Психологијата како инструмент за социјална контрола во капиталистичко општество (3)
Социјалистичките движења ги третираа
личното и политичкото како меѓусебно поврзани, и многу „револуции“ немаше да
бидат возможни ако сексуалното и културното ослободување не беа експлицитно
сфатени заедно со економските барања. За
разлика од психологијата, овие движења го поврзаа личното со политичкото на
начин кој ја изнесе на виделина колективната природа на човековата активност.
Универзалноста на борбата за промена ја предизвика и ја надмина
експлоататорската глобализација предизвикана од капитализмот (Parker, 2007).
Голем дел од психолошките
истражувања за социјалното однесување се структурирани според идеолошката
претпоставка дека демократијата ќе обезбеди баланс помеѓу различните
конкурентски политички мислења. Каква треба да биде оваа идеална „демократија“
во пракса е оставено нејасно, но обично се сведува на идејата дека начинот на
кој политичката дебата се води во Западното либерално општество е најдобра. Правото
на слободен говор и гласањето за преставници било и ќе биде високо на агендата,
додека способноста колективно да се утврди што се случува со плодовите од
трудот на луѓето, воопшто не фигурира во овој модел на политика. Овој поглед на
демократската привилегираност на индивидуалната активност над колективната
активност прави сите истражувања на колективната активност да имаат ист
резултат, кој навестува дека колективната активност е недемократска, па дури и
паталошка. Психологијата оди еден чекор понапред, и го вкоренува тој став на
либерална демократија внатре во човековиот ум; што може да биде подобро од тоа
да се види секој поединец како тежнее кон добрите и лошите страни на секој
аргумент, како води сметка за различните ставови кои се изнесени на дебатата.
На овој начин демократијата е загарантирана; барем, одредена ограничена идеја
за тоа што демократијата треба да биде. Оваа психологизација на политичката
активност значи дека оние индивидуи кои не мислат дека се „минијатурни
демократии“, мора да бидат третирани со сомнеж (Parker & Spears, 1996).
Социјалната
психологија се обидува да прикаже дека групите се штетни за луѓето, а
сепарацијата и изолацијата се света гаранција за инвидидуалноста на човекот.
Поединецот треба да разбере дека секој пат кога ќе биде искушуван во
штрајкувачки односи со другите, несреќата сигурно ќе почне да го следи. Поимите
„групна инхибиција“ и „дифузија на одговорноста“ се користат за да се објасни
зошто луѓето не дејствуваат за да го запрат однесувањето за кое знаат дека е
погрешно.
Во скриптата по Социјална
психологија II, групата и колективната активност се прикажани на следниов
начин:
„Според
досегашните истражувања може да се констатира дека масовното однесување, посебно однесувањето
во агресивни толпи и толпи во паника, преставува облик на однесување кое
отстапува од вообичаеното однесување, и има свои посебни карактеристики како
што се: а) засилена емоционалност и зголемена
улога на емоциите во однесувањето; б) истакната ирационалност
во однесувањето изразена како некритичност, отсуство на разумност и
лекомисленост; в) интензивирана активност на целиот организам, пред сè, на
нагоните и на импулсите; г) отстапување од вообичаеното нормално и нормативно
однесување.“
Во
капиталистичкото општество особено се паталогизира и криминализира активностa
на анархистичките групи. Анархистите[1],
спротивно од психолозите, сметаат дека колективната активност е единствен начин
народот да се избори против експлоатацијата од елитите. Анархистичката
структура на организираност е хоризонтална а одлуките се носат со директна
демократија. Во јавноста е создадена слика дека анархистите се борат за
безредие, хаос, разврат, дека немаат морални вредности и дека се насилници.
Нивните акции во медиумите се преставени како акт на лица кои имаат слабо
изградени општествени норми, често интелектуално инфериорни, а неретко и склони
кон деликвенција. Таа слика е изградена токму од елитите преку масовните
медиуми, за да се осигураат дека јавноста ќе го осуди секој чин кој значи
подривање на државниот поредок со цел социјална слобода како ирационален,
криминален и опасен.
Власта
за да ја оддржи социјалната контрола треба да ги неутрализира оние феномени кои
создаваат отпор спрема власта која сака да доминира а тоа се: немирите,
бунтовите, спонтаните организирања, коалициите односно се што може да
предизвика хоризонтално поврзување. Затоа власта при дисциплинирање на личноста
се служи со преградување и со вертикални структури, затоа воведуваат што повеќе
затворени поделби помеѓу различните елементи од исто ниво и спречуваат секаква
комуникација и дефинираат хиерархиски стегнати мрежи (Фуко,2004).
Со развојот на капиталистичкото општество доаѓа до
преструктуирање на распределбата на незаконитостите. Незаконитоста во областа
на добрата се одделува од незаконитоста во областа на правата. Зад таа поделба
се крие класна опозиција бидејќи, од една страна, незаконитоста што ќе стане
најдостапна за народните класи ќе биде незаконитост на добрата што ќе значи:
жесток трансфер на сопственоста; од друга страна, буржоазијата ќе ја задржи за
себе незаконитоста од областа на правата: можност да ги изврти сопствените
прописи и сопствените закони, да обезбеди огромен сектор за стопанска
циркулација со активност која се одвива на маргините на законските
прописи-маргини што самат буржоазија ги предвидела со намерно премолчување или
ги ослободила со фактичко толерирање (Фуко, 2004).
