хаос, анархизмот е многу ефикасен, посакуван и остварлив начин на управување со општеството.  


Примерите за големината на социјалната револуција во Шпанија се главно преземени од „Колективите во Шпанската граѓанска војна“ на Гастон Левал. Левал бил француски анархист кој после прогонството, затоа што одбил да биде регрутиран во Првата Светска Војна, поминал многу години во егзил во Шпанија и Латинска Америка. Во Шпанија се вратил во 1936 година, токму на време да ја документира револуцијата во економските и општествените односи. Свесен за важноста на овие промени се обидел да направи белешки за иднината.


Огромниот дел од земјата која беше колективизирана е без преседан. Проценките за бројот на 
луѓето кои биле вклучени во колективи се движи од 5 до 7 милиони луѓе директно поврзани со колективизацијата. Тоа што е несомнено е фактот дека милиони на овој или оној начин учествувале во период од неколку недели до 3 години во колективизацијата. Во моментот кога колективизацијата го достигнала својот врв, имало 400 колективи во Арагон, 700 во Левантe и преку 330 во Кастилја. Се разбира, многумина одбиваат да поверуваат дека толку многу луѓе (без разлика дали се луѓе без земја или мали земјопоседници) доброволно се согласиле на колективизација. 

Насилна колективизација?

Една лага која секогаш ја повторуваат речиси сите историчари за Шпанската граѓанска војна е тоа дека колоните на анархосиндикалистичката CNT (Национална работничка конфедерација, најголемиот анархистички синдикат во Шпанија кој постои и денес), насилно спроведувале колективизација со закани со оружје. Иронијата е во тоа што овие обвинувања прво дојдоа од Шпанската комунистичка партија. И покрај тоа, голем број на историчари за граѓанската војна, овие обвиненија и понатаму ги прифаќаат како евангелие.

Секако, тоа тврдење во себе не содржи ни зрно вистина. CNT пред се е индустриски синдикат со седиште во Барселона и Мадрид. Во голем број на региони како Кастилја и Арагон, бројот на членови на CNT, бил многу мал. На пример, во тој момент во регионите каде што најмногу земја е колективизирана, Арагон, Навара и Риоха, CNT имале само 34.000 членови.



Воените единици на CNT уште на почетокот биле испратени на фронтот и воглавно не земале учество во создавањето на колективите. Како што кажува Левал, „тие живееја на работ со задача да овозможат општествената трансформација да се спроведе“. Некои далековидни борци како Дурути, сфаќајки ја важноста на колективизацијата, пратиле некои членови од синдикатот назад во колективите. Станува збор за искусни организатори а не за вооружени трупи.

На крајот, во сите колективизирани региони имало доста „индивидуалисти“ на кои им било дозволено да останат на својата земја. Далеку од тоа дека биле присилувани да се вклучат во колективите, всушност тие често се ослонувале на многубројните бесплатни услуги на колективот. Иако нивниот број се намалил како што поминувало времето, во многу случаи биле само малцинство. Такво нешто не би можело да се случи ако колективизацијата била насилна.

Арагон

Да погледнеме малку поблизу еден регион. Според Левал во Арагон 69,5% од 430 000 жители учествувале во колетивизацијата, со преку 400 колективи кои се основани. Кога пристигнал Левал во февруари 1937 година, имало 275 колетивизирани села со 141,430 семејства организирани во 24 кантонски федерации, кои ја оддржале својата прва конференција во местото Каспе. Јасно е дека ова е голем успех постигнат за само 7 месеци после фашистичкото востание. 

Левал ги посетил најголемите колективи на седумте федерации. Колективизацијата во повеќето од нив се спроведувала на ист начин. Откако земјопоседниците избегале, направени се агрономни совети. Направиле договор целата земја и машинерија да бидат во заедничка сопственост. Биле направени тимови за различни задачи и во секој тим биле избрани променливи делегати за селските средби. 

Подобар живот за сите

Дистрибуцијата на заедничките добра била спроведена по принципот на семејна плата која била воведена. Земајќи го во обзир ниското агрикултурно ниво на Шпанија во тој период јасно е зошто не било можно веднаш да се започне со комунистичкиот модел на дистрибуција (т.е. бесплатни добра за сите) во Арагон и на други места. Сепак дошло до драстично зголемување на животниот стандард, слободно одлучување за сите и широка низа на бесплатни општествени услуги.

Во селото Граус, на пример, семејната плата (базирана на семејството кое опстанало како основна општествена форма) значело зголемување на износот на пари за 15%. Сите услуги, како струја и бензин биле бесплатни, како и здравствените услуги кои значително се подобриле. Исто така, образованието и другите општествени институции биле достапни за сите. Овие промени воглавно донеле подобрување на животниот стандард од 50 до 100%.
Дошло до многубројни подобрувања во продуктивноста и ефикасноста.  Во неколку големи региони колективизацијата овозможила остварување на голем број нови проекти. Во Есплус биле изградени четири свињарници кои призвеле стотини животни, а стадото со овци било зголемено од 600 на 2000 овци. Во местото Мас Де Лас Мантас направиле голема колективна пекара која ја превзела обврската да прави леб и пецива, што до тогаш било исклучиво задача на жената во домот. Во Алкориси дошло до зголемување на износот на култивирана земја за 50%, додека централизацијата на шивачките изработки довело до зголемување на продукцијата за 66%.

