30.3.13

Работничко самоуправување во Аргентина


  „Фабрика без газди“


После 10 години чекање и тешко извојувана борба за своите работнички права, работниците на една фабрика за керамички плочки во Аргентина, при крајот на мината година го дочекаа денот кога од државата и службено им потврдија дека фабриката им припаѓа на нив. Превземањето на фабриката која била напуштена од сопственикот ја потврди тезата дека работничката сложност може да направи многу повеќе отколку сите бирократизирани синдикати и европски социјалдемократи.
Луиџи Занон, познат италијански бизнисмен кој живеел во Аргентина, високо котирал меѓу богатите аргентинци затоа што во Риколети го направил најголемиот забавен парк во Латинска Америка наречен Италпарк. Во 1979 одлучил да го прошири својот бизнис и отворил фабрика за производство на керамички плочки вo Неукена, Патагонија.

Уште на самиот почеток фабриката успеала да добие големи субвенции од државата и Занон, кој бил голем пријател на тогашниот режим, се заблагодарил на диктаторот Видел, кој од Аргентина направил рај за странските претприемачи. Меѓутоа, луксузниот живот кој го живеел Занон, бил недостижен сон за работниците кои работеле и по 16 саати дневно за мизерна плата, без било какви права и сигурност. Дали има нешто полошо на светот од ваквата тешка работа? Постои. Да ја изгубиш.
90-те не почнале добро ни за Занон ни за Аргентина. Италпарк морал да се затвори затоа што на рингишпил кој со години не бил поправан и оддржуван животот го изгубило 15 годишно девојче. Во фабриката за керамички плочки исто така имало голем број на смртни случаеви на работните места, но никогаш никаква инспекција не ја посетила оваа фабрика.
Во 1994 година додека претседателот Менем ги следел насоките од Вашингтон и покренал приватизациски бран, Хорхе Собиш, гувернер на провинцијата Неукену, на фабриката на Занон и подарил 5 милиони долари од провинциската благајна. Занон, наместо да ги инвестира тие пари во фабриката, едноставно го присвоил целокупниот износ. Почнал да дели отказни решенија и да ги продава машините, затворајќи на тој начин многу погони. Своите постапки ги правдал со кризата. Работниците биле уплашени и не знаеле што да направат. Немале синдикат, никогаш во животот не штрајкувале, дури и не се познавале меѓусебно. Работеле со часови и часови до изнемоштеност во мали групи со цел да не можат да се состанат и да се организираат.
Една банална одлука, турнир во фудбал, донела големи промени. Може да се каже дека почетокот на револуцијата бил означен со првата свирка на судијата на првиот натпревар. Секоја недела работниците се состанувале на периферијата на градот за да играат фудбал и се повеќе се зближувале. Во 2000 година кога работниците од Зенон станале група која размислува, еден нивен колега, Даниел, на работното место доживеал срцев удар. Тој починал затоа што во фабричката амбуланта немало шишиња со кислород. Толку била вредноста на животот на еден работник за Зенон.
Започнале штрајкови, состаноци, обвинувања, а газдата продолжил да дели откази и престанал да им дава плата. Во 2001 решил трајно да ја затвори фабриката.
Кога работниците се нашле пред заклучената врата на фабриката, со месеци без примања и сега оставени на улица, одлучиле да провалат и да ги окупираат фабричките погони.
Влегле внатре и почнале да го прават она што го знаат – да произведуваат керамика.
Околу 200 работници кои цел свој живот примале наредби од својот газда, полни со страв и нестручни за водење на фабрика, решиле да ризикуваат. Сами започнале со производство и на тој начин се спротивставиле на Занон и на целиот систем. Занон ги убедил доставувачите на суровини да престанат со испораката а властите праќале полиција за да ги избркаат работниците од фабриката. За да продолжат со производството, собирале заедно пари, а песок и глина им донирале Мапуче индијанците кои и самите се бореле за гол опстанок.
Воспоставиле сигурносен ситем внатре во фабриката за да се заштитат од саботажа, а поради забрана за користење на името Занон фабриката ја преименувале во FASINPAT (Fabrica Sin Patrones – фабрика без газди). Властите во 2003 година многу се разлутиле и пратиле над 100 полицајци да ја расчистат фабриката и да ги избркаат работниците, но жителите на Неукена застанале во одбрана на работниците. 500 луѓе ја опкружиле фабриката и направиле жив штит со своите тела. Старци, деца, инвалиди во количка, сите се обединиле во борбата против неправдата. Полицијата била присилена да се повлече.
Денеска ФАСИНПАТ, или Занон керамика сеуште произведува, иако Луиџи Занон тврдел дека нема да можат да ја завршуваат цела работа и дека најмногу ќе издржат една година. После 12 години, производството се зголемило а несреќите на работа се намалиле за 95%. Вработени се 200 нови работници, меѓу кои и мајката на Даниел, младиот работник со чија смрт започнал бунтот на работниците.
Работниците не се ограничиле само на производство. Не ја заборавиле солидарноста на луѓето, кои им помогнале кога им било најмногу потребно. Изградиле здравствен дом, им подарувале плочки на семејствата кои немале пари за да ги купат, организирале посети и школски екскурзии во фабриката, како би ја раскажале оваа приказна.
На 10.11.2012 работниците од ФАСИНПАТ и службено станаа сопственици на индустрискиот комплекс.


No comments:

Post a Comment