9.10.13

Критика на авторитарниот социјализам

Анархистите се единствени кои го изложија на остра критика „авторитарниот“ социјализам. Во времето кога е вршен тој нивен жолчен напад, „авторитарниот“ социјализам сеуште не беше целосно основан, затоа што оние кон кои беше насочен беа или „прости“ комунисти кои сеуште не беа збогатени со марксистички комунизам, или пак, како во случајот на Маркс и Енгелс не беа така еднострано задоени со „авторитет“ и етатизам како што тврдеа анархистите. Но, во денешно време се прошируваат „авторитарните“ тежнеења, кои во 19 век во социјалистичката мисла дојдоа до израз само на зачетокот и доста слабо. Ако се земат во предвид овие појави, анархистичката критика денес не изгледа така тенденциозна, и неправедна; таа дури и често поприма пророчки карактер.

Спрема Штирнер, во комунистичкиот режим, работникот останува потчинет на врховната власт на општеството на работничката класа. Работата му е наметната од општеството и за него тоа преставува само казна. Комунистот Вајтлинг напиша: „ Способностите можат да се развиваат само ако не ја нарушуваат хармонијата во општеството“. На тоа Штирнер одговара: „Да бидеш лојален на некоја тиранија или на „општеството“ на Вајтлинг, тоа и во двата случаи значи отсуство на права.“

Комунизмот речиси воопшто не се грижи за она што стои позади работниот човек, за самиот човек, за слободното време на човекот. Тој го занемарува она што е од суштинско значење – да му се овозможи на човекот да ужива во самиот себе како поединец откако ја завршил својата задача како произведувач. Но Штирнер, пред се, смета дека најголема опасност од комунистичкото општество е тоа што заедничкото поседување на средствата за производство на државата ќе и дадат овластувања кои се далеку поголеми од оние во сегашното општество. „Со укинувањето на секаква индивидуална сопственост, комунизмот уште повеќе прави да зависам од другите. И покрај тоа што жестоко ја напаѓа државата, има намера да воспостави своја држава, (...) таквата состојба на работите, кои го парализираат моето слободно делување има суверен авторитет над мене. Комунизмот со потполно право се буни против угнетувањето што го трпи од страна на индивидуалните сопственици, но уште е пострашна моќта која тој ја дава во рацете на тоталитетот.

И Прудон исто така збори против „комунистичкиот, властодржечки, диктаторски, авторитарен, доктринарен систем кој поаѓа од начелото дека поединецот треба да биде подреден на заедницата“. Поимот кој комунистите го имаат за моќта на државата сосема е ист како за нивните поранешни господари. Тој е дури и помалку либерален. „Како армија која од непријателот грабнала топови, комунизмот не направи ништо друго туку кон армијата сопственици ја сврте нивната сопствена артилерија. Робот од секогаш го имитирал господарот.“ Прудон понатаму вака го опишува политичкиот систем што го припишува на комунистите: „Компактна демократија, заснована на диктатурата на масата, но каде масата има само онолку власт колку е потребно за да се осигура универзално ропство и тоа спрема следниве формули што се превземени од некогашниот апсолутизам:
Неделивост на власта
Централизација која се’ апсорбира
Систематско уништување на сите поединечни, корпоративни и локални мисли за кои се смета дека ќе доведат до раскол
Инквизициска полиција

„Авторитарните“ социјалисти повикуваат на револуција одозгора. Тие сметаат дека државата треба да опстане и после револуцијата. Тие ја задржуваат и уште повеќе ја зголемуваат, државата, власта, авторитетот, владеењето. Она што тие го прават е само промена на називот. Како да е доволно да ги смениме зборовите, за работите да се преобразат. Прудон ја додал и оваа досетка: „Власта по својата природа е контрареволуционерна. Ставете го на власт и св. Винсент де Пол, и тој ќе се претвори во Гизо или Талеран.“

Бакунин ја има развиено критиката за „авторитарниот“ социјализам. „Мразам комунизам затоа што тоа е негирање на слободата и затоа што не можам да замислам ништо човечко без слобода. Во никој случај не сум комунист, затоа што комунизмот ги насочува и ги апсорбира сите сили на општеството во државата, затоа што тоа неминовно води кон централизација на сопственоста во рацете на државата, додека јас посакувам укинување на државата – коренито одделување на овој принцип на авторитет и старателство на државата, која под изговор дека треба да ги морализира и цивилизира луѓето, се до ден денешен ги поробува, угнетува, експлоатира и понижува. Јас сакам организирање на општеството и заедничката или општествена сопственост одоздола па нагоре, по пат на слободно здружување а не одозгора па надоле, по пат на било каков авторитет (...). Еве во која смисла јас сум колективист а никако комунист.“

