Анархистите се против
национализмот во секој негов облик. Англиските анархисти Стјуарт Кристи и
Алберт Мелцер го истакнаа очигледното: „Затоа што нацијата подразбира држава не
е можно во исто време да бидеш националист и анархист.
За да ја разбереме подобро оваа
позиција мора да дефинираме што подразбираат анархистите под национализам. За
многумина тоа е на пр: приврзаност кон домот и местото на растење. Според
Михаил Бакунин, народноста е „природен и социјален факт“ затоа што „секој човек
и најмалата општествена единица имаат своја личност, свој специфичен начин на
постоење, свој начин на говор, чувствување, мислење и делување; овој начин на
однос спрема светот ја сочинува сржта на народностите.“ Овие чувства очигледно
не постојат во социјалниот вакум. Не може да се дискутира за нив без да се
дискутира за природата на општествените единици, за тоа кои класи и други
социјални нееднаквости тие општествени единици ги содржат. Кога ќе го направиме
тоа, анархистичкото противење на национализмот станува појасно.
Ова значи дека анархистите
разликуваат народност (припаѓање на некоја култура) и национализам ( во оквирот
на државата и власта). Таквото разликување ни дозволува да одредиме на што се
спротивставуваме а што подржуваме – национализмот во неговиот корен е
деструктивен и уназаден, додека културните разновидности и припаѓањето се извор
на единство, социјална разновидност и виталност.
Таквата разновидност треба да се
негува и да се дозволи да се изрази на сопствениот начин. Или според, Мјуреј
Букчин, „тоа што одредени луѓе треба да имаат слобода да го развијат својот
културен потенцијал не е само нивно право, туку нивна потреба. Доколку
величествениот мозаик од различни култури биде заменет со културно осакатен и едноличен
свет создаден од модерниот капитализам, светот ќе биде еднолично место.“
Но како што Букчин предупредува,
културната слобода и разновидност не смее да се поистоветува со национализмот.
Национализмот е многу повеќе (и етички многу помалку) од едноставното
препознавање на културните единствености и љубовта за домот. Национализмот
подразбира желба за создавање држава – нација, и од таа причина анархистите се
противат на национализмот, во секој негов облик.
Тоа подразбира дека национализмот
не може и не смее да се меша со народноста. Народноста е производ на разни
општествени процеси, додека национализмот е производ на државното делување и
владејачките елити. Општествената еволуција не може да се збие во тесните,
ограничувачки граници на државите – нации, затоа што така штети на поединците,
чии животи го овозможуваат истиот тој општествен развиток.
Државата е централизирано тело
кое поседува моќ и монопол над силата (полиција, војска). Како таква, државата
присвојува автономија над областите и луѓето, т.е во име на „нацијата“ ја
уништува животната реалност на „нацијата“ (луѓе и култура) со еден закон, една
култура и една „официјална“ историја. За разлика од повеќето националисти,
анархистите го препознаваат фактот како ниту една „нација“ во реалноста не е
хомогена и нацијата ја сметаат за многу покомплексна од линијата на мапата,
создадена со освојување. Сметаме дека создавањето на централизирана држава на
некоја одредена област, онака као што националистичките движења генерално го
бараат, не можат да го решат т.н. „национално прашање“.
Како што наведува Рудолф Рокер:
„нацијата не е причина туку последица на државата. Државата е таа што создава
нација а не обратно.“. Секоја држава „е вештачки механизам наметнат на луѓето
одозгора, од некаков владетел, и никогаш не служи ниту за една друга цел освен
за одбрана и осигурување на интересите на привилегираното малцинство во
општеството“. Национализмот „никогаш не бил ништо повеќе од политичка религија
на модерните држави. Создаден е со цел да ја зајакне државата, за да осигура
послушност од луѓето кои делат јазични, етнички и културни афинитети. Во случај
наведените афинитети да не постојат, државата ги создава со централизираното
образование во своите раце, наметнувајќи „официјален“ јазик и пробувајќи да ги
уништи културните разлики внатре во своите граници.
