Ненасилство! Колку прекрасна идеја. Со години наназад се величи, благодарејќи на Ганди. Од тогаш па до денес, низ целиот свет одекнуваат неговите зборови кои говорат за стравотиите на насилство и за среќата која ја очекува секоја личност која ќе одлучи да ги скроти своите страсти. Бидејќи таа доктрина доаѓа од една од најсиромашните земји во светот; бидејќи ние штом ја слушнеме, пред очите ни се појавува слика од тој свет човек кој за да ги реализира своите идеи, се откажал од се` и живеел многу скромно; бидејќи не можеме да заборавиме дека британските колонијални власти го имаат уапсено поради застапување на такви идеи; бидејќи знаеме дека трагично загина како маченик за слобода – неговите ставови мора да допрат до нашите срца.
Солзи ни навираат на очите, но во грлото чувствуваме горчина. Зборуваме за еден политичар, син на политичар, посветен на интриги и опортунизам. Зборуваме за еден стар лицемер кој додека престојува во Англија е интервенционист и воен заговарач, а по враќањето во Индија, се претвора во пацифист. Зборуваме за фантастичниот мистик кој сакаше неговата земја да стане „светска религиозна велесила“. Теоријата која ја изгради овој Pontifex Maximus е резиме на сите негови затруени доктрини. Не убивај! Не пролевај крв! Не користи насилство! Доброто ќе го надвладее злото! Што во превод значи: патете, прифатете се`, предајте се на божја волја, молете се за оние кои ве прогонуваат...
Следбениците на Махатма ќе се згрозат од ова. За нив ненасилството е вистинска борбена техника која ја докажала својата ефикасност во Индија, во времето на борбата за независност од британската власт. Ете, тоа е митот со кој сакаат да се размавтуваат како би станало попосакувано нивното проповедање на резигнација. Нивната рака можеби и не користи сила, ама затоа нивниот јазик сигурно не избегнува лаги. Како и секоја друга легенда, така и декларираната победа на пацифизмот во Индија се заснова на манипулација. Ниеден општествен конфликт не покажува униформност на методите, во секој контекст постојат истовремено насилни и ненасилни акции. Тоа добро го знаат поборниците на ненасилството кои беа приморани да го избришат од историјата сето она што не е во склад со нивните морални начела.
Дали сакате да чуете една бајка? Си беше еднаш една многу сиромашна земја Индија, која беше угнетувана од Нејзиното Височество Англија. Иако индиското население беше подложено на масакри и брутална репресија, тие не сакаа да користат насилство како не би го повредиле својот чувствителен карактер. Под просветленото водство на Ганди, изградија масовно ненасилно движење кое беше насочено кон протести, неучество, бојкоти, штрајк со глад и граѓанска непослушност, при што успеаја да ја доведат во криза британската доминација. На крајот доброто го победи злото, и Индија без ниту еден испален куршум успеа да ја извојува својата независност.
За жал, историјата не е толку благородна по душа како митот. Бројни се факторите (меѓу кои и насилниот притисок) кои ја натераа англиската власт да се повлече. Англија не беше во можност да ја одржи контролата над својата колонија поради претрпените удари во двете светски војни. За слабеење на британското царство допринесе и вооружената борба на Арапите и Евреите во Палестина од 1945 до 1948. А ако одекот на тие борби допреше до Индија, што тогаш би се случило? Не се работи за неосновано прашање, ако се земе во обзир дека ненасилната слика на движењето кое се бореше за независност на Индија е сосема селективна и склона кон пристрасност.
Ненасилството не беше единствен избор на сите Индијци, отпорот кон англиската колонизација вклучуваше и вооружена борба. Но, поборниците на ненасилството преферираат да го премолчат овој аспект за да можат да ја пропагираат легендата за Ганди и неговите следбеници како единствени покренувачи на индискиот отпор. Никој од нив не се сеќава кој бил Чандра Шекар Азад (Chandra Shekhar Azad), кој со оружје се борел против англиските колонизатори или Багат Синг (Bhagat Singh), револуционер (и горд атеист) кој се борел за „рушење на едниот и другиот капитализам, странскиот и индискиот“ и чии напади на структурата и преставниците на британската власт предизвикувале воодушевување и одобрување кај широкиот слој од населението (откако бил фатен од страна на англичаните, Синг е обесен со целосна индиферентност од страна на Ганди, што предизвикално бројни и остри критики за него; но зар тоа не е уште еден начин за елиминирање на конкуренцијата?). Ако навистина сите индијци беа верни на ненасилниот принцип, како можеме да го објасниме тогаш фактот дека Субас Чандра Бозе (Subhas Chandra Bose), кандидат на „најесктремната“ струја на движењето, два пати е избран за претседател на Индискиот Национален Конгрес, 1938 и 1939?
Тоа што денес историјата се грижи да остане само сеќавањето за Ганди, на штета на сите други кои се бореле против британското царство, не е затоа што тој преставувал еднодушен глас на Индија. Тој бил едноставно најрепрезентативен од западна точка на гледиште, бил најсигурен влог; затоа британскиот печат му поклони толкаво внимание и затоа беше вклучен во преговорите со англиската влада. Подобро е да се преговара со реформистички религиозен политички лидер кој повеќе пати покажал „верност“ и благонаклонестост кон англиската власт, отколку со некој опасен субверзивен идеалист.