Кратко време после тој говор, Бакунин пристапил кон Првата интернационала, каде заедно со своите истомисленици, се конфронтирале не само со Маркс и Енгелс, туку и со многу други, кои многу повеќе отколку овие двајца основачи на научниот социјализам, им пружиле можност за напаѓање. Тоа од една страна се, германските социјалдемократи – кои фетишистички се однесувале кон државата и кои со гласачките ливчиња и сојузите при изборите планирале да воспостават двострука „народна држава“ и од друга страна Бланкистите кои заговарале малцинска револуционерна диктатура со привремен карактер. Бакунин огорчено се борел против тие две дивергентни, но подеднакво „авторитарни“ концепции помеѓу кои Маркс и Енгелс се колебале од тактички причини, но поради острите критики од страна на анархистите, морале во помала или поголема мера да ги отфрлат.

Препишувајќи им на Маркс и Енгелс некои намери, кои овие двајца ако навистина ги имале никогаш отворено не ги изразиле – Бакунин извикал: „Но ќе се каже, дека сите работници (...) не можат да станат научници; и не е ли доволно во склопот на ова здружување (Интернационалата) да постои група на луѓе кои поседуваат, во потполност колку што е можно во ова време, знаење, филозофија, и политика на социјализмот, како би биле сигурни дека мнозинството (...),подвргнувајќи се со верба во нивното раководење (...) нема да застрани од патот кој мора да доведе до конечна еманципација на проелетаријатот? Ете тоа е образложението кое го слушнавме, но не е отворено кажано – за тоа немаат ни доволно искреност ни доволно храброст – туку е разработено потајно, со разни, помалку или повеќе, вешти прикривања“. И Бакунин продолжува со својот напад: „Прифаќајќи за основен принцип дека мислата има повеќе право над животот, апстрактната теорија има приоритет над општествената пракса и според кое, социолошкото знаење мора да стане почетна точка на социјални бунтови и социјални реконструкции, тие од тоа нужно извеле заклучок дека мислата, теоријата и знаењето, барем за сега, се исклучиво сопственост на мал број луѓе и поради тоа, тоа малцинство треба да раководи со општествениот живот. Таканаречената „народна држава“ нема да биде ништо друго туку деспотска владеење над народните маси од страна на некоја нова и многу тесна аристократија на вистински или наводни научници.

Бакунин искрено се восхитувал на интелектуалните способности на Маркс, така што го превел на руски неговото најголемо дело Капиталот со што во целост ја прифатил материјалистичката концепција на историјата. Тој најмногу од сите го ценел теоретскиот допринос на Маркс за еманципација на пролетаријатот. Но, никако не одобрува, некаква интелектуална супериорност да може на некому да му даде право да управува со работничкото движење. „Тврдењето дека некоја група на поединци, па дури и најинтелигентните, најдобронамерните, може да стане душа, водечка и соединувачка волја на револуционерното движење и економските организации на пролетаријатот од целиот свет, таквото верување е против здравиот разум и против историското искуство, па со чудење можеме да се прашаме, како човек, така интелигентен како што е Маркс, воопшто можел тоа да го замисли. Воспоставувањето на универзална диктатура, (...) диктатура која во некоја рака би вршела работа на некој главен инжињер на светската револуција, управувајќи и раководејќи со бунтовничките движења на масите од сите земји еднакво како што се управува со некоја машина (...) воспоставувањето на таква диктатура било би само по себе доволно за да ја убие револуцијата, да ги упропасти сите народни движења (...). А што да се мисли за меѓународниот конгрес, кој, наводно во интерес на таа револуција, на пролетаријатот од целиот цивилизиран свет му наметнува некаква влада на кои и се дадени диктаторски овластувања?“

Искуството од Третата интернационала покажало дека – иако Бакунин без сомнеж малку ја исфорсирал Марксовата мисла, и тоа што му препишувал така универзална „авторитарна“ концепција – многу подоцна се обвистинила опасноста за која тој предупредувал.