Тоа се случува затоа што државата
не ги третира групите на луѓе како единствени индивидуи, туку според зборовите
на Рудолф Рокер: „како индивидуи со ограничен број на особини и посебни
психолошки својства или интелектуални квалитети“ што „неповратно води до
моструозно погрешен заклучок“. Ваквата претпоставка создава теориско
оправдување за авторитарност и дозволува исфрлање на сите форми на
индивидуалност, локални обичаи и култура кои не го задоволуваат апстракниот
стандард. Како додаток, национализмот ги прикрива „класните разлики“ во
„нацијата“ аргументирајќи за обединетост на луѓето околу т.н. заеднички
интереси (како членови на иста „нација“) додека во реалноста тие немаат ништо
заедничко поради постоењето на хиерархија и класа.
Ерико Малатеста го идентификува
наведеното со тоа што тврди дека не можеме да збориме за државите како да се
„хомогени, етнографски заедници секоја со сопствени интереси, желби и цели кои
се спротивставени на интересите, желбите и целите на непријателските заедници.
Ова може да биде релативно точно, толку долго, колку што угнетуваните, особено
работниците не се свесни и не успеваат да ја препознаат неправдата на
сопствената инфериорна позиција и така остануваат послушно средство на
сопствените угнетувачи. Во тој случај, „доминантната класа е единствена која е
важна“ и ова „поседување на желбата да ја сочува и зголеми својата моќ... може
да ги зголеми расните амбиции и омраза, и да ја прати својата нација, своето
„стадо“, во странските земји, со цел „ослободување“ на тие земји од
моменталните угнетувачи и подложувајќи ги на својата политичка и економска доминација.
Во таа смисла, национализмот е
клучна алатка за замаглување на класните разлики, со цел луѓето кои се
подложени на хиерархии, да почнат да ја сфаќаат таа хиерархија како нешто
природно. Национализмот, како таков, игра важна улога во оддржување на
постоечкиот систем (и поради тоа не сме изнеадени што државата – нацијата се
појавува во исто време како и капитализмот). Подеднакво е и со меѓународната
поделба внатре во работничката класа, и тоа го искористува државата – нација
како би ги свртела работниците родени во одредена земја против имигрантите.
Успевајќи во тоа да домашните работници ги обвинуваат дојденците,
капиталистичката класа го ослабува секој отпор кон сопствената моќ, исто како и
кога економско/елитистичките прашања се претвараат во расни/националистички
прашања.
Во тоа светло, национализмот е
„идеологија на државата“ која секогаш говори во термини „ нашата земја наспроти
странските“ мислејќи со тоа пред се како сме робови на сопствената влада.
Национализмот се обидува да ја замени љубовта кон сопствениот крај каде што сме
пораснале во „љубов спрема државата“ па според Бакунин тоа „не е искрено
изразување“ на ова природно чувство туку е „израз кој е искривен со помош на
погрешна апстракција, а се во корист за експлоатација од страна на малкумина“.
Непотребно е да се спомене дека
национализмот на буржоазијата често е во директен судир со луѓето кои ја
сочинуваат таа нација, за која буржоазијата тврди дека толку многу ја сака.
Бакунин едноставно го истакнал фактот кога забележал дека капиталистичката
класа „повеќе би се продала на странски газда“ отколку да се одрече од
сопствените привилегии и да прифати економска еднаквост. Ова не значи дека
буржоазијата е непатриотска; баш спротивно, патриотизмот во својата најтесна
смисла се базира на буржоаски особини. Но буржоазијата ја сака својата земја
само затоа што за нив земјата (изрзена во државата)преставува чувар на
економската сигурност т.е. на политичките и општествени привилегии. Би се
одрекле од секоја нација која би им ускратила таков вид на заштита. Затоа за
буржоазијата земјата е држава. Државните патриоти стануваат најлоши непријатели
на народот во случај кога народот е премногу уморен од жртвување и угнетување и
кога одбива послушност кон државата.
