24.2.14

Цајканот во нашите глави: Размисли за анархијата и моралноста

Во моите патувања изминатите неколку месеци, зборував со многу анархисти кои анархијата ја сфаќаат како морален принцип. Некои одат толку далеку што за анархијата зборуваат како да е некакво божество на кое тие се оддале - зајакнувајќи го моето мислење дека оние што навистина сакаат да искусат анархија можеби ќе треба да се разведат од анархизмот. 


Најчестото морално сфаќање што го слушав ја дефинираше анархијата како принципиелно одбивање на употреба на сила со цел да се наметне сопствената волја врз другите. Ова сфаќање има импликации коишто не можам да ги прифатам. Тоа имплицира дека доминацијата е главно работа на лични морални одлуки наместо на општествени улоги и односи, дека сите ние сме во еднаква позиција да практикуваме доминација и дека ни е потребна самодисциплина за да го спречиме тоа. Доколку доминацијата е работа на општествени улоги и општествени односи, тогаш овој моралeн принцип е целосно апсурден, претставувајќи ништо повеќе од начин на одвојување на политички коректните (избраните) од политички некоректните (проколнатите). Ваквата дефиниција на анархијата ги става анархистичките бунтовници во позиција на уште поголема слабост во веќе нерамноправната броба против авторитетот. Сите облици на насилство против луѓе или сопственост, генерални штрајкови, кражба, па дури и такви питоми активности како граѓанската непослушност, подразбираат употреба на сила со цел да се наметне сопствената волја. Одбивањето на употреба на сила со цел да се наметне сопствената волја значи да се стане целосно пасивен - да се стане роб. Ваквото сфаќање на анархијата од неа прави алатка за контрола на нашите животи, а тоа е оксиморон. 

Обидот од анархијата да се направи морален принцип го подрива нејзиното вистинско значење. Анархијата опишува посебен тип на состојба, во која авторитетот или не постои или неговата моќ да контролира е поништена. Таквата состојба не гарантира ништо - дури ниту продолженото постоење на таа состојба, но ја отвора можноста за секој од нас да започне да го креира сопствениот живот за себе самиот во рамки на неговите сопствени желби и страсти наместо во рамки на општествените улоги и барањата на општествениот поредок. Анархијата не е целта на револуцијата; тоа е состојба која го прави возможен единствениот вид револуција кој мене ме интересира - востание на индивидуите за креирање на сопствените животи за самите себе и уништување на она што стои на нивниот пат. Тоа е состојба ослободена од какви било морални импликации, претставувајќи го на секому од нас аморалниот предизивик да ги живееме сопствените животи без ограничувања. 

Бидејќи состојбата на анархија е аморална, идејата за анархистичка моралност е многу сомнителна. Моралноста е систем на принципи кои дефинираат што е добро и лошо однесување. Тоа имплицира на некаков апсолут надвор од индивидуите во однос на кој тие се дефинираат себеси, нешто заедничко за сите луѓе кое прави одредени принципи да се применуваат на сите. 

Не сакам во овој напис да расправам за концептот на „заедничко нешто за сите луѓе“: Мојата поента е дека без оглед на што се заснова моралноста, таа секогаш стои надвор и над живата индивидуа. Дали основата на моралноста е бог, патриотизам, заедништво, производствени потреби, природен закон, „Земјата“, анархија, па дури и „индивидуата“ како принцип, таа секогаш е апстрактен идеал кој управува над нас. Моралноста е облик на авторитет кој ќе биде поткопан од анархистичката состојба исто како и секој друг авторитет доколку таа состојба е трајна. 

Моралноста и судењето одат рака под рака. Критицизмот - дури и грубиот, суров критицизам - е суштествен за подобрување на нашата бунтовничка анализа и практика, но судењето мора да биде целосно искоренето. Судењето ги категоризира луѓето на виновни или невини - а вината е едно од најмоќните оружја на угнетувањето. Кога си судиме или осудуваме себеси или некој друг, ние го задушуваме бунтот - тоа е целта на вината. (Ова не значи дека не „би требало“ да мразиме или да сакаме да убиеме некого - би било апсурдно да се создава „аморална“ моралност, но нашата омраза треба да биде препознаена како лична страст, а не да биде дефинирана во моралистички рамки.) Радикалната критика извира од стварното искуство, активности, страсти и желби на индивидуите и се стреми кон ослободување на бунтовноста. Судењето извира од принципите и идеалите кои се наоѓаат над нас; тоа се стреми да нѐ пороби преку тие идеали. Онаму каде што се појавиле состојби на анархија, судењето честопати привремено исчезнувало, ослободувајќи ги луѓето од вина - како за време на одредени буни кога најразлични луѓе пљачкале заедно во духот на радоста и покрај тоа што целите свои животи биле учени да ја почитуваат сопственоста. Моралноста изискува вина; слободата изискува елиминација на вината. 

