Анархистичките
организации од целиот свет одбиваат да земат учество во парламентарните избори.
Сметаме дека е многу површно да се поистоветува политиката со нешто што се
одвива исклучиво во парламентот, помеѓу партиите, нешто што гледаме на
телевизија и сл.
Политичката
борба која остава вистинска трага меѓу
народот, се одвива првенствено на работните места и во заедницата. Радикалните
промени не се дојдени од парламентот, туку на парламентите им се наметнати
однадвор, од масовниот притисок одоздола.
Рудолф Рокер го има тоа добро доловено, со познатата реченица: „Политичките права не постојат затоа што се легално
забележани на парче хартија, туку затоа што станаа вкоренета навика на народот
и секој обид за нивно гушење ќе биде соочен со насилен отпор.“
1) Кој е проблемот со гласањето?
Кој проблем? Ние
немаме проблем со гласањето. Како мислиш
дека донесуваме одлуки? Слободно дискутираме и предложуваме на сопствените
состаноци за на крај да донесеме одлуки со гласање (еден човек, еден глас) или
пак сите со консензус се согласуваме што
да работиме, што значи дека ние сепак гласаме. Цело време функционираме на тој
начин, без разлика дали се работи за групи на работните места или групи во
заедницата.
2) Нема да ги подржувате изборите, не предлагате
кандидати за парламент, не сакате ни да гласате?
Ние како анархисти, сакаме
рамноправо општество во кое не постои поделба на луѓето на шефови и работници,
владетели и потчинети. Така да воопшто не сме заинтересирани за бирање на
власт. Кога не прашуваш нас дали ќе ги поддржиме изборите, дали ќе предложиме
кандидати и дали воопшто ќе гласаме е исто како да прашаш човек кој апстинира
од алкохол дали ќе се напие Скопско или Златен Даб.
Изборниот процес е ситуација во
која маса на работници се потпира на неколку преставници од елитата кои ќе
влезат во парламентот за да се борат за нив. Единствена наша улога во сето тоа
е да гласаме еднаш на неколку години или евентуално да ја поддржиме партијата
преку донација или на некој друг начин.
Анархистите не веруваат дека до
слободно, рамноправно и самоуправувачко општество може да се дојде преку
правилни постапки на неколку поединци. Ако
неколкумина можат да ни ја овозможат таа слобода, тогаш истите тие неколкумина
можат и да ни ја одземат.
Во анархизмот постои директна демократија – која се
базира на делегирање наместо на застапување, каде што делегати се бираат само
за да може некоја одлука на мнозинството да се спроведе во пракса или да се
пренесе некое заедничко гледиште на
повисоко ниво. Делегатите во тој случај немаат право да работат против одлуките
на оние кои ги избрале. Делегатите немаат никакви посебни права или привилегии
и подложни се на моментално отповикување ако го прекршат договорот, односно својот
императивен мандат. Очигледно е дека оваа идеја е во потполна спротивност со
парламентарната демократија. Ние не сакаме неколкумина водачи, без разлика дали
се добри, лоши или неутрални, кои наместо нас би ја решиле оваа збрка наречена
капитализам. Всушност ние постојано зборуваме против идејата која ја нагласува
потребата од постоење на елита.
3) Иако не се согласувате со постоечкиот систем,
дали би можеле да ги искористите изборите како платформа за ширење на своите
анархистички и директно - демократски идеи?
Да, секако може да се каже дека
би можеле. Само, цената која би требало да ја платиме е многу висока. Сигурно
би имале можност во неколку минути да го кажеме нашиот став, можеби и повремено би добиле и по некој значаен наслов во
весниците. Резултатот од тоа би било зајакнување на пасивноста која е наследен
дел на изборниот систем. Изборите го прават токму тоа – најголемиот дел од
луѓето остануваат во улога на пасивен набљудувач, наместо да бидат активни
учесници во политичкиот живот. Анархистите сакаат да видат работници кои
превземаат активна улога преку која можат да придонесат за промени на подобро
во општеството. Учествувањето во изборната политика има спротивно постигнување,
луѓето не се заземаат за себе, затоа што мислат дека тоа други го прават за
нив.