Кога буржоазијата би морала да
бира помеѓу народот кој се спротивставува на државата и странски освојувачи,
буржоазијата сигурно би го одбрала второто. Ако ги земеме во обзир ставовите на Бакунин, тој сигурно не
бил изненаден со фашизмот во Италија, или со „разбивањето на револуционерните
движења“ од страна на Сојузниците во пост – фашистичката Италија и давање
„своја поддршка на фашистите кои се извлекле преминувајќи на нивна страна“.
Национализмот често се користи за да се оправдаат страшни злосторства, во кои
нацијата успешно го заменува Бога, во смисол да се оправда неправдата и
угнетувањето и дозволува на поединци да ги „исперат рацете“ од злоделата кои ги
направиле. Затоа што „под идејата, нација, се може да се сокрие“, аргументира
Рокер (повторувајќи го Бакунин).
„Националните знамиња ја
прикриваат секоја неправда, секоја нехуманост, секоја лага, секое насилство,
секое злосторство. Колективната одговорност на општеството го убива чувството
на праведност во поединецот, и го доведува човекот до точка на нереагирање на
направената неправда; до точка каде што почнува да му се чини дека посветеноста
на интересите на нацијата е благороден чин.“ Па затоа кога се збори за
национализам, Рудолф Рокер тврди дека: „не смееме да заборавиме дека имаме
работа со организирана себичност на привилегираното малцинство кое се крие под
здолништето на нацијата и позади
лековерните толпи луѓе. Се зборува за национален интерес, национален капитал,
области од национален интерес, национална чест и национален дух; но забораваме
дека зад ова се кријат себичните интереси на политичарите кои обожаваат моќ и
интересите на бизнисмените кои обожаваат пари, за кои нацијата е пригоден
параван за криење на својата лична алчност и планови за освојување на политичка
моќ, далеку од очите на светот.“
Многу често гледаме успешни
движења за „национално ослободување“ кои го заменуваат странското угнетување со
домашно. Националистичките влади, според Букчин, ги превземаат „најлошите
особини баш од оние царства од кои угнетуваните пробале да се ослободат. Не
само што репродуцираат државни апарати кои се исто така насилни како оние кои
се наметнати од колонијалните сили, туку и ги зајакнуваат истите тие механизми
со културни, религиски, етнички и ксенофобиски карактеристики, кои често се
користат за потпалување на регионална и национална омраза и под
империјализмот“. Ова не не изненадува со обзир дека национализмот дава моќ на
локалните владеачки класи, бидејќи се потпира на превземањето на државната моќ.
На крајот на краиштата, национализмот никогаш не може да ја ослободи
работничката класа (огромно мнозинство на одредена „нација“) затоа што негова
функција е да се изгради масовна подршка од базата на локалните елити кои се
противат на империјализмот, затоа што тој ги попречува во нивните амбиции, да
ја владеат и експлоатираат „сопствената“ нација и сонародниците. Всушност,
национализмот не е закана за капитализмот, нити пак за империјалимзот. Тој ја
заменува империјалистичката доминација со локалната елита а надворешното
угнетување и експлоатација останува исто само што се заменува со локална
верзија.
Тоа што локалните елити, баш како
и империлијалистичките, понекогаш воведуваат реформи од кои имаат корист
мнозинството, не ја менува природата на новиот режим, иако потенцијално
доведува до конфликт со империјалистичките сили. Како што тврди Ноам Чомски за
империјализмот „национализмот сам по себе не е закана, туку независниот
национализам кој се фокусира на потребите на населението а не само на богатиот
сектор и странските инвеститори со кои тие се поврзани. Потчинетиот
национализам кој не се грижи за потребите на популацијата е повеќе од
добредојден“, тој е „подготвен да се справи со потребите на популацијата,
доколку е таа спремна да ја продаде земјата на странски господар, како што се
елитите на Третиот свет (вклучувајќи ги и земјите од Источна Европа)кои се
спремни тоа да го направат бидејќи тие во голема мера можат да профитираат дури
и ако нивните земји се уништени. Сепак, независниот национализам е како
социјална демократија во империјалистичките земји и единствено што може, во
најдобар случај е да го намали злото од класниот систем и општествената
хиерархија, а на крај краева никогаш не може да се ослободи од нив (во најлош
случај создава нови класи и нова хиерархија кои се концентрирани околу
државната бирократија).