Во однос на тоа треба да нагласиме дека движењето за ослободување на Индија воопшто не победи: Англичаните не беа приморани да ја напуштат Индија. Одлучија само да го сменат обликот на власта, преминувајќи од директна во индиректна власт. Каква е таа победа која им дозволува на „губитниците“ да го диктираат времето и начинот на подемот на победниците? Англичаните донесоа нов устав и ја пренесоа власта на од нив избрани наследници. Го разбудија духот на верскиот и етнички сепаратизам за да ја поделат Индија, оневозможија да достигне просперитет и ја направија зависник од западна помош. Индија и ден денес е експлоатирана од западните мултинационални компании (секако, и индиските мултинационални претпријатија се придружија во гозбата) и ги снабдува со ресурси и пазар земјите од Западот. Иако Индија ужива поголема автономија на некои подрачја, што доведе до тоа неколкумина Индијци да превземат важни позиции, во многу аспекти сиромаштијата на нејзиното население се нема намалено, додека експлоатацијата стана дури и поефикасна. Таквата ситуација не говори во корист на ненасилството, но неговата корист е видлива на други места и служи на други видови на интереси. Во Средниот Век, се што било човечко и сакало да трае, морало да прифати облик на религија; науката, уметноста, филозофијата, сите морале да носат свештеничка одежда. Денеска религијата, губејќи го некогашниот престиж, се маскира во хуманитарни дела. Се преправа дека ги отфрла догмите и дека го задржува само моралот, духот на добродетелството. Се покрива со маската на посветеност спрема човештвото. Празноверието се камуфлира во трагање по земска среќа.
Ганди послужи како иницијатор. Позади него се испреплетува сплет на лица кои избегале од богословието, излезени од сите канализации, кои проповедаат пасивност и резигниција. Насекаде можеме да го слушнеме нивното рецитирање на молитвите за препуштање и трпение. Влегуваат и во редовите на бунтовниците, сејат обесхрабрување, потикнуваат недоверба и ја кастрираат енергијата. Зборуваат за толеранција. Но, не можеме да бидеме толерантни спрема непријателот. А непријателот е оној кој проповеда трпение и препуштање, оној кој се противи на користење на насилство. Непријател е секој оној кој вели дека не треба да напаѓаме, дека мора да чекаме.
Да чекаме! Работникот умира жив запален; чекајте. Сиромаштијата ја принудува жената да го продава сопственото тело; чекајте. Детето, помеѓу чеканот на родителите и наковалната на школото, се одгледува како впрегнато животно; чекајте. Храната која ја јадеме е загадена; чекајте. Воздухот кој го дишеме е загаден; чекајте. Се уништуваат областите во кои живееме; чекајте. Богатите се` повеќе се богатат, сиромашните се` повеќе осиромашуваат; чекајте. На банкарите им се пружа помош, над штедачите се прават измами; чекајте. Политичарите шарлатани просперираат и се дебелеат; чекајте. Војните одземаат животи во целиот свет; чекајте.
Што да чекаме? После страшната мистификација на минатото, што да чекаме? Дали се сеќавате каква надеж ни влеваше постојаниот напредок? Сите приказни за ослободувањето од работното ропство, за благосостојбата за сите, за општествената рамноправност и еднаквост... Години и години беда, попусто очекување, очај. Погледнете каде стигнавме: до престоечката катастрофа на денешницата, до вознемирувачкото отсуство на иднината. А зошто? Затоа што наместо да дозволиме бесот да ги наоружа нашите срца и нашите раце, ние претпочитавме да слушаме глупости за умереноста, толеранцијата, ненасилството.
Што да чекаме? Зар нас не не` дели бездна, од една страна сиромашните, од друга страна богатите? Сите сиромашни знаат дека причина за нивното патење и смрт е постоењето на богатите. Сите богати знаат дека можат да уживаат и да се забавуваат само благодарејќи на покорноста на сиромашните. Дали постои еден единствен богаташ кој не знае од што се храни? Дали постои еден единствен сиромав кој не знае зошто тој мора да биде таа храна? Нема веќе време за лицемерие. Не можеме само да ги спуштаме рамењата.
Треба да се осуди секој облик на насилство, кажуваат политичарите кои гласаат за војна. Треба да се запре секој облик на насилство, кажуваат војниците додека ги фрлаат своите бомби. Треба да се спротивставиме на секој облик на насилство, кажуваат полицајците со пендрек во рака. И тие се против насилство, ама само против насилството на угнетените. Меѓутоа, го обожаваат и со јак жар го практикуваат насилството додека се во униформа. Затоа што државата поседува монопол над насилството. Наместо да се спротивстават на споменатиот монопол, мировниците го зацврстуваат. Знајте дека само ние можеме да користиме насилство, урлаат државните службеници. Знајте дека ние никогаш нема да користиме насилство, урлаат идеолозите на ненасилството. Спротивностите се привлекуваат и сочинуваат совршен пар. Државата и ненасилството многу добро се разбираат и се согласуваат, како садист и мазохист.
No comments:
Post a Comment