11.8.13

Отфрлање на државата

Анархистите сметаат дека постоењето на приватна сопственост над земјата и над се она што е потребно за производство, при што целта на производството е само профит, преставува зло. Исто така нашите модерни општества мораат да го уништат таквиот систем ако не сакаат да  пропаднат како повеќето стари цивилизации.


Што се однесува до средствата со кои таа промена би можела да се изведе, анархистите стојат наспроти сите фракции на државни социјалисти. Анархистите негираат дека таа задача може да се изведе со помош на државниот капитализам т.е. така што државата ќе го превземе целокупното општествено производство или неговите главни гранки. Железничките пруги, рудниците, земјата да преминат во рацете на модерната држава, т.е. под водство на поставениот парламент, министрите и нивните службени канцеларии – тоа не е наш идеал. Ние во тоа гледаме само нов облик за потчинување на работникот и експлоатација на работникот од капиталистите. И секако, не веруваме дека државниот капитализам е пат кон уништување на ропството и експлоатацијата, ниту еден од чекорите на патот кон таа цел. Додека социјализмот беше сфатен во правото и пошироко значење како ослободување на работата од капиталот, анархистите се согласуваа со тогашните социјалисти. И едните и другите предвидуваа социјална револуција и посакуваа да се дојде до неа. Анархистите се надеваа дека таа револуција ќе роди нова бездржавна форма на општество, додека социјалистите, од кои најголем број биле комунисти, немале точна замисла за пресвртот, иако многу од нив се сложиле дека треба да се ослаби централната власт.

Но, кога не многу голема, но силна фракција на државни социјалисти биле задоени со идејата дека не е потребно уништување на капиталистичката експлоатација, туку дека на нашата генерација и степенот на економскиот развој кој го имаме достигнато, не им е потребно ништо туку само експлоатацијата да се намали така што капиталистите би биле подложени на некои законски ограничувања, анархистите морале да се одвојат затоа што не можеле да се сложат со тоа.

Ако сакаме во иднина да ја уништме капиталистичката експлоатација, тогаш уште од сега, од овој ден, мораме своите напори да ги ориентираме на уништување на таа експлоатација. Ние уште од сега мораме да тежнееме кон тоа, се што служи за производство (рудниците, комбинатите, фабриките, сообраќајот) а особено се што е потребно за животот на производителите, да се предадат од рацете на приватниот капитал на групите произведувачи.
Освен тоа, мора да се заштитиме од пренесување на средствата за живот во рацете на модерната држава. Во време кога социјалистичките партии од цела Европа бараат железничките пруги, производството на соли, рудниците, банките (во Швајцарија) да се предадат на „државата во нејзиниот модерен облик“, ние во тоа превземање на општествените добра од страна на буржоаските држави гледаме една од најголемите препреки за тиe добра да преминат во рацете на производителите и потрошувачите. Во тоа гледаме средство за јакнење на капитализмот, за пораст на нивната моќ во борбата против побунетиот работник. Најостроумните капиталисти најдобро го сфаќаат тоа. На нив, на пример, им е јасно дека нивниот капитал ќе биде подобро сочуван, а нивните дивиденди посигурни ако бидат вложени во железничките пруги кои припаѓаат на државата и со кои таа управува преку воена форма.

Невозможно е да спремаме социјална промена не правејќи никакви чекори спрема тие посакувани промени. Ако тргнеме по тој пат, ние ќе се одалечиме од нашата цел. Со предавањето на производството и размената во рацете на парламентот, министерствата, современите службеници, кои не се ништо освен алат на крупниот капитал (затоа што сите држави се зависни од него) би значело, всушност, да се одалечиме од моментот кога произведувачите и потрошувачите сами ќе станат господари на производството. Зградата на старите монополи не може да се уништи со изградба на нови монополи во корист на истиот монополист.

Не можеме да заборавиме дека црквата и државата биле оние политички сили кон кои прибегнувале привилегираните класи во времето кога почнале да се зацврстуваат, за да станат законски посредници на разни привилегии и права над останатите луѓе. Всушност, државата била таа институција која ги зацврстувала верувањата на двете страни за правилноста на постоењето на привилегиите. Државата е со векови создавана за да го зацврсти владеењето на привилегираните класи над селаните и работниците. Според тоа, ниту црквата ниту државата не може да биде сила која би послужила за уништување на привилегиите.

Ниту државата, ниту црквата не може да биде форма на општествено уредување кое настанува кога привилегиите ќе се уништат. Баш спротивно, историјата не учи дека секој пат кога кај народот се раѓала некоја нова економска форма на живот (на пр. замена на ропството со кметство, или кметството со платена работа) било потребно да се создаде нова форма на политички живот.

Како што црквата никогаш не може да се користи за ослободување на човекот од јамката на суеверието, или да му даде нова, слободно прифатена моралност, и како што чувствата на еднаквост, блиска поврзаност и единството на сите луѓе (без разлика колку ги проповедаат сите религии) се шират во човештвото дури тогаш кога ќе добијат облик потполно различен од оние кои ги пружа црквата (затоа што црквата владее со нив, за тие да служат на свештенството) – исто така економското ослободување ќе се оствари доколку прво се срушат старите политички форми кои својот израз го имале во државата.

Човекот мора да пронајде нови облици за сите општествени функции на кои сега државата распоредува свои службеници. Оружјето за угнетување, поробување и робовска покорност не може да стане оружје за ослободување. Слободниот човек ќе успее да пронајде нови форми на живот наместо поробувачката службеничка хиерархија. Тие форми веќе се наѕираат. И додека не бидат изградени од луѓето кои се ослободуваат, од самата ослободувачка револуција, ништо нема да биде направено.

Анархијата работи за тоа, на тие нови форми на општествен живот да им биде полесно да го пробијат патот, а тоа ќе се случи, како што во минатото секогаш се случувало, во моментите на големи ослободителни превирања, ќе бидат изградени од создавачката сила на народните маси со помош на современото знаење.

Извор: Анархија (Петар Кропоткин)

No comments:

Post a Comment