Анархистите се спротивставуваат
на национализмот во сите негови облици, затоа што е штетен за оние кои ја преставуваат
нацијата и нивниот културен идентитет. Рокер тоа го објаснува вака: луѓе и
групи на луѓе „постоеле далеку пред државата“ и се „развивале без поддршка од
државата. Групите на луѓе биле спречени во својот природен развој единствено кога
се замешале одредени надворешни сили и насилно нивните животи ги ставиле во калапи
за кои претходно не знаеле.“ Спротивно на тоа „нацијата подразбира голем
спектар на различни луѓе и групи на луѓе, кои се сите заедно, помалку или
повеќе со насилни методи ставени во оквирот на заедничката држава.“ Или со
други зборови „нација без држава е незамисливо.“ Земајќи го во обзир досега
кажаното, ние подржуваме народности и културални разлики, разновидоност и
самоодредувањето како природен израз на нашата љубов спрема слободата и
поддршка на децентрализацијата. Сепак, ова не смее да се помеша со национализмот.
Јасно е дека народот кој превзема идеја
за расна, културна и етничка супериорност или „чистота“, или пак верува дека културалните
разлики се биолошки определени – нема да добие поддршка од анархистите.
Исто така не е изненадување дека
анархистите отсекогаш биле најдоследен непријател на екстремните форми на национализмот
– фашизмот („политичка – економска држава, при што владеајчката класа на секоја
земја спрема своите луѓе се однесува исто како што се однесува спрема луѓето во
колонизирани земји“). Покрај тоа ние не ги поддржуваме оние аспекти на одредени
култури кои оддржуваат општествена хиерархија, (на пр: многу традиционални
култури имаат сексистички и хомофобични тенденции). Со тоа што поддржуваме
народности, не се залагаме за толеранција на наведените аспекти. Но, негативните
аспекти на одредена култура не оправдуваат интервенција на други држави кои
сакаат да им ја наметнат својата волја во име на „цивилизацијата“. Историјата
покажа дека таквите „хуманитарни“ интервенции, само се параван за оправдување
на империјалистичките освојувања и експлоатација и ретко успеваат, затоа што за
културна промена треба да се борат од долу, преку независни акции на угнетените
за промената вистински да биде успешна.
Во спротивставувањето на национализмот,
според Малатеста, анархистите се „горди интернационалисти.“ Се бориме за
„ставање крај на секое угнетување и експлоатација“, настојуваме „да се разбуди
свеста за спротивставените интереси помеѓу оние кои доминираат и кои се
доминирани, помеѓу експлоататорите и работниците, развивање на класна борба во
секоја земја и развивање на солидарност помеѓу сите работници, независно од
границите, се спротивставуваме на секоја предрасуда и на секоја расна или
национална страст.“
Мораме да истакнеме дека
анархистите, противејќи се на сите форми на експлоатација и угнетување, се
борат и против доминацијата ( над луѓе и територија) на една земја врз друга
(империјализам). Овој став произлегува од нашиот основен принцип, преку зборовите
на Кропоткин, дека „вистискиот интернационализам ќе биде остварен со
независноста на секој народ, мал или голем – исто како што анархија се
остварува со независноста на секој поединец. Ако кажеме дека не признаваме
власт на човек над човека, како тогаш можеме да дозволиме владеење на
освојувачки нации над освоените нации?
No comments:
Post a Comment