4) Зар не мислите дека ако имате луѓе во парламентот,
тоа ќе ви помогне да изградите масовно движење?
Тоа е како да ја
ставите кочијата пред коњот. Дали некогаш постоело масовно движење кое е
изградено од дипломати и политичари? За да биде социјалист избран во
парламентот се подразбира дека од порано би требало да постои голем број на
бирачи кои социјализмот го разбираат и се согласуваат со него, зашто инаку би
гласале за кандидат социјалист?
Дури и ако погледнеме на локално
ниво, луѓето ќе изберат некој за кого сметаат дека може да реши некој моментален
локален проблем. Гласањето во тој случај ќе биде резултат на проблематична
ситуација, а не нејзино решение. Се додека мислиме дека некој друг ќе ни ги
реши проблемите, стануваме попасивни и
позависни.
5) Зошто не би можело и двете?
За почеток, учествувањето во
изборите секогаш резултира со тоа партијата да биде што е можно поумерена. За
да добие што повеќе гласови, партијата мора да делува како „реалистична“ и
„практична“, а тоа значи дека мора да делува во рамките на системот. Ако
користите термини како „социјализам“, „класна борба“, и „револуција“ ќе ги
одбиете потенцијалните гласачи.
Многу е поедноставно да ги
изоставите овие фрази од вашите изборни летки, отколку да објаснувате дека тоа
значи една коренита економска и политичка промена. На крај ќе завршите така што
ќе внимавате да не го навредите вашето потенцијално гласачко тело, наместо да
пробате да ги уверите во вашите радикално поразлични идеи. Историјата е
пренатрупана со примери за партии кои стартувале од позиција во која
комбинирале парламентарна и вон парламентарна политика но сепак на крајот и
самите станале дел од системот. Од марксистичката социјал – демократија на
преминот од 19 во 20 век, па се до зелените партии во раните години на првото
десетлетие од 20 век и сите останати примери на радикални политички партии кои
во почетокот ја нагласувале потребата за директна и вон парламентарна акција.
Навистина, тие партии често за својата вклученост во изборниот процес зборувале
како за најмалку важен сегмент од стратегијата. Сепак, во секој од овие примери
можеме да видиме дека сите тие партии на крајот завршиле мислејќи како
собирањето на гласови е поважно од самата порака. Така револуционарните слогани
и политика како што поминувало времето се разводнувале за да не се навредат
потенцијалните бирачи, а избраниот „преставник“ полека почнувал да губи допир
со реалниот свет.
Ако пак политичката партија
пристапи на изборите од чисто цинична перспектива т.е без илузија за системот,
без вистински интерес да биде бирана, дури и таа партија да успее да избегне разводнување
на своите пораки, со тоа сеуште не е решен темелниот проблем. Која порака се
праќа на избирачкото тело – „вклучи се, возврати го ударот, промени нешто“ или
„вклучи се и поддржи не нас да промениме нешто“? Исто така и претходно имаме
кажано дека е невозможно да бидеш вклучен во изборниот процес без да поттикнеш пасивност и создавање
водство.
6) Веројатно и навистина постојат чесни кандидати,
но проблемот не е до овој или оној кандидат, туку во системот како таков?
Дури и ако моќта и богатството не ги
удрило во глава чесните кандидати, тие можат да ја променат политиката. Еднаш
кога се избрани, политичарите можат да работат како што сакаат се до следните
избори. Не постои механизам за укинување на мандатот на личноста која не се
држи до својата програма. Ние мора да го препуштиме донесувањето на одлуки на
некого над кого немаме никаква контрола а општеството и понатаму останува
поделен на оние кои издаваат наредби и на оние кои ги следат.
Секако, можеме да кажеме дека
системот секогаш толерира еден или два чесни и несебични застапници. Всушност
тоа што постои таков застапник служи за корисна цел – владејачите секогаш можат
да покажат на него и да кажат како тој докажува дека демократијата функционира.
