Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичко општество (1)
Психологијата, како израз на вековната потреба на човекот да се спознае себеси, во капиталистичкото општество ја смени од корен својата функција. Наместо да им помага на луѓето подобро да се спознаат себеси, да се развиват како личности, да ја откријат „вистината која го прави човекот слободен“ психологијата во голема мера се претвори во алатка за управување со луѓето. Специјалистите од оваа област говорат што е „нормална“ личност, па според тоа што не е во ред со човекот. Тие пронаоѓаат методи да му помогнат да се прилагоди, да биде среќен, да биде нормален. Човекот се управува преку разни механизми, а во прв ред масовните медиуми, но и преку заедниците во кои живее и твори: семејството, образовните установи и работните организации. Голем придонес во контролата над човекот преку разни општествени механизми има психологијата како идеологија.
Во овој дел се зборува за знаењата и инструментите кои ги создадоа психолозите, а кои се употребуваат за социјална контрола на личноста. Разгледани се одредени психолошки теории, психолошки истражувања, психолошки методи. Но пред тоа ќе бидат објаснети поимите психологизација и психологијата како идеологија.
Поимот психологизација. Под терминот психологизација се подразбира користење на психолошки термини за да се интерпретираат однесување и ментални процеси, односно психолошко објаснување на секој човечки и општествен феномен, при што сфаќањето на феноменот се подредува на очекувањата и шпекулациите произлезени од психолошките толкувања и теории.
Психологизацијата во секојдневниот живот во капитализмот не преставува дополнителна опција, ниту пак е едноставен политички уред кој се користи од оние кои се на власт да го поделат и да владеат со народот; психологизацијата е суштествена и потребна за капитализмот (Parker, 2007).
Психологизацијата стана толку длабоко вграден дел од животот во капитализмот, така што психолозите во односот поединец – општество секогаш попрво го бараат коренот на проблемот во поединецот (и неговата „неспособност да се вклопи“), а не во инхерентните маани на општествениот систем. Овој аргумент, што психолозите го користат при третманите на „неприлагодените“ поединци, се користи и за да се оправдаат одредени системски појави, од типот на расизам и сексизам. На пример, нападот на имигрантите во западните земји секогаш е придружен со „рационална“ политичка дебата. Дебатата служи за државата да покаже пред народот дека нивниот аргумент против имигрантите е економски издржан; во смисол, дека имигрантите ги окупираат работните позиции на локалните жители, дека предизвикуваат нереди и хаос во системот и ја нарушуваат рамнотежата на заедницата, носејќи го со себе товарот на нивните сопствени традиции, верувања и начини на живот. Па така, секој најмал инцидент или отстапка од секојдневниот живот во заедницата може лесно да се стави на грбот на имигрантите. Овде функцијата на психологизацијата е да ја изрази, преку расистичко насилство, улогата на државата како економско-политички механизам за одбрана на „нацијата“ од аутсајдерите, а психологијата како идеологија е способна да потврди уште еднаш дека нешто не е во ред со човековата природа (Parker, 2007).
Индивидуалните избори што ги покриваат структурните нееднаквости се потхранети со повеќе психологизација и со способноста за брборења за чувства и лични патувања кои повеќе се како доказ пред другите и пред себе дека нема да предизвикаме проблеми. Човекот е научен да се откаже од социјалните промени и да го прифати „фактот“ дека целта да се промени светот е производ на психолошки мотиви, како завист и незадоволство поради успехот на другите. Улогата на психологизацијата е да ја зајакне личната мизерија на поединецот, преку инсинуации дека во него лежи одговорот за се она што му се случува (Fox & Prilleltensky, 1997).
Психологијата како идеологија. Психологијата како идеологија ги опфаќа и рефлектира кон луѓето доминантните идеи на капиталистичкото општество преку својата колекција на теории за човечките суштества и социјалните односи. Психологијата не е само предмет на изучување на психолозите; таа како идеологија е длабоко вгнездена во начинот на кој луѓето размислуваат како поединци и начинот на кој делувааат како политички битија (zoon politicon). Причината поради која луѓето ја сметаат капиталистичката експлоатација и угнетувањето како нешто „нормално“ и нешто „што треба така да биде“ е директен резултат на психологијата како идеологија. Идеологијата овде е претставена како збир од „исправни“ верувања за светот – секако, аргументирани со психолошки термини, односно психологизирани – додека се она што е надвор од оваа свест е „лажна свест“. Во тоа се состои целата перцепција околу „нормалното“ и „ненормалното“ како антагонизми. Така луѓето повеќе своето однесување не го детерминираат според нивната природа, нагони, историски и општествени искуства, туку го приспособуваат на капиталистичката идеологија, и се додека се однесуваат според дадениот калап, тие чувствуваат дека живеат „исправно“ и дека не прават грешки. Калапот е добро осмислен модел на свест, развиен во прв ред од сознанијата на психологијата (Parker, 2007).