Еден дадаист еднаш кажа: „Тоа што сме управувани од морал... направи да биде невозможно да бидеме ништо друго освен пасивни кон полицаецот; тоа е изворот на нашето ропство“. Се разбира, моралноста е извор на пасивност. Сум слушнал за неколку ситуации во кои почнале да се развиваат големи состојби на анархија, а јас самиот сум искусил неколку помали, но во секоја од нив, енергијата исчезнала, а повеќето учесници се вратиле на не-животите што ги живееле пред востанијата. Овие настани покажуваат дека, и покрај степенот до кој општествената контрола се пенетрира во нашиот живот на будење (и голем дел од нашиот сон), можеме да се ослободиме. Но мора да расчистиме со цајканот во нашите глави - моралноста, вината и стравот. Секој морален систем, без оглед за што се залага, тој сепак поставува граници на можностите кои ни се достапни, ограничувања врз нашите желби; а овие граници не се базираат на нашите актуелни капацитети, туку на апстрактни идеи кои во целост нè спречуваат да ги истражиме нашите капацитети. Кога во минатото избивале состојби на анархија, цајканот во главите на луѓето - вкоренетиот страв, моралност и вина - ги плашеле луѓето, одржувајќи ги доволно питоми за да се вратат назад во безбедноста на своите кафези, а состојбата на анархија исчезнувала. 

Ова е значајно од причина што состојбите на анархија не избувнуваат од немајкаде - тие извираат од активностите на луѓето кои се фурстрирани од нивните животи. Можно е секој од нас во секој миг да создаде таква состојба. Честопати тоа би било тактички бесмислено, но можноста постои. Сепак се чини дека сите ние трпеливо чекаме состојбите на анархија да паднат од небо - а кога ќе избувнат, не можеме да ги одржиме. Дури и оние од нас кои свесно ја отфрлаат моралноста се наоѓаат себеси како се двоумат, застанувајќи да ја преиспитаат секоја акција, плашејќи се од цајканите дури и кога околу нема надворешни цајкани. Моралноста, вината и стравот од осуда делуваат како цајкани во нашите глави, уништувајќи ја нашата спонтаност, нашата дивост, нашата способност да ги живееме нашите животи до максимум. 

Цајканите во нашите глави ќе продолжат да ја задушуваат нашата бунтовност сѐ додека не научиме да ризикуваме. Со тоа не мислам дека треба да бидеме глупави - затворот не е анархична или ослободувачка состојба, но без ризикување нема ниту авантура ниту живот. Самомотивираната активност - активност која произлегува од нашите страсти и желби, а не од обидите да се потчиниме на одредени принципи и идеали или да се втопиме во некоја група (вклучувајќи и „анархистичка“) - е она што може да создаде состојба на анархија, она што може да отвори свет исполнет со можности ограничени единствено од нашите капацитети. Да научиме слободно да ги изразуваме нашите страсти - вештина која може да се научи само преку практикување на истото - е од суштествено значење. Кога чувствуваме гадење, радост, желба, тага, љубов, омраза, треба и да ги изразиме. Тоа не е лесно. Почесто се фаќам себеси како се вклопувам во соодветната општествена улога во ситуации кога сакам да изразам нешто поинакво, отколку спротивното. Одам во продавница чувствувајќи гадење од сиот процес на економски односи, а сепак љубезно му се заблагодарувам на продавачот што ме оставил да поминам токму низ тој процес. Доколку тоа го правев свесно, како параван за крадење, тогаш тоа ќе беше забавно, користејќи ја мојата итрост за да го добијам она што го сакам; но тоа е вкоренет општествен одговор - цајкан во мојата глава. Се подобрувам; но имам многу долг пат да поминам. Сѐ повеќе се обидувам да делувам според моите импулси, моите спонтани пориви без да се грижам што останатите мислат за мене. Тоа е самомотивирана активност - активност која произлегува од нашите страсти и желби, од нашата задушена имагинација, нашата единствена креативност. Се разбира, следењето на нашата субјективност на овој начин, живеењето на нашите животи за нас самите, може да доведе до правење грешки, но никогаш грешки кои можат да се споредат со грешките што ги создава прифаќање на зомби постоењето кое е резултат на покорноста кон авторитетот, моралноста, правилата или повисоките сили. Животот без ризик, без можност за грешки, воопшто и не е живот. Единствено преку ризикот на отфрлање на сиот авторитет и живеејќи за нас самите ќе можеме да научиме да го живееме животот до максимум. 

Не сакам ограничувања врз мојот живот; сакам отворање на сите можности за да можам да го креирам сопствениот живот за мене самиот - во секој миг. Тоа значи отфрлање на сите општествени улоги и уништување на сета моралност. Кога некој анархист или каков било друг радикал ќе почне да ми попува за неговите морални принципи - без оглед дали тоа е неприсила, длабока екологија, комунизам, милитантизам или дури идеолошки нужно „задоволство“ - јас слушам цајкан или свештеник, а немам никаква желба поинаку да се справувам со луѓе како цајкани или свештеници, освен да им пркосам. Јас се борам да создадам состојба во која ќе можам да живеам слободно, да бидам сѐ она што сакам да бидам, во свет на слободни индивидуи со кои можам да имам односи во рамки на нашите желби без никакви ограничувања. Имам доволно цајкани во мојата глава - покрај оние на улица - со кои треба да се справам без да морам да се справувам и со цајканите на „анархистичката“ или радикалната моралност. Анархијата и моралноста се спротиставени еден на друг, а секоја ефективна опозиција кон авторитетот ќе мора да ѝ се спротистави на моралноста и да ги отстрани цајканите во нашите глави.

Волфи Ландстрајкер

Преземено од Анархистичка библиотека

No comments:

Post a Comment