Но дали некогаш сте помислиле
како власта би реагирала да постои поголем број на такви застапници? Или да
постои реална можност за избирање на нова влада базирана на радикална социјалистичка
платформа? Како би реагирал меѓународниот капитал? Колку долго би му требало на
меѓународниот капитал за успешно да ја угаси таквата економија на Македонија?
Како што Ема Голдман истакнала:
„Кога анархистите би биле доволно јаки да ги занишаат изборите на лево, би
морале да бидат исто така доволно јаки да ги потикнат работниците во генерален штрајк“. Ако мислиме нешто да промениме,
ако мислиме да одиме против меѓународниот капитал, тоа можеме да го направиме
единствено во контекст на политизација и директна вклученост на работничката
класа. Тоа никогаш нема да го достигнеме ако масата на луѓе остане само во
улога на пасивен набљудувач или симпатизер.
7) Значи ли тоа дека цела енергија треба да се насочи во анти-изборна кампања?
Сметаме дека тоа воопшто не е
пресудна активност. Нашата цел не се изборите во кои само 10% од луѓето
гласаат, тоа само по себе би било безначајно. Во САД само околу 30% од луѓето
гласаат а се претпоставува дека околу 50% од бирачите воопшто не се
регистрирани. Само за некој без мозок овие податоци би значеле дека во САД луѓето
се поанархистични отколку во Македонија.
Негласањето често може да биде само знак за очај. Ние сакаме работниците да
се организираат и да се борат за алтернатива.
Она што сакаме да го направиме е
да ја искористиме приликата во период на избори, кога луѓето малку повеќе
разговараат за политика, и да ја ставиме под прашање идејата дека важни одлуки
можат да донесуваат само неколкумина, без разлика дали се избрани политичари
или неизбрани финасиски тајкуни; и
наспроти тоа да ги поставиме анархистичките идеи.
8) Не мислите ли
дека десните партии полесно ќе ги добиваат изборите доколку се` повеќе луѓе се воздржуваат од гласање?
Можно е. Сепак, пораката што анархистите
сакаат да ја испратат не е „немојте да гласате“, туку „организирајте се“. Не
сме заинтересирани за потикнување на апатијата.
Доколку доволен број на
работници одбијат да учествуваат во изборниот процес, а во исто време станат
активно вклучени во директно – демократските синдикати, групите во заедницата и
во кампањите кои активно се борат за промени, партијата која е на власт би морала да владее со народ кој во голема
мера ја има одбиено власта како таква. Тоа би значело дека политичарите ќе
бидат подложени на реални притисоци од страна на луѓето кои веруваат во својата
сопствена моќ и кои делуваат во склад со тоа. Значи, анархистите ги повикуваат
луѓето да не гласаат, но во исто време меѓусебно да се организираат и да бидат
свесни за заедничката моќ. Тоа може да ја заузда моќта на власта на начин на
кој илјадници прецртани гласачки ливчиња никогаш нема да можат.
9) Дури
и системот да не е совршен, сигурно се не се противите на концептот за „демократски
права“?
Правото на гласање е само едно од низата
елементи кои работниците (и суфражетките) со тешка борба ги
постигнале во последните неколку стотина години. Демократските права, накратко,
способноста да се организираме и промовираме нови идеи, се важна добивка која
вреди и понатаму да ја браниме. Очигледно е дека подобро е да се живее во
парламентарна демократија отколку во диктатура. Сеуште не постојат значајни
имиграции во Северна Кореја, Иран или Белорусија но голем број на луѓе се
спремни на голем ризик во надеж еден ден да стигнат во Канада, Холандија или
Ирска. Не се работи само за фактот дека во тие земји е подобар стандардот на
живот, се работи и за поголема слобода.
Дури и демократиите со најмногу
маани се присилени да прават отстапки кои диктатурата не мора да ги толерира, а
тоа се однесува на пример на одреден степен на слобода на говор, помал степен
на цензура, правата на жените и хомосексуалците, степенот на независност на
работничките синдикати, или можноста на луѓето да се организираат како би
барале промени во општеството итн.