Психолошки теории
Во психологијата постојат огромен број на теории кои ја дефинираат личноста, нејзината структура, процесите во неа, функциите, создавањето, развојот и уште многу други аспекти. Најчесто овие теории не се комплементарни туку се компетитивни, делумно поради тоа што постои големо несогласување меѓу психолозите за тоа што е психологијата и што е предмет на проучување. Во овој дел ќе бидат анализирани две спротивставени теории кои без разлика што целосно се разликуваат резултираат со ист исход за личноста т.е. со нејзино искористување.
Теорија на Фројд
Првата теорија е теоријата на Фројд според која човекот е ирационално, неразумно, егоистично анимално суштество, кое се води според ирационалните страсти и со нив поврзаните стравови и фантазии. Според Фројд, човекот многу малку работи знае за себе, а и тоа што го знае е погрешно. Тоа се должи на тоа што многу мал дел од психата на личноста е свесен, додека поголемиот дел е несвесен (Јанаков, 2000). Според оваа теорија треба да се потиснуваат човековите внатрешни сили затоа што тие се опасни и ирационални и можат да доведат до уништување на личноста ако не се контролираат.
Фројдовото сфаќање дека основна карактеристика на човековата природа е конкуренција и асоцијалност наоѓаме кај повеќето писатели кои веруваат дека карактеристиките на човекот во модерниот капитализам се неговите природни карактеристики. Фројдовата теорија за „едиповиот комплекс“ се заснова на претпоставка за „природен“ антигонизам и конкуренција помеѓу таткото и синот во борба за мајчинската љубов. За оваа конкуренција се вели дека е неизбежна поради природните инцестуални желби на синовите. Фројд само го следи истиот правец на мислење кога претпоставува дека инстинктите го тераат секој човек да сака да има предност во сексуалните односи и на тој начин се создава жестоко непријателство помеѓу луѓето. Треба да се воспостави дека целокупната Фројдова теорија за сексуалниот нагон се заснова на антрополошката претпоставка дека конкуренцијата и взаемното непријателство се својствени за човековата природа (From, 1980).
Дарвин овој принцип го изразил во областа на биологијата во својата теорија за конкурентската „борба за опстанок“. Економистите, како што се Рикардо и припадниците на манчестерската школа, го пренеле тоа во областа на економијата. Подоцна Фројд, под влијание на истите антрополошки претпоставки, го тврдел истото и во областа на сексуалните желби. И „економскиот“ и „сексуалниот“ човек се погодни за фабрикација чија претпоставена природа – изолираност, асоцијалност, алчност и конкурентска борба – прави капитализмот да се јави како систем кој потполно одговара на човековата природа и на тој начин стои надвор од дометот на критиката (From, 1980).
Фројд со својата теорија за несвесното сакал да ги предупреди луѓето дека се водени од ирационални и опасни сили кои мора да се контролираат затоа што ако целосно се ослободат ќе доведат до самоуништување на личноста. Инспиран од заклучоците на Фројд, неговиот внук Едвард Бернејс, пионер во истражувањата за пропаганда и јавни односи, си го поставил прашањето дали може да се заработи со манипулација на несвесното. Тој им покажал на корпорациите како луѓето може да посакуваат предмети кои не им се потребни, така што ќе ги поврзе несвесните желби со производот кој се продава. Неговата цел не била освестување на луѓето, туку напротив нивна манипулација и контрола. Верувал дека со задоволување на човековите внатрешни егоистични желби луѓето ќе бидат среќни, а со тоа и послушни. Постојат повеќе примери за тоа како Бернејс ги искористил идеите на Фројд за несвесното и ги продал на корпорациите за да направат поголем профит.
