3.1.14

Солидарност со Спирос Стратулис: 22 години заложник на грчките затвори



Другарот Спирос Стратулис беше затворен во грчките затвори уште на 17 годишна возраст, и веќе 22-ра година по ред се наоѓа во необична заложничка ситуација. Две децении Спирос се бори со репресијата на затворскиот систем, и секогаш со достоинство: десетиците писма на солидарност кои ги има испратено, отворените обзнанувања на затворските услови и учеството во затворски бунтови, штрајкови со глад и судири со чуварите – се` е тоа дел од неговата долга борба одвнатре, и сето тоа по скапа цена.
 
И покрај неговиот долг престој во затвор, на Спирос му беа дозволени повремени излези од затворот дури во последните две години. Од 2008 до 2010 беше држен во истражен притвор – додатно на неговата затворска казна – поради учество во затворски бунт во 2007, кој се прошири низ затворите ширум Грција откако анархистичкиот затвореник Јанис Димитракис беше претепан од затворски чувари. За Спирос ова резултираше во последователни одбивни одговори на неговите барања за привремени излези од затвор, како и безброј часови во самица.

Во јули 2012, солунската полиција отпочна координирана операција, во текот на која бројни домови, сквотови и социјални центри беа на мета на полициски единици, што резултираше во притворување и кривично гонење на десетици анархисти, под обвинение за учество во наводната криминална организација наречена „Солунски кружоци“. Во април 2013, затворениот другар Спирос Стратулис изненадно беше повикан од истражниот судија да сведочи во случајот во улога на обвинет. Целиот процес против него се базираше на шушкања до кои полицијата дошла преку прислушкување на телефонски повици. 

Откако беше отпочнат овој најнов процес против него, Спирос не само што ги изгуби дозволите за повремен излез (за кои толку долго се бореше), туку исто така се најде во ситуација на затвореник кој чека да му се пресуди за ново дело, при што евентуалната обвинителна пресуда би можела да му го продолжи престојот во затвор. Дури и да не го осудат, тој сепак беше принуден да остане во притвор додека трае судењето, без кое инаку ќе можеше да бара условно ослободување изминатиов септември.

На 11 ноември 2013, поради ваквата репресија која се врши врз него, Спирос отпочна штрајк со глад, кој сеуште трае – веќе 54 дена. Спирос, кој во неколку наврати беше хоспитализиран поради неухранетост, бара да се отфрлат обвиненијата против него и да биде отпуштен од истражен притвор за да може повторно да добие денови за излез.

Во солидарност со борбата на Спирос, тројца други затворени другари исто така отпочнаа штрајк со глад: Рами Сирианос во затворот Домокос од 21 ноември, Ергин Мустафа од затворот Маландрино и Микалис Рамаданоглу во затворот Гревена, двајцата од 25 ноември.

Нивниот штрајк траеше до 31 декември 2013, кога ја исполнија желбата на Спирос да го прекинат штрајкот за да останат силни и способни за борба. Штрајкот го прекинаа веднаш по објавувањето на писмото на Спирос во кое, меѓу другото, вели:

Не сакам да допуштам тројца вистински борци да паднат – Рами Сирианос после 40 дена штрајк со глад, Ергин Мустафа и Микалис Рамаданоглу после 36 дена. Ги замолувам да го прифатат мојот предлог, да останат на нозе и да ме одржуваат и мене и нашата борба живи. Барам од моите браќа да го прекинат штрајкот, затоа што тие веќе ја исполнија нивната цел – застанувајќи крај мене, тие веќе успеаја да ја пренесат моќта на солидарноста и пораката за колективен отпор.

Слободата ни припаѓа нам и ние одново ќе ја освоиме.
Го продолжувам штрајкот со глад; ЗАЕДНО сме и ќе останеме ЗАЕДНО до самиот крај.
Страста за слобода е посилна од сите затвори!
Отпорот и солидарноста не` обединуваат и – барем сеуште – не` одржуваат живи. 

Од 27 ноември уште 22 затвореници од затворот во Лариса, како и 13 други затвореници од затворот Гревена почнаа да апстинираат од храна во солидарност со Спирос, Рами, Ергин и Микалис. 
 
На 31 декември, анархистите ја дочекаа новата 2014 година пред затворот во Лариса каде што е затворен Спирос. ВИДЕО. Со гласни извици, огнови, бука и пароли, анархистите ја дочекаа новата година крај својот другар, за да му покажат дека не е сам и дека ништо не е завршено.

Борбеноста и интегритетот кои Спирос ги покажа сиве овие години прават да застанеме крај него во секоја негова борба за достоинство и слобода. Не смееме да оставиме никого сам во рацете на државата. 

Итно да му се дозволат привремени излези на Спирос Стратулис и итно да се отпушти од сите обвиненија во овој последен случај против него. 

ДОДЕКА И ПОСЛЕДНИОТ ЗАТВОР НЕ БИДЕ СРУШЕН!


No comments:

Post a Comment