Сепак ние не сме наивни и
сфаќаме дека ништо од тоа не е апсолутно. Оние што ги нарекуваме права можат да
ни бидат одземени исто како што ни се признати. Нивото на слобода кое го
уживаме одредено е од количината на слобода кои шефовите ни ја даваат како би
ги оддржале повеќето луѓе задоволни, плус количината на слобода која со борба
додатно ја извлекуваме од нив.
Ниедно од правата кои денес ги уживаме не се само едноставно поклонети од
владетелите, за секое било потребно да се избориме.
Во демократските општества
животот е подобар и полесно можеме да се вклучиме во таквата борба. Од таа
причина се залагаме за одбрана на „демократските права“ кои денес ги имаме.
Како што Михаил Бакунин рекол: „И најнесовршената република е 1000 пати
подобра од најпросветлената монархија.“
10). Добро, која е вашата алтернатива?
Служејќи се со директна акција
можеме да ги присилиме политичарите да ги почитуваат желбите на народот. На
пример, ако владата или шефовите пробаат да ја ограничат слободата на говорот,
тогаш анархистите би се потрудиле да потикнат слободен говор кој ги крши
законите со кои тој се ограничува до моментот кога тие закони ќе бидат
повлечени. Во случај на деградација на животната средина, анархистите би поддржале
и поттикнале обиди за спречување на штетата преку масовно попречување на
работата, блокирање на улиците, организирање на протести и сл. Од друга страна
ако шефот одбие да го скрати работното време, а јасно му е посочено на тоа,
работниците би требало да се поврзат во синдикат и да организираат штрајк, или
да престанат да работат после одреден број работни часа. Користејќи директна
акција ги заобиколуваме регуларните канали на делување преку застапници, се
потпираме на сопствената сила и проблемите ги решаваме брзо и ефикасно,
истовремено создавајќи индивидуални и колективни
искуства за понатамошно делување.
Штрајковите во комбинација со
општествените протести се најефикасните начини за да се спречи авторитарните
закони да бидат изгласани и спроведени. На пример, против анти – синдикалните
закони најдобро е да се бориме со штрајкувачки акции и бојкот во заедницата.
Владата, од друга страна, без никакви
проблеми може да прифати говорење од страна на опозицијата со часови, но
општествени протести не може да игнорира.
Во рамките на постоечките
државни институции, политиката ја одредуваат центрите на моќ, односно луѓе кои
не се под влијание на желбите на мнозинството и на потребите на заедницата, туку се под влијание на сопствените
позиции, заработката, удобната положба или пак лоби, застрашување или долгови –
не затоа што се „лоши луѓе“, туку затоа што е таква природата на нивната
положба. Владејачите сакаат дисциплинирана, апатична и потчинета јавност која
нема да ги става под прашање нивните привилегии и законите кои ги штитат тие
привилегии. Затоа, треба да се продлабочи кризата на парламентарната
демократија со организирано и политичко делување на масата, што е само по себе
закана за нивната моќ и битен чекор кон општествени промени.
Значи, далеку од неделување, со
бојкотот на избори анархистите активно поддржуваат алтернатива. Како што
британскиот анархист Џон Тарнер во 1890 година кажал: „Анархистите имаат линија
по која делуваат – ги учат луѓето да се потпираат на самите себе, да ги
потикнат директно да учествуваат во вон парламентарните движења, кои ги
основале за нив самите (...) Еднаш кога луѓето ќе се научат да се потпираат на
самите себе, ќе почнат и да делуваат за себе (...) Ги учиме луѓето да
положуваат надеж во себе, да тежнеат кон заемна помош и солидарност. Ги учиме
луѓето како да основаат сопствени организации за управување на работните места
и во заедницата, да ги отфрлат господарите, да ги презираат законите, државата...“
На овој начин потикнуваме
самосвесност, самоактивност, самоорганизација и взаемна помош – потполна
спротивност на апатијата и неделувањето.
No comments:
Post a Comment