Еден од примерите е кога тутунските компании побарале од Бернејс да пронајде начин како да се зголеми продажбата на цигари, особено затоа што во тоа време било табу жените да пушат во јавност.
Еден од неговите први клиенти Џорџ Хил, претседател на American Tobacco Co., побарал од Бернејс да најде начин да го сруши тоа табу, бидејќи компанијата почнала да губи значителен дел од пазарот. Бернејс посетил психоаналитичар за да дознае што им значат цигарите на жените. Отишол кај најпознатиот психоаналитичар во Њу Јорк, А. А. Брил, кој за висок хонорар му кажал на Бернејс дека според сексуалната теорија, цигарата симболизира пенис и машка сексуална моќ. Тој му соопштил на Бернејс дека треба да најде начин да ги поврзе цигарите со предизвикувањето на машката моќ, а тоа ќе резултира жените да пушат на јавни места, бидејќи тоа ќе направи да се чувствуваат моќни и независни. (Потребата на жената да се истакне како моќен и независен учесник во општеството е разбирлива во оваа ситуација, со оглед на положбата на жената во 20-тите години на XX век.) Секоја година во Њу Јорк, се оддржувала велигденска парада која била посетувана од илјадници граѓани. Бернејс решил тука да се одвива случувањето. Наговорил група од богати дебитантки да ги сокријат цигарите под облеката. Потоа тие требало да се придружат на парадата и на негов знак драматично да ги запалат цигарите. Бернејс новинарите ги известил дека група девојки планираат да протесираат палејќи го она што го нарекле „пламен на слободата“. (Тука особено треба да се потенцира дека Кипот на слободата во Америка држи пламен.) После ова случување нагло се зголемила продажбата на цигари.[1]
Бернејс створил слика дека жените кои пушат се независни и моќни, идеја која владее и денес. Така заклучил дека може да ги увери луѓето да се однесуваат ирационално ако се поврзат производите со нивните емоционални желби и чувства. Идејата дека пушењето ги прави жените послободни е ирационална, но во тие услови предизвикала да се чувствуваат понезависни. Тоа значело дека неважните работи може да станат важни емоционални симболи, и дека на тој начин луѓето неизбежно ќе се врзат за одредени производи кои претходно не наоѓале примена во нивните животи, а корпорациите ќе си обезбедат сигурен профит. Бернес ја создал идејата за купување поради желба, а не потреба; луѓето мора емоционално да се врзат за производот за да продолжат да го купуваат. Оваа емоционална поврзаност со производот особено се забележува денес. Популарноста на сознанијата на Бернејс во областа на пропагандата се видливи по тоа што огромен број компании во тоа време го најмувале да им помогне со продажбата, а целата пропагандна машинерија денес почива на тие негови сознанија.
Овој пример можеме да кажеме дека бил почеток на искористување на психолошките знаења за зголемување на профитот на компаниите. Бернејс се повеќе станал заитересиран за откритијата на Фројд со цел да ги искористи за манипулација и контрола на луѓето. Многу често вработувал психолози да даваат извешаи дека одредени производи се добри за нив, а потоа ги нарекувал „независни истражувања“. Организирал модни ревии на кои повикувал славни личности кои требало постојано да повторуваат одредена порака која најчесто гласела дека треба да се купува не заради потреба, туку за да се истакне нечива личност и како таа личност се доживува.
„Постои психологија на фустаните, дали некогаш сте размислувале за тоа? Како таа може да го престави вашиот карактер? Сите вие имате интересен карактер, но тој е скриен во вас. Се прашувам зошто сите вие сакате да се облекувате истолично, со исти шешири и исти капути. Сигурна сум дека сите вие сте интересни и дека постојат прекрасни работи за вас, но гледајќи ве на улица, сите изгледате исто. И затоа ви зборувам за психологијата на фустаните. Пробајте да се изразите себеси подобро во својот фустан. Извадете одредени работи кои мислите дека се скриени. Се прашувам дали сте размислувале од тој агол за своите карактеристики.“ Mrs Stillman, авијатичарка.[2]
Фројд, освен својата теорија за личноста, развил и одредени техники кои ги употребувал во текот на своите психотерапии. Неговата најпозната техника е слободни асоцијации. Од пациентот се барало да каже се што му паѓа на ум, без разлика колку тоа смешно или несоодветно би можело да звучи, и на тој начин со напуштање на контролата на своите мисли во присуство на квалификуван слушател човекот може да ги открие своите несвесни чувства и мисли.
Но оваа техника брзо се изопачила. Наместо да доведе до содржинското изразување на заробените мисли, техниката се претворила во брборење без содржина. Фројдовата идеја за слободни асоцијации станала оружје на многу психолози кои себе се нарекуваат советодавци, кои прават се освен што даваат совети. Овие психолози добиваат се поважни улоги како приватни лекари или како советници во одредени индустрии. Ефектот на оваа техника повеќе не е оздравување како што замислувал Фројд, кога ги предложил слободните асоцијации како основа за разбирање на несвесното. Ефектот е ослободување на напрегнатоста која произлегува од бесконечното исповедување во присуство на сочувствителни слушачи (Fromm,1980).
Сè додека човекот ги задржува своите мисли за себе, тие мисли може да го вознемируват и од тоа вознемирување и гнев може да произлезе нешто плодно. Нешто што ќе го натера човекот да се преиспита или да се активира да преземе нешто во врска со она што го мачи; но кога личноста ќе се ослободи од своите мисли, додека тие сеуште не ја притискаат, поради ефектот на исповедување таа само ќе се чувствува олеснето и идеите кои ја оптоваруваат ќе испарат како „сувишни“ и нема да вродат со плод.
Луѓето се потикнувани и приморувани да се исповедуваат, не заради нвино добро, туку заради контролирање и дисциплинирање, односно заради управување со нив. Порано луѓето се исповедувале на свештеници, а денес на психијатри, психолози и други стручњаци. Со други зборови, во капиталистичкото општество исповедувањето е маскирано со научност (Фуко, 2004).
Теорија на Перлс
Според теоријата на Фриц Перлс, наместо да се потиснуваат и контролираат внатрешните сили во човекот, треба да се ослободат и да се изразат. Внатрешните сили кај човекот не се опасни и лоши, туку стануваат опасни токму затоа што се потиснуваат и контролираат од општеството.
Мала група на психотерапевти во почетокот на втората половина од минатиот век, развивала техники кои ќе и` овозможат на личноста ослободување од контролата која во нивните умови ја изградило општеството. Нивно средиште бил еден мал стар мотел на непристапните обали во Калифорнија, кој се нарекувал институт Esalen.[3] Водечка фигура бил Фриц Перлс[4]. За време на групните терапии тој ги потикнувал поединците јавно да ги изразуваат своите чувства, за кои општеството рекло дека се опасни и дека треба да се потиснуваат.
Перлс водел процес на самоизразување, самооткривање, поврзување и остварување контакт со сите делови на личноста и освестување за нивното постоење. Со други зборови учесниците во оваа психотерапија сакале да стекнат автономија и слобода. Она во што Перлс и останатите во Esalen верувале е дека создаваат начин кој им дозволува на поединците да ја изразат својата „вистинска“ личност и својата индивидуалност. Верувале дека од тоа ќе произлезе ново автономно суштество, ослободено од општественото влијание. Во услови на широки општествени превирања низ целиот свет, а особено во Америка со анти-воените движења и хипи културата во 60-тите години, за левицата која во тоа време се нашла немоќна против репресијата на државниот апарат, ова било особено привлечна идеја. Огромен број млади луѓе ја прифатиле идејата дека можеби единствениот начин да се смени стариот поредок е ако се започне со лична, внатрешна трансформација.
Но она што произлегло од таа „револуција“ е сосема спротивното: изолирано, ранливо и пред сè незаситно Јас, многу поотворено за манипулација, и од страна на корпорациите и од страна на политичарите како никогаш порано. Владеачките елити и корпорациите сега ќе го контролираат егото, не со потиснување туку со поттикнување и хранење на неговите бесконечни желби.[5]
Тука станува збор за теорија која е сосема различна од претходната, теорија која сакаше да придонесе за ослободување на луѓето од општествените стеги и конформизмот, теорија која требаше да им помогне на луѓето да бидат тоа што се без некој да им наметнува. Но капитализмот, како систем кој е доста прилагодлив ги искористи овие знаења за што поголем профит на компаниите, а со тоа и за социјална контрола. Ова е уште еден пример како психолошките знаења наместо да го ослободат човекот направија од него роб на елитите.
Даниел Јанкелович[6] почнал да го истражува развојот на новите карактеристики кај личноста по општествените промени од 60-тите години. Тој им соопштил на корпорациите дека тие „нови“ суштества се потрошувачи, но дека повеќе не сакаат ништо што би ги ставило внатре во тесните слоеви на американското општество. Наместо тоа барале производи кои ќе ја изразат нивната личност, нивната различност и индивидуалност во конформистичкиот свет. Компаниите си поставиле нова задача – да ги прилагодат своите производи на новите „неприлагодени“ луѓе. Но проблемот било што многу малку од тие „неприлагодени“ личности сакале да учествуваат во истражувања. Овие нови личности постојано посетувале тренинзи каде што сакале да се ослободат од општествената контрола, да се откријат себеси, да бидат тоа што сакаат. Но политичката идеја која го започнала движењето на лична трансформација, во процесот почнала да се губи.[7] Исчезнала изворната визија, дека преку откривање и изразување на себе ќе се роди нова култура која ќе се спротивстави на моќта на државата. Тоа што почнало да се појавува е мислењето дека луѓето можат да бидат среќни само со промена на својата личност, додека промената на општеството е небитна, па дури и невозможна. Во основа, политичкиот аспект е изгубен и потполно заменет со „новиот начин на живот“ и со желбата да се влезе сè подлабоко и подлабоко во себе.
Американските научници барале начини како да го разберат однесувањето на не-конформистите и да го приспособат на продажбата на диференцирани продукти. До такви сознанија дошол еден од најмоќните научно-истражувачки институти во Америка, Stenford Research Institute[8] во Калифорнија. Работел за корпорациите и владата. Во 1978 година група на психолози и економисти во Институтот одлучиле да пронајдат начин како да ги читаат, мерат и исполнуваат желбите на тие нови непредвидливи потрошувачи. Нивната идеја била да создадат инструменти со кои би можеле да го измерат целиот спектар на желби, копнежи и вредности кои претходно биле занемарувани. Според нив, ако производителите сакаат да ги задоволат овие личности и од тоа да го зголемат својот профит, тогаш мора производите кои ќе ги произведат да ги направат лични, луѓето да ги чувствуваат тие производи како дел од нив, како нешто што ги одразува.[9]
За да успеат во тоа научниците од SRI Институтот се обратиле за помош кај психологот Абрахам Маслов. Преку набљудување на работата на места како Esalen, Маслов понудил нов состав на психолошки типови, кој го нарекол хиерархија на потребите. Тимот во Институтот сметал дека Масловата хиерархија може да биде начин за ново категоризирање на општеството, но не според општествени класи, туку според различните психолошки желби и потреби. За тоа да го тестираат, осмислиле огромен прашалник со стотина прашања за тоа како луѓето се гледаат себе и своите внатрешни вредности. Заклучокот од тој прашалник бил дека постојат темелни обрасци во начинот на кој луѓето се доживуваат себе, кои се вклопувале со Масловата категоризација. На врвот на пирамидата била голема и растечка група која се провлекувала низ сите општествени слоеви; тоа биле луѓе кои чувствувале дека не се дефинирани со своето место во општеството, туку од изборите кои сами ги направиле. Институтот открил дека тие луѓе може да се вклопат во различни обрасци на однесување, за кои тимот измислил нов назив: животни стилови. Успеале да ја категоризираат новата личност.
Таа нова типологизација на SRI Институтот им овозможила на компаниите да дознаат која група ги купува нивните производи, и со тоа како прoизводите треба да се рекламираат како би станале моќни симболи на внатрешните вредности и животните стилови на тие групи. Тоа бил почетокот на „животен стил“ маркетингот. Производите повеќе не се диференцирале според демографски, финансиски и слични карактеристики, туку според личниот стил на живеење и потребата од различност. Категориите на животните стилови и вредности покажале дека може да предвиди не само кои производи ќе се купуваат, туку и за кои политичари луѓето ќе гласаат.