Тој руски емигрант се покажа како видовит кога станува збор за опасноста од државата во комунистичките уредувања. Според него „доктринарните“ социјалисти тежнеат за тоа „народот да го стават под нов јарем“. Они без сомнеж признаваат, заедно со анархистите, дека секоја држава е јарем, но они тврдат дека само една диктатура – секако, таа нивната - може да создаде слободен народ; ние на тоа одговараме дека ниедна диктатура не може да има друга цел освен да трае најдолго што може.

Наместо да дозволат пролетаријатот да ја уништи државата, они сакаат да биде „пренесена“ во рацете на нивните добродетели, чувари и професори, водачите на комунистичките партии. Но, увидувајќи дека таквото владеење ќе биде, без разлика какви се нејзините демократски облици, права диктатура, тие се тешат мислејќи како таа диктатура ќе биде привремена и краткотрајна. Бакунин меѓутоа им возвраќа дека тоа нема да биде така. Таа наводно, пролазна диктатура, неизбежно ќе доведе до повторно градење на државата, привилегиите, нееднаквоста, сите угнетувања од страна на државата, до создавање на владејачка аристократија која повторно ќе започне со експлоатација и поробување со изговор за заедничката среќа или за спасување на државата. А таа држава ќе биде толку апсолутистичка што нејзиниот деспотизам внимателно ќе се крие позади навидум срдечното почитување на волјата на народот.

Според Бакунин, треба или да се уништи државата или да се помириме со најтешката и најстрашната лага што ја создаде нашиот век, а тоа е црвената бирократија. Бакунин потоа ја споделува оваа досетка: Земете го најрадикалниот револуционер и поставете го на престолот на цела Русија или доверете му диктаторска власт и за помалку од година дена тој ќе стане полош и од самиот цар.

После револуцијата во Русија, Вољин, кој во исто време ќе биде нејзин протагонист, сведок и историчар, ќе утврди дека фактите ја потврдуваат лекцијата на учителот. Да, навистина, социјалистичката власт и социјалната револуција се противречни елементи. Невозможно е да се помират. Револуцијата која се инспирира од етатистичкиот социјализам и му ја поверува својата судбина, без разлика дали е привремено или пролазно, однапред е изгубена. Тргнува по погрешен пат, низ стрмнина која е се поголема. Секоја политичка власт неизбежно создава привилегирана положба на оние кои ја вршат. Кога во свои раце ја превзема револуцијата, кога со неа владее и ја обузда, власта е присилена да создава свој бирократски и принуден апарат неопходен на секој авторитет кој сака да се оддржи, да наредува, да заповедува, со еден збор да владее. На тој начин власта создава некоја врста на благородници, раководители, функционери, војници, полицајци, партиски членови на власт. Секоја власт помалку или повеќе тежнее за тоа во своите раце да ги земе уздите на општествениот живот. Таа ги предодредува масите за пасивност бидејќи со самото постоење на власта се загушува духот на секоја иницијатива. Комунистичката власт е прав чекан. Надувана заради својот авторитет, се плаши од секој слободен чин. Секоја независна иницијатива и изгледа сомнителна и заканувачка. Затоа што она сака да го држи кормилото и сака да го држи сама. Секоја друга иницијатива и изгледа како мешање во нејзините работи и нејзините прерогативи. Тоа за нејзе е неподносливо.

Впрочем што е со она „пролазно“ и „привремено“? Анархизмот категорички ја оспорува таа наводна потреба. Во пресрет на Шпанската револуција во 1936 година, Диего Абад де Сантилијан го затвора „авторитарниот социјализам“ со оваа дилема: „Револуцијата дава општествено богатство на произведувачите или не им го дава. Ако им го дава, ако произведувачите се организираат колективно како би произведувале и споделувале колективно, тогаш државата тука нема што да прави. А ако не им го дава, тогаш револуцијата е само мамец, а државата и понатаму постои. Оваа дилема некои сметаат дека е малку повеќе поедноставена ако се сведе на посакуваната насока, т.е. анархистите не се толку наивни за да сонуваат за тоа како етатистичкото преживување ќе исчезне од денес до утре, но они имаат волја да ги уништат државите што е можно побрзо, додека „авторитарците“ се задоволуваат со перспективната трајност на една „пролазна“ држава, која произволно ја ословуваат „работничка“.

Извор: Анархизам (Даниел Гуерин)

No comments:

Post a Comment