Ова се само неколку примери кои покажуваат како земјопоседничкиот систем ја спречуваше ефикасната употреба на земјиштето, додека селаните и работниците биле соочени со изгладнување секоја година.

На состанокот на кантонските федерации  во февруари, биле донесени мерки со кои се одвоило еден дел од обработливото земјиште за истражување на можноста за произведување на квалитетно семе. На пример, бил изнесен ставот дека компирот без инсекти може да биде одгледуван на брдата во горниот дел на Арагон. За ваков вид на иновација не можело ни да се замисли за време на периодот на латифундија, каде што земјопоседниците во потполност се ослонувале на безобразно ефтината работна сила на селаните (без „фрлање“ пари на машини), која ги одржуваше сити и богати додека повеќето гладуваа.

Федерацијата исто така пробала да промовира размена помеѓу колективите во која побогатите колективи дистрибуирале храна и машинерија на оние во посиромашните региони. Колективите, исто така, доброволно ги снабдувале со намирници градовите, за разлика од Руската граѓанска војна (1921) каде болшевиците насилно ја одземале пченицата и ја уништиле солидарноста помеѓу руралните у урбаните работници. Колективите исто така ги снабдувале и фронтовите. 

Индивидуалистите

Федерацијата исто така заземала интересен став спрема земјопоседниците кои биле „индивидуалисти“, што прави несомнено голема разлика помеѓу колективизацијата во Шпанија и Сталиновата „колективизација“ во 30-тите години на 20 век. Индивидуалистите беа оставени со своите добра, со тоа што колективите немале никаква обврска да им помагаат, иако во пракса великодушно им помагале. Од друга страна, на индивидуалистите им било забрането да вработуваат работници и го изгубиле правото на наследство. Многу индивидуалисти на крајот преминале во колективите и најчесто биле привлечени од примерот, а не со сила.

Арагон е само еден од регионите кои биле опфатени. Во некои други региони речиси во потполност бил остварен комунистичкиот принцип на работа. На пример, во колективот Навал во Хуеска, функционирал систем во кој требало само да се отиде во колективната самопослуга и да се земе она што е потребно. Придонесите и она што се земало се бележело и се било сведено на едноставно попишување. Во многу делови на земјата, вакво нешто не било возможно и морало да се воведе рационализација. Сепак, успешните колективизации се и понатаму импресивни, особено ако се земе во обзир жалосната состојба на шпанската агрикултура во тој период.


Индустриски колективи

CNT бил анархо - синдикат кој ги организирал претежно градските работници. Неговата сила главно се состоела од работници од Мадрид и Барселона. Поради тоа може да делува чудно фактот дека индустриската колективизација не отишла толку далеку како аграрната. Она што треба да се разбере е дека поголемиот дел од таа индустрија била зависна речиси во потполност од други земји, како поради пазарот, така и поради суровините. Тие врски биле пресечени уште на почетокот на војната на основа на ставот „да не се мешаат“ во внатрешните работи на Шпанија, која ја заземале владејачките класи на европските држави. Исто така, голем број на фабрики морале да бидат пренасочени во производство на средства за борбата против фашистите.

Барселона

Земајќи се во обзир, успехот на индустриската колективизација ги запрепасти и изненади странските набљудувачи како Џорџ Орвел. 3000 претпријатија во Барселона беа колективизирани. Одборот кој имал задача да управува со претпријатијата бил избран од страна на работниците. Секоја секција од претпријатието делегирала свои луѓе да работат со одборот на дневните обврски. Поголемиот дел од услугите биле значително подобрени. Еднакви плати биле исплатувани на сите работници, а платата била зголемена. На пример, сите мали електрични генератори, дотогаш во приватна сопственост, биле поврзани заедно, а нови брани и генератори биле направени за да се обезбеди поефикасен систем за напојување со електрична енергија. Изворите за вода, кои до тогаш биле оскудни, биле унапредени до 150,000 кубни метри вода, и тоа било изведено релативно лесно.

Можеби најдраматичниот напредок бил видлив во трамваите, основниот метод на транспорт во Барселона. Пет дена после протерувањето на фашистите од улиците, трамваите биле возени од страна на работниците. Бројот на трамваи бил зголемен од 600 на 700 со поправка на 100 трамваи кои претходно биле отпишани како непоправливи. Нов безбедносен и сигнален систем бил воведен. Шините и патиштата биле поправени и подобрени, бил вграден автоматски систем за предупредување, многу линии биле реорганизирани. Бројот на патници бил зголемен од 183,543,516 на 233,557,506.  Кажете го ова на секој што ќе каже дека работниците не се во состојба сами да управуваат.

Шпанската револуција докажала, иако само на кратко, дека доколку им се пружи прилика на работниците и селаните, ќе можат сами да управуваат со општеството и тоа многу подобро од начинот на кој тоа го прават газдите. Укинување на профитот како мотив и воведувањето на новите технологии, овозможиле да се унапреди животот на секого.

Работничкото самоуправување и селските колективи не пропаднаа поради некој недостаток на „човековата природа“. Уништени се од страна на фашистичките напади на фронтот и државните комунистички тенкови во позадина (на пример дивизијата на тенкови под команда на Сталинистичкиот генерал Листер била искористена за уништување на повеќето колективи во Арагон). Анархизмот, како модел на општествено уредување се соочи со историски тест и го помина со многу висока оцена.

No comments:

Post a Comment