По овие сознанија се јавува цела индустрија на психолошко истражувачки пазари. Генерациите кои некогаш се бунеле против наметнатиот конформизам, сега го прифаќаат како нешто што ги диференцира и што ги прави свои. Капитализмот разви цела индустрија за создавање на производи кои предизвикуваат чувство на поголема смисла на себството. Производот стана стил на живот, начин на постоење. Производот продава вредности. Самата идеја дека можеш да купиш идентитет ја заменува изворната идеја на движењето дека си потполно слободен да создадеш свој идентитет и дека си потполно слободен да го промениш светот во она што сакаш да биде. Тој широк распон на новите желби совршено одговарале на промените во индустриското производство.[10]
Револуционерните идеи на младината во втората половина од XX век на овој начин беа совршено изиграни: наместо развојот на индивидуализмот и различноста да го победат конформизмот и да ги поткопаат основите на стариот поредок, капитализмот се приспособи на новите желби и вредности и успеа одново да ги врати „неприлагодените“ во зададените калапи, само овој пат во различни пакувања. Па така, некогашните бунтовни идеи и движења, како хипи движењето, панкот и некои револуционерни херои, станаа статусни симболи во рамки на новата поп-култура, продукти во масовно производство и извор на профит. Најважното оружје на капитализмот е неговата приспособливост на новите текови; тој е способен и најалтернативните појави мошне брзо да ги комерцијализира и да ги направи извор на профит, без да биде гибнат од можните опасности кои тие појави ги носат.
...
Во претходниве редови се прикажани две различни теории за личноста и како тие, преку методите на манипулација, беа искористени во цели на маркетингот и продажбата, но и за социјална контрола. Без разлика на индивидуалните намери на психолозите, нивните сознанија најчесто завршуваат во рацете на капиталистичките и политичките владејачи. Иако овие две теории суштински се разликуваат сепак капитализмот ги искористи психолошките сознанија за контрола на личноста.
Популарните аргументи за „човековата природа“ направија да изгледа дека социјалната промена е нешто за кое не треба човекот да се запраша, а психолошките теории ги поткопуваат оние кои веруваат дека друг свет е возможен. Психолошките објаснувања за војните, инвазиите и масовните убиства, не само што доведуваат во заблуда и го одвлекуваат вниманието од економските, политичките и историските услови, туку тие исто така ја поткопуваат и довербата во оние кои и се посветени на промената. Секоја теорија за природата на човекот, што кажува дека ништо не може да биде променето на подлабоко општествено ниво (како промена на општествениот систем), има подмолни економски функции и политички последици (Parker,2007).
[1] The century of the self: Happiness machines. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[2] The century of the self: Happiness machines. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[3] Институтот, основан во 1962 година, се отворил како центар фокусиран на хуманистичка алтернативна едукација и се фокусирал на активности од типот: личен развој, медитација, Гешталт, јога, психологија, екологија, спиритуалност и органска храна. Заедно со Маслов, Прајс, Марфи и други психотерапевти, Фриц Перлс долги години истражувал во институтот и спроведувал Гешталт терапија.
[4] Фриц Перлс, германски психијатар и психотерапевт, кој прв пат го употребил терминот „Гешталт терапија“, за да го идентификува обликот на психотерапија кој го развил во текот на 40-тите и 50-тите години, а кој се фокусира на индивидуализмот, зголемена свест за внатрешните чувства, перцепции и засилен однос помеѓу поединецот и средината и другите луѓе.
[5] The century of the self, There is a Policeman Inside All Our Heads: He Must Be Destroyed. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[6] Американски психолог и лидер во истражувањата на американскиот пазар и јавното мислење, основач на повеќе компании за маркетинг истражувања.
[7] The century of the self, There is a Policeman Inside All Our Heads: He Must Be Destroyed. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[8] Oснован во 1946 година, денес еден од најголемите истражувачки центри за економски развој во светот. Изведува истражувања спонзорирани од владини агенции, приватни компании и приватни фондации. Чисто за илустрација, во текот на 2011 година (иако се декларира како непрофитна организација), 67% од вкупниот годишен профит, или околу 4.5 милијарди долари, ги прибавил од својот најголем клиент, Министерството за одбрана на САД. Останатиот профит произлегол од услуги за приватни компании, други владини агенции и интернационални клиенти. Извор: http://www.sri.com/sites/default/files/brochures/sri_overview.pdf.
[9] The century of the self, There is a Policeman Inside All Our Heads: He Must Be Destroyed. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
[10] The century of the self, There is a Policeman Inside All Our Heads: He Must Be Destroyed. DVD. Во режија на: Adam Curits. 2002; United Kingdom: BBC Four 2002
No comments:
Post a Comment