Во
градењето на лоша слика за анархистите голем удел имаат и психолозите со
нивните објаснувања како овие личности имаат нарушување на личноста и како кога
се во група размислуваат ирационално и се водени од нагоните. Всушност
„кривичните дела“ кои ги прават анархистите не се резултат на ирационални сили,
туку дело на свесна политичка акција. Нивните дела се насочени против системот
кој ги експлоатира и угнетува луѓето. Психолозите, кои и самите се дел од
елитата, ја заземаат страната на системот и помагаат во искривувањето на
сликата за овие луѓе, како и за сите останати учесници во колективни облици на
борба против угнетувањето. Тука на помош доаѓаат теориите за интелигенција,
неприлагоденост, нарушување на личноста со цел да покажат дека овие личности
имаат психички проблеми, односно дека патат од „лажна свест“ (Fernandez, 2008).
Иако колективната активност се патологизира од страна на психолозите, кога се
работи за нивно собирање по одредено прашање тогаш колективната активност е
добра.
Одоговорот
на АПА на нападите на Светскиот трговски центар во Њујорк на 11.09.2001 е
поучен водич за погледот на психолозите кога ќе се соочат со екстремна закана.
Зимбардо[2],
после нападите го искористил своето претседателство на АПА, за да се заложи
психолозите да ги стават отстрана своите различности и да се обединат заедно за
да се соочат со овој заеднички непријател, во кој биле вклучени, како што тој
ги нарекувал, „култови на омраза“. Сега се чини, заедницата на психолози треба
да излезе со решение и обединет фронт пред лицето на заедничката закана и во
овој случај оваа колективна активност се смета дека е добро нешто (Parker, 2007).
Кога
другите луѓе, кои не се психолози, се собрани во група, тие се третирани како
објекти на сомневање, склони кон проблематични феномени кои се рангираат од
„групно размислување“ до „ризична промена“[3]
со еден исклучок; тој исклучок е кога тие работат заедно во „заедница“ со една
заедничка цел. Домашниот удобен имиџ на „заедница“ потсетува на пријателските
демократски вредности кои ги одобруваат американските психолози. Проблемот кај
ова е што постои еден исклучок, а тоа е кога луѓето од други култури, кои
можеби би биле непријателски расположени кон Западната „демократија“, ќе се
соберат заедно во заедница – тогаш повторно се активираат старите психолошки
сомневања дека се работи за нешто опасно и загрозувачко. Кога овие заедници
вклучуваат тесно поврзани групи, затворени за аутсајдери, проблемот е сè полош,
и во ваков случај психолозите се загрижени, бидејќи тогаш било која варијанта
на секта или ’култ’ може да се активира. Расистичките ставови на белата западна
психологија доаѓаат до израз кога Западот е под закана, а старите категории кои
се користат за да се патологизираат културите кои се организирани поинаку,
повторно оживуваат.
Психологијата
ги патологизира колективно ориентираните култури како темни, пригушени и
уназадени. Она што ги означува другите цивилизации како „други“ е тоа што се
претпоставува дека тие работат на фундаментално различни принципи кои се туѓи
за западниот начин на живот. Историјата на психолошките „крос-културни“ разлики
помеѓу „индивидуалистичките“ и „колективистичките“ цивилизации е доведена во
игра повторно.
Постојано се пропагира дека кога луѓето се собрани во
група, особено ако причината за собирот е изразување на незадоволство, таа може
да стане насилна бидејќи луѓето почнуваат да прават работи кои надвор од толпа
не би ги направиле. Многу често кога одредена група протестира, има голем број
на полиција, се снимаат луѓето со цел да се заплашат, им е оневозможено
слободно движење итн. Но нема никаков проблем кога има исто толку голема група
како групата која протестира, пред дискотека или во супермаркет, во тој случај
таквите групи се пожелни и се здрави за општеството.
[1] Според анархистите светот е поделен на две класи: експлоататори и
експлоатирани, и според тоа за нив непријатели на слободата се сите структури,
организации или поединци кои пробуваат или се обидуваат да ја одржат таа
хиерархиска состојба. Борејќи се за бескласно општество, се борат против
државата – структура на која единствена цел и е обезбедување и заштита на
интересите на владејачката класа, и капиталистичките односи во општеството, кои
го штитат капиталистот кој живее од
вишок на вредности т.е. од неплатена работа на работниците (ASI,
2011).
[2] Психолог и професор на Универзитетот Стенфорд, познат е по
Стенфорд-затвор студијата.
[3] „Ризична промена“ е феномен кај кој постои
поголема веројатност групите да заземат поекстремни позиции за разлика од
индивидуите.
No comments